1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Голем ден за Урсула фон дер Лајен во Европарламентот

Бернд Ригерт
10 јули 2019

Урсула фон дер Лајен мора да придобие три пратенички групи за да има неопходно мнозинство во Европскиот парламент. Сѐ уште, меѓутоа, не е сигурно дали таа ќе стане прва жена претседател на Европската kомисија.

https://p.dw.com/p/3LqPw
Brüssel EU | Ursula von der Leyen & Jean-Claude Juncker, EU-Kommissionspräsident
Фотографија: Reuters/F. Lenoir

374 е магичниот број што Урсула фон дер Лajен треба да го достигне. На кандидатката за претседателка на Европската комисија ѝ е потребно апсолутно мнозинство од вкупно 747 пратеници во Европскиот парламент кои добија мандат на европските избори. Четири седишта сѐ уште се слободни. Парламентот всушност има 751 член. Во вторник наредната недела, според предлог-дневниот ред во Стразбур ќе се гласа за именувањето на Фон Дер Лајен.

Веројатно е, но во никој случај не е сигурно, дека мнозинството од европратениците се на страната на германската министерка за одбрана, која Советот на ЕУ, односно 28-те шефови на држави и влади, пред една недела изненадувачки ја предложи за кандидатка. За што се залага во европската политика повеќекратната министерка од кабинетите на канцеларката Ангела Меркел? Ниту еден од парламентарците не знае точно, бидејќи надвор од Германија, 60-годишната политичарка на ЦДУ е во голема мерка непозната.

На гости кај социјалдемократите, либералите и зелените...

Затоа Урсула фон дер Лајен во нејзината единствена изјава минатата недела вети дека ќе слуша, да прифати колку што е можно повеќе и ќе развие визија за Европа. „Тука, во Европскиот парламент, чука срцето на европската демократија", рече Фон Дер Лајен и вети дека ќе влегува во дијалог. Вакви банални најави меѓутоа не се доволни за европратеници од редовите на Зелените. Тие бараат конкретни понуди, рече ко-претседавачот на пратеничката група на Зелените, Ска Келер, по првиот „пријатен" состанок.

EU-Parlament | Ursula von der Leyen
Фотографија: Reuters/V. Kessler

Претседателот на пратеничката група на Социјалистите, Шпанецот Ираце Гарсија, не сака да се определи во името на целата група. Во прилог на Урсула фон дер Лајен не оди фактот дека ја поддржаа источноевропските членки на Вишеградската група, во кои има многу десничарски популисти, вели Гарсија.

Повеќе:

-За што се залага Урсула фон дер Лајен?

-Урсула фон дер Лајен ја има минато „школата на Меркел“

-Која е Урсула фон дер Лајен?

Денеска Урсула фон дер Лајен се обидува да ги убеди пратеничките групи на социјалдемократите, зелените и либералите да гласаат за неа. Не е познато што таа конкретно би можела да каже околу нејзините цели како претседателка на Еврокомисијата. Посебно незгоден ветер за неа дува од германските социјалдемократи. Јенс Гагер, шефот на групата на германската СПД во Европарламентот, рече дека во никој случај нема да гласа за Урсула фон дер Лајен. Сличен е ставот и на социјалдемократите од Велика Британија и од Австрија.

Либералите пак досега не се изјаснија. Но, во секој случај, предлогот Фон Дер Лајен да биде претседателка на ЕК е донесен во согласност со францускиот претседател Емануел Макрон, кој сепак е најсилен човек во пратеничката група на либералите.

Во Брисел сега се прави следнава пресметка: 182 гласови Фон Дер Лејен  ќе добие од сопствената христијанско-демократска пратеничка група. Најмалку 120 гласови доаѓаат од социјалдемократската група. Со околу 100 гласови ќе придонесат либералите. Тоа би значело 402 гласови за Урсула фон дер Лајен, која така не би зависела од Зелените.

Покрај тоа, се очекува таа да добие и најмалку 30 гласови од национално-конзервативна група и од десничарските популисти. Искусен ЕУ-политичар во Брисел ги коментира изгледите на германската кандидатка на следниов начин: „Таа ќе успее, а Бундесверот ќе биде среќен". Ова е алузија на фактот дека министерката за одбрана Фон Дер Лајен во последниве месеци немаше среќа во раководењето на германската војска и во неколку скандали поврзани со нејзиното министерство.

Afghanistan Verteidigungsministerin Ursula von der Leyen in Masar-I-Scharif
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

Што би било, кога би било...

Урсула фон дер Лајен веќе се всели во привремена канцеларија во седиштето на Европската комисија, во зградата Берлемон, со неколку вработени да ја организираат нејзината кампања кај парламентарните групи. Трошоците ги надоместува Европската комисија. Ова е вообичаено кај лидерите на ЕУ во транзит. Двете функции, министерка за одбрана и кандидатка, треба да бидат строго одделени. Барањата од германски политичари таа да однесе оставка од министерската функција, Урсула фон дер Лајен не ги прифати. Значи во случај на пораз во Стразбур, таа ќе може да се врати во владиниот кабинет во Берлин.

Ако кандидатката на Советот на ЕУ не успее наесен, шефовите на држави или на влади ќе треба да се претстават нов предлог во рок од четири недели. Така одредуваат европските договори. Хаосот би бил совршен, со оглед на тоа дека  на 28-те земји членки на ЕУ им требаа три самити за да го стокмат кадровскиот пакет за Европската комисија, за претседателството на Советот, за претседателот на Европарламентот и за шефот на Европската централна банка.

Ако Урсула фон дер Лајен победи, таа би била првата жена и првиот германски шеф на извршната власт на ЕУ.  И тоа би бил голем контраст во однос на претседателот на Еврокомисијата во заминување, Луксембуржанецот Жан-Клод Јункер, кој важи за весел, друштвен и опуштен политичар кој се стреми кон хармонија. Слабата и само 1,61 метри висока лекарка Фон Дер Лајен, меѓутоа има репутација дека јаде малку, не допира алкохол и оти има железна дисциплина.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија