Успеси на Курдите во борбите со џихадистите
18 август 2014Ирачките Курди, потпомогнати од американски воздушни напади, ја презедоа од екстремните џихадисти главната брана во Мосул. Во борбите притоа загинале повеќемина борци на терористичката милиција „Исламска држава“ (ИД), изјави курдскиот генерал-потполковник Абдулрахман Корини за новинската агенција АФП. Според Корини, пешмерга-борците повторно го освоиле и местото Тал Кауф, околу сто километри источно од браната. На патот кон него тие наишле на бројни поставени мини од страна на џихадистите. Курдските борци во своите акции имале копнена поддршка од ирачките војници, а од воздух од американските борбени авиони. Во 23 воздушни напади на викендот, американските бомбардери и беспилотни летала, како што велат армиски извори, уништиле повеќе оклопни транспортери и воени возила на „Исламска држава“.
Браната во Мосул е стратешки важна бидејќи ги снабдува со вода и струја околните региони и провинции на северот на Ирак. Исламистичките екстремисти ја зазедоа браната на 7 август.
И сириската армија на претседателот Башар ал-Асад вчера(17.08.2014) извршила воздушни напади против борците на ИД. Од Дамаск се јавува за најмалку 41 напад против позиции на џихадистите, најголем дел во провинцијата Ал-Рака во североисточна Сирија, при што биле убиени најмалку 31 исламист.
Курдска милиција во сириски тренинг-центри, според нејзин портпарол, врши обука на стотици Језиди за борба против борците на „Исламска држава“. Се бележи се‘ поголем прилив на доброволци. Џихадистите брутално постапуваат со останатите верски малцинства, посебно со Језидите. Илјадници од нив веќе избегаа од своите домови барајќи засолништа во курдските области.
Во меѓувреме, во Ербил пристигна пратка германска хуманитарна помош за бегалците. На викендот од северна Германија кон Ирак заминаа пет авиони со храна, производи за хигиена и лекови. Планирани се и натамошни транспорти. Воена опрема, заштитни шлемови, панцири, како и возила, ќе почнат да бидат испорачувани веројатно од почетоков на неделава.