Уставниот суд денеска ќе го соопшти решението околу предвремените избори во Германија
25 август 2005Никој во Берлин не очекува дека Уставниот суд ќе спречи предвремени избори. „Тоа би било изненадување, зашто тогаш сојузната влада би била судски осудена и натаму да владее“ – вели претседателот на Бундестагот Волфганг Тирзе.
По загубените избори за покраинскиот парламент на Северна Рајна Вестфалија во мај годинава, канцеларот Герхард Шредер сметаше дека ја губи базата за својата политика – како во покраините, исто така и во неговата Социјалдемократска партија - СПД. Поради тоа на 1-ви јули го постави во Бундестагот прашањето за доверба, со цел за распуштање на парламентот и свикување вонредни избори една година пред нивниот регуларен термин, иако коалицијата на СПД и Зелените и натаму има стабилно парламентарно мнозинство. Со оглед на тоа дека Уставот не предвидува самораспуштање на парламентот, канцеларот се реши на заобиколен пат – преку договорено изгласување недоверба, што е спорна постапка. Сојузниот претседател Хорст Келер го оцени како согласно на уставот образложението на канцеларот дека нема постојана и сигурна база за својата политика: „Уверен сум дека со тоа се исполнети уставните предуслови за распуштање на Бундестагот“.
Но, пратениците Вернер Шулц од Зелените и Јелена Хофман од СПД поднесоа тужба до Уставниот суд сметајќи дека е кршење на Уставот ако од политички калкулации, а не од вистинска недоверба спрема канцеларот, се загуби гласањето за доверба. „Сметам дека патот не е в ред. Гласањето, според мое мислење, не беше вистинско, дури би рекла дека помина нечесно и поради тоа сакам да протестирам“ – рече Јелена Хофман.
Таа и Вернер Шулц би требало за својата аргументација да придобијат петмина од осум судии на Уставниот суд, за да ги спречат предвремените избори. Тоа се смета за неверојатно, зашто Судот во 1983-та година веќе донесе решение дека во случај на ограничена функционална способност на владата, смеат да бидат изнудени вонредни избори по пат на намерно загубено гласање за доверба.