1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Унгарија го урна првиот камен од ѕидот

19 август 2009

Во август 1989 година, 500 граѓани на ГДР го искористија т.н „Паневропски пикник“ на унгарско-австриската граница, кога симболично беше отворена границата и пребегаа кон Западот. Бегството го поттикна распадот на ГДР.

https://p.dw.com/p/JDfc
Масовно бегство во 1989 годинаФотографија: picture alliance/dpa

Вообичаено, граѓаните на ГДР, можеа да одат на одмор само во „збратимените“ социјалистички земји. Додека во Источен Берлин, Единствената социјалистичка партија на Германија, и покрај навестувачките промени во Москва, ги организираше свеченостите по повод 40-годишнината од формирањето на ГДР, илјадници граѓани го искористија летниот одмор за масовно бегство. Амбасадите на Сојузна Република Германија во Прага и во Будимпешта, како и постојаното застапништво во Источен Берлин, беа преплавени од бегалци. Тие мораа да бидат затворени. Но повеќето бегалци најдоа еден посебен пат: Унгарија на 27 јуни, додуша не ја отвори границата со Австрија, но симболично ја оддели бодликавата жица и ги укина мерките за надгледување на границата.

Flash-Galerie Massenflucht aus der DDR 1989
Бегство од ГДРФотографија: picture alliance/dpa

Речиси и да немаше ден без стотици граѓани на ГДР да ја минат границата кон Австрија и оттаму да заминат кон Сојузна Република Германија. Тие бегаа поради режимот на тајната служба Штази и слабата социјалистичка економија на државата: „Се’ уште не можам да верувам дека сум овде. Директно се симнав од автобусот овде пред Шоброн и преминав на другата страна.“ „И се придружив на колоната бегалци. Сто метри пред границата застанаа и сите излегоа, се стрчав кон оградата, скокнав и бев во Австрија.“

Граѓаните на ГДР ја искористија шансата за бегство кон Австрија

За 19 август, предвечерјето на националниот празник на Унгарија, унгарските опозициски групи и Паневропската унија повикаа на т.н. „Паневропски пикник“ на границата кај Санкт Маргаретен во австриската покраина Бургенланд, и Шоброн во Унгарија. Притоа, со децении затворената гранична порта требаше симболично да биде отворена неколку часови. Манифестацијата беше одобрена од двете земји и се оддржуваше под покровителство на европскиот пратеник Ото фон Хабсбург и унгарскиот државен секретар Имре Пожгај. Меѓу летувалците од ГДР во Унгарија овој термин се прошири како оган. На пикникот учестуваа 15 илјади луѓе, стотици граѓани на ГДР ја искористија шансата за бегство кон Австрија. И покрај официјалната наредба за пукање, унгарските граничари не ги нападнаа граѓаните на ГДР кога се приближуваа до дрвената ограда.

Браната беше скршена

Масовното бегство создаде празнина во Железната завеса, која стана провидна уште на 2 мај, кога унгарската влада објави дека ќе ги отстрани граничните пунктови кон Западот. Ден по ден беа остранети 600 метри бодликава жица на унгарско - австриската граница. Во јуни и министрите за надворешни работи на двете земји ги земаа клештите в рака: Тогашниот австриски министер за надворешни работи Алојс Мок: „Му заблагодарувам на мојот унгарски колеа Гила Хорн за овој симболичен чин. Ова е најубавиот момент во мојата дипломатска и политичка кариера.“

Flash-Galerie Massenflucht aus der DDR 1989
Австриски граничар ја отвора бодликавата жицаФотографија: picture alliance/dpa

На 10 септември браната беше скршена; Унгарија им дозволи на сите граѓани на ГДР официјално да отпауваат кон Запад. Подоцна, кога историскиот развој кој започна во ова лето зафати поголеми димензии и конечно падна Берлинскиот ѕид и тогашниот германски канцелар Хелмут Кол и‘ се заблагодари на владата во Будимпешта: „Без храбрата одлука на унгарската влада, да им дозволи на нашите германски сонародници да отпатуваат, немаше да бидат можни драматичните промени и почетокот на реформите. Барем не толку брзо. Унгарија го урна првиот камен од ѕидот.“

Три месеци по „Паневропскиот пикник“ падна Берлинскиот ѕид. Музеј во близина на Санкт Маргаретен денес потсетува на некогашните историски случувања.

Автор: Даниел Шешкевиц / Александра Трајковса

Редактор: Жана Ацеска