1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уставот дава можност Собранието повторно да се состане

22 април 2020

Според член 63 став 4 од Уставот, „мандатот на пратениците во Собранието може да се продолжи само во случај на воена или вонредна состојба“.

https://p.dw.com/p/3bFIN
Mazedonien, Skopje: Parlamentssitzung über Verfassungsänderung
Фотографија: Regierung Mazedonien

Пратеници на СДСМ собираат потписи за да обезбедат можност претседателот на Собранието, Талат Џафери, повторно да го свика распуштениот парламент. Се повикуваат на членот 67 од собранискиот Деловник, според кој, „претседателот на Собранието може да свика седница и по барање на претседателот на Републиката, Владата и на најмалку 20 пратеници". Мотивите да побараат состанување на парламентот биле со цел да се обезбеди контрола врз одлуките на техничката влада, бидејќи без функционирање на парламентот сега нема кој да ги ратификува договорите за заеми што ги бара Владата за справување со економските последици од кризата. Но, пред се, сметаат дека е клучно парламентот да ги потврди двете одлуки на шефот на државата за прогласување вонредна состојба во траење по 30 дена. Џафери досега неколку пати го повтори ставот дека еднаш распуштено Собрание не може повторно да се состане.

Повторно да заседаваат

Што може да ги врати пратениците во собраниските клупи? Институтот за демократија Социетас цивилис - Скопје (ИДСЦС), на 15-ти април, еден ден пред шефот на државата да ја донесе втората Одлука за прогласување вонредна состојба, укажа дека Собранието мора повторно да се состане за да констатира дали постојат услови за вонредна состојба, бидејќи таа одлука мора да ја донесе законодавното тело кое го претставува суверенитетот на граѓаните. Притоа од ИДСЦС укажаа на единствениот услов според кој Собранието може повторно да заседава.

„Според Одлука на Уставниот суд број 104 од 2016 година утврдено е дека пратениците не можат повторно да заседаваат по одлуката за самораспуштање, освен во услови на воена или вонредна состојба", потсетија од Институтот за демократија.

Ваквата можност Собранието да се состане е определена со член 63 став 4 од Уставот, кој предвидува: „Мандатот на пратениците во Собранието може да се продолжи само во случај на воена или вонредна состојба".

„Согласно на ова, исполнет е единствениот услов според кој Собранието може повторно да заседава во случај кога претходно се самораспуштило. Според собранискиот деловник седница може да свика Претседателот на Собранието, или тоа да го побараат 20 пратеници, Владата или Претседателот на Републиката. Во услови на физичко дистанцирање и забрана за собирање во групи, Собранието може да заседава и онлајн, што е практика воспоставена од законодавните домови во многу европски и светски држави“, укажаа од Институтот за демократија.

Втората претседателска одлука пред Уставен суд

Доколку парламентот не може да се состане, Уставот му овозможува на претседателот на државата да донесе одлука за прогласување вонредна состојба во траење од 30 дена, која парламентот треба да ја потврди веднаш откако ќе се создадат услови за одржување седница. Бидејќи претседателот на државата нема уставна основа за продолжување на прогласената вонредна состојба, а парламентот не се состана, Пендаровски на 16-ти април донесе нова одлука за утврдување вонредна ситуација, но упати забелешка до пратениците.

„Во ситуација кога пратениците земаат плата, кога ниту еден од нив нема побарано апанажа која следува по завршување на мандатот, тоа значи дека тие се сè уште со валиден мандат, а Собранието сепак не работи, јас ја преземам одговорноста со носењето ваква одлука само затоа што имаме ситуација без преседан, во која е далеку поважно да ги сочуваме животите на луѓетоотколку да се криеме зад правни толкувања“, рече Пендаровски.

Токму заради оваа нова одлука на шефот на државата за прогласување вонредна состојба, политичката партија „Левица“ вчера поднела иницијатива до Уставниот суд. „Левица“ побара поништување на втората Одлука донесена од претседателот Пендаровски, со барање за итно изрекување времена мерка за нејзино запирање од извршување, поради тоа што можат да настанат тешко отстранливи штетни последици по правната сигурност на граѓаните.

„Согласно нашиот Устав, одлуката со која се утврдува постоењето на вонредната состојба има важност најмногу 30 дена! Тоа значи дека, претседателот можел во рамките на овие триесет дена, да донесе, на пример, три одлуки од по 10 дена или шест одлуки од по 5 дена и слично, но, никако не може самоволно и волунтаристички да носи нова одлука после истекот на максимално предвидените триесет дена, за дуплирање на овој рок без никаков уставен основ за тоа“, се вели во обрзложението на „Левица“.