1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со присилна наплата до плата 

ДТЗ /ДВ
4 февруари 2021

Поради злоупотреби со државната помош, неисплатените плати присилно ќе се префрлаат на сметките на работниците. За газдите следат опомени, казни и постапка пред обвинителството

https://p.dw.com/p/3otle
Mazedonien Finanzamt Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

И покрај предупредувањата за казни и постапките покренати пред Обвинителството, фирмите не престануваат со злоупотребите на државната помош која што се исплаќа во екот на пандемијата со Ковид-19. Уште 306 работодавачи кои добиле финансиска поддршка од државата од 16,3 милиони денари не им ја исплатиле декемвриска плата на 992 вработени. Тие ќе добијат опомени, а по истекот на рокот ќе биде спроведена и присилна наплата со блокада на нивните трансакциски сметки, а парите ќе бидат префрлени на сметките на работниците. 

Најголеми злоупотреби кај фирми од Скопје

„Речиси една третина или 78 од претпријатијата се од дејноста трговија на мало. Секој управител треба да знае дека кривично ќе одговара, бидејќи тој стои зад веродостојноста на податоците која ги дава секоја компанија кога аплицира за оваа помош“, вели директорката на УЈП, Сања Лукаревска.

-повеќе на темата: Антикризната помош е навремена, но колку и доволна?

Најголема злоупотреба на финансиската поддршка е во дејноста трговија на мало, а најмногу фирми што не исплатиле плата се од Скопје - 91, Тетово - 63 и Гостивар - 16. Според Лукаревска, меѓу оние кои ги злоупотребиле парите 78 работодавачи се од дејноста трговија на мало, кои примиле финансиска помош од 2.219.584 денари и не исплатиле плата на 145 вработени. 44 фирми што вршат подготовка на оброци и служење на храна добиле помош од 2.239.825 денари и не исплатиле плата на 130 вработени, а злоупотреба е откриена и кај 26 фирми кои се бават со градежништво, кои добиле помош од 944.106 денари, но не им дале плата на 57 вработени. Останатите компании се од дејностите транспорт, трговија на големо, трговија на големо и мало со моторни возила и мотоцикли и услужни дејности. 

Присилна наплата

По спроведените мерки и активности од страна на УЈП намален е бројот на компаниите кои сѐ уште не ја исплатиле октомвриската и ноемвриската плата, и тоа за октомври е намалено од 179 на 11 компании, а во ноември од 245 на 24 компании. Октомвриска плата сѐ уште не зеле 34 вработени, а во ноември 50 вработени. Кај овие компании во тек е постапка на присилна наплата на неисплатената плата од парични средства на трансакциска сметка. Лукаревска информираше дека, според моменталната ситуација, априлска плата за 2020 година сѐ уште не исплатиле 47 компании за 102 вработени, плата за мај не исплатиле 33 компании за 63 вработени, а јунска плата не исплатиле 54 компании за 145 вработени.

-повеќе на темата: Предпразнично 83.000 граѓани со блокирани сметки

За овие работодавачи доставени се детални податоци во Јавното обвинителство за покренување на кривична постапка и извршени се контроли. „Сите податоци ги доставуваме до ОЈО кој треба да го направи и епилогот и изрично кажавме нема да отстапиме од тоа секој управител на фирма кој треба да сноси одговорност“, вели Лукаревска.

Субвенциите да не одат преку газдите

Слична ситуација на злоупотреби на државната помош за исплата на плати имаше и минатата година. Сојузот на синдикатите во јануари побара субвенциите за плати од 5. пакет да не одат преку газдите. Синдикатите во повеќе наврати пријавуваа жалби од работници дека не примиле плата, иако фирмите во кои работат земале државни субвенции за плати и затоа бараа ваквата државна помош да се исплаќа директно на сметките на работниците, а за работодавачите да има посериозни казни.

-повеќе на темата: Ќе се бришат камати, долгови ќе се отплаќаат на 12 рати

УЈП постојано јавно го објавува списокот со имиња на фирми коишто ја злоупотребиле помошта и ги опоменува пред казна. Согласно Законот за финансиска поддршка во услови на здравствена криза, за компаниите кои за октомври, ноември и декември зеле државни субвенции, а не им исплатиле плати на вработените, следат глоби: од 500 до 1000 евра на микро– правно лице, од 500 до 2000 евра за мало правно лице, од 1.000 до 6.000 евра за средно и од 1.000 до 10.000 евра за голем даночен обврзник.