1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Синофарм и Спутник наместо ЕУ-вакцините

Феликс Шлагвајн
18 февруари 2021

По руската, населението во Унгарија наскоро ќе се вакцинира и со кинеската вакцина. Премиерот Виктор Орбан сака да биде побрз од останатиот дел од ЕУ. Но лекарите и народот се скептични.

https://p.dw.com/p/3pXlx
China Peking | Sinopharm Impfstoff
Фотографија: Zhang Yuwei/AP/picture alliance

Се чини дека на улиците во Будимпешта нема многу воодушевени од кинеската вакцина. Една жена која облечена со дебела зимска јакна и завиткана со шал си го шеташе кучето во парк, на нашето прашање одмавнува со раката. „Не верувам во тоа,“ вели таа, додавајќи дека не би се вакцинирала со кинеската вакцина „Веро“ на Синофарм.

И Балаш Болдог е со сличен став. „Би се вакцинирал со кинеската вакцина само ако нема друга опција – ама има“, вели овој 45-годишник. „Сакаат да ни ја наметнат оваа вакцина, без да имаме научни анализи за неа,“ вели тој покажувајќи кон зградата на парламентот.

Со месеци унгарска влада кокетира со кинеската вакцина. Но, таа сега веќе пристигна. 550.000 дози „Веро“ слетаа во вторникот на аеродромот во Будимпешта. Кон крајот на јануари Унгарија стана првата, а засега и единствената ЕУ земја која одобри употреба на кинеската вакцина. Вкупно 5 милиони дози треба да пристигнат во наредните четири месеци. Со ова може да се вакцинираат околу 2,5 милиони луѓе, или речиси една четвртина од вкупното население.

До Велигден со помош на кинеската вакцина може да се вакцинираат сите оние кои до сега се регистрирале за вакцинација онлајн, објасни премиерот Виктор Орбан во интервју за државното „Кошут радио“. Пред вакцините да бидат дистрибуирани во центрите за вакцинација, треба да бидат проверени од Центарот за национално јавно здравје (ННК).

Ungarn | Coronavirus | Ankunft Impfstoff Sinopharm in Budapest
Фотографија: Zoltan Mathe/AP Photo/picture alliance

Недостасуваат научни анализи за вакцината на Синофарм

Унгарија за сега е единствената земја во ЕУ која ја одобри и руската вакцина Спутник V. Според докторката Сесилија Мулер, од минатиот петок во четири болници во Будимпешта се врши вакцинација со оваа вакцина.  Во следните три месеци во Унгарија ќе бидат испорачани вкупно две милиони дози.  На почетокот од февруари стручниот журнал „Лансет“ ("The Lancet") потврди дека по прелиминарните анализи на податоците од третата фаза од студијата е утврдено дека руската вакцина има ефикасност од 91,6%.

За кинеската вакцина се уште нема вакви веродостојни наоди. Кина тврди дека вакцината е со 79,3% ефикасност, додека Обединетите Арапски Емирати зборуваат за 86% ефикасност на вакцината. Досега Синофарм по итна постапка е одобрена во 13 земји и според информациите од унгарската влада со неа се вакцинирани над 30 милиони луѓе. Во Европа засега оваа вакцина се користи во Србија, а сега ќе следи и Унгарија. 200 илјади дози од вакцината нарачаа и македонските здравствени власти.

Критика за стратегијата на ЕУ за вакцинирање

Одобрувањето на вакцината на Синофарм, исто како и за Спутник V, се спроведе без претходно одобрување од Европската агенција за лекови, ЕМА. Земјите членки на ЕУ смеат да дадат одобрување по итна постапка за користење на вакцина на нивна територија. Членови на унгарската влада со недели ја критикуваат, според нив, премногу бавната кампања за вакцинација во Европската унија.

Повеќе:

-Вакцинација: ЕУ ја прилагодува својата стратегија кон корона-мутациите

-Вакцина-трилер во Брисел: што е следно меѓу ЕУ и АстраЗенека?

-Коронавирус: Кина со вакцините „извезува“ и влијание?

Во говор во унгарскиот парламент во понеделникот, премиерот Орбан изјави дека на Унгарија и се потребни сите вакцини кои може да ги добие за да се заштитат човечки животи и работни места од коронавирусот. Неколку дена претходно изјави дека ниту во иднина нема да чека одобрување на вакцини од ЕМА. „Нашите експерти во најмала рака се исто толку добри како било кои од европските експерти. Ништо помалку не им верувам на нашите унгарски здравствени власти во однос на бриселските. Напротив, многу повеќе им верувам на унгарските отколку на оние во Брисел,“ нагласи Орбан.

Serbien Covid-19 Impfzentren
Фотографија: MARKO DJURICA/REUTERS

Набавка на вакцини со политички калкулации?

Критичарите на владата на Орбан и префрлаат дека со издавањето дозвола за вакцини си прави политички математики. Со години Унгарија е во спор со ЕУ околу почитувањето на принципите на правната држава. Истовремено унгарската влада се приближи кон Москва и Пекинг. „Политиката на Орбан во ситуацијава повеќе се води според геополитички отколку вистински здравствени причини”, рече европратеникот од Зелените, Рајнхард Битикофер за ДВ.

„Нарачката на вакцини убаво се вклопува во евроскептичната агенда на Орбан и со тоа може да ги задоволи и Русите и Ккнезите”, вели и политикологот Андрас Биро Наѓ, директор на тинк-тенкот од Будимпешта, Полиси Солушнс. Но, со оглед на изборите следна година на унгарскиот премиер му е уште побитно да го заврши локдаунот по секоја цена и да ја поттикне економијата, оценува за ДВ, Биро Наѓ.

Лекарите и населението и натаму скептични

Таквите обвинувања Орбан ги отфрли во говорот од почетокот на неделава. На неговите критичари им префрли дека го користат патот што го избра Унгарија за да ја дифамираат негивата влада. Никој не треба вакцинацијата политички да ја инструментализира и со тоа “да се обидува да ја докаже лојалноста спрема Брисел или САД”, заклучува Орбан.

Viktor Orban | ungarischer Premierminister
Фотографија: Johanna Geron/AFP/Getty Images

Унгарското население и натаму е скептично во однос на кинеската вакцина. Актуелна анкета на институтот за истражување на јавното мислење Медијан покажала дека само една четвртина од луѓето кои се подготвени да се вакцинираат, би ја прифатиле кинеската вакцина. Спутник V би ја прифатиле 43 проценти, а 84 проценти имале доверба во вакцината развиена на запад.

Критика од лекарската комора и опозицијата

Експертите страхуваат дека дозволата за вакцината на Синофарм би можела да влијае негативно врз општото расположение за вакцинација во Унгарија. Лекарската комора на Унгарија критикуваше и дека давањето недоволно проверена вакцина кај многу лекари може да предизвика „сериозна криза на совеста”.

И опозицијата е критична. Во писмо адресирано до министерот за здравство Миклош Каслер општинските градоначалници од Будимпешта од редовите на опозициската Демократска партија бараа во нивните општини да се даваат исклучиво вакцини кои добиле дозвола од ЕМА.

На унгарската влада и префрлаат дека здравјето на населението го ставаат на коцка заради економски и политички интереси.

Виктор Орбан пак нема задршки во однос на здравјето. Повеќе пати нагласи дека каква и да е вакцина е подобра отколку да се ризикуваат стотици мртви дневно. Орбан вели дека тој лично има доверба во вакцината на Синофарм: „Ќе чекам да ми дојде ред и кога тоа ќе се случи ќе ја изберам кинеската вакцина".