ФАЦ: Бугарското фалсификување на историјата
7 декември 2021Бугарија е пред добивање нова влада, а во Брисел се надеваат дека земјата ќе се откаже од ветото за почеток на преговорите на ЕУ со Северна Македонија, се констатира на почетокот на текстот во весникот Франкфуртер алгемајне цајтунг и се објаснува дека владата на Борисов ги спречила преговорите со образложенија „кои не само Брисел ги смета за апсурдни“.
„Скопје би морало да признае дека македонскиот јазик е всушност само бугарски дијалект и дека македонската нација се развила од бугарството, бара меѓу другото Софија. Но,кој верува дека само со промена на владата во Бугарија повторно ќе се врати разумот и дека бизарните академски дебати нема веќе да стојат на патот на ЕУ-политиката на Балканот, тој може да се излаже. 'Спорот за името' помеѓу Атина и Скопје ја спречуваше западната интеграција на балканската држава повеќе од четврт век, пред во 2018 година да биде решен со преименувањето на Македонија во Северна Македонија. Бугарско-македонскиот историски спор би можел да трае исто така многу години. (Идниот премиер, н.з.) Кирил Петков важи за прагматичен човек кој гледа напред и кој не сака да се загуби во честакот на балканските дебати за историјата. Но, и тој мора да има обѕир кон коалициските партнери, меѓу другите и кон делумно националистичката Социјалистичка партија. А, не само за нејзините приврзаници важи: бугарското нерасположение кон Северна Македонија е подлабоко отколку што тоа им се чини на многумина кои гледаат од страна. На националистичка линија по ова прашање е и претседателот на државата Румен Радев (како и неговиот претходник Росен Плевнелиев). Но, тоа порано во странство не паѓаше в очи поради тоа што бугарските позиции беа во сенка на гласниот грчко-македонски 'спор за името'.
По последните бугарски парламентарни избори во парламентот во Софија дури ќе биде застапена и партија која отворено го негира правото на постоење на Северна Македонија - деснорадикалната 'Преродба'. Таа бара Северна Македонија да се обедини со Бугарија, зашто била 'втора бугарска држава' која произлегла од историска несреќа. Дека за оваа партија не постои македонска нација, се подразбира само по себе. 'Преродба', со само 13 пратеници, е најмалата од седумте пратенички групи и е осамена во својот отворен иредентизам.
Но, Северна Македонија се поткопува во поблага форма и од страна на другите бугарски партии. Софија поднесе каталог со барања од кој идната коалиција не се дистанцираше. Така, се бара бугарското малцинство кое живее во Северна Македонија да биде спомнато во Уставот. Неопходното двотретинско мнозинство за такво нешто во Скопје можеби ќе се најде полесно ако Бугарија со децении не ги исклучува систематски сопствените граѓани кои се дефинираат како Македонци. Обесправувањето на (денес многу малото) македонско малцинство во Бугарија го преживеа распадот на комунизмот. Софија дури игнорираше повеќе пресуди на Европскиот суд за човекови права за да се држи до фикцијата дека во земјата нема македонско малцинство. Според претседателот Радев, Северна Македонија мора да го спречи и 'говорот на омраза' против Бугарија. Од 'медиумите, музеите, јавноста и државната политика' морало 'да исчезне извртувањето на историјата'. Радев следствено бара Скопје да ја цензурира дебатата во земјата, зашто она што во Бугарија се смета за 'говор на омраза' е впечатливо. Тоа се однесува на периодот од 1941 до 1944 година, кога Бугарија, во тоа време помлад партнер на Хитлеровата 'оска', окупирала најголем дел од денешна Република Северна Македонија, како и делови на северна Грција. Софија во Македонија спроведувала безобѕирна политика на бугаризација. Околу 7.200 Евреи во земјата од страна на бугарските окупаторски власти биле собрани во гетоа и депортирани во Треблинка. Сепак, Софија денес тврди дека се работело за 'говор на омраза' кога во Северна Македонија спомениците или спомен-плочите потсетуваат на времето на 'бугарската фашистичка окупација'. Се поставува прашањето - што воопшто уште може да се нарече фашистичко, ако така не смее да се опише еден режим кој активно учествувал во Холокаустот? Тука ништо не менува фактот дека Евреите во самата Бугарија не биле испорачани на Германците.“
На крајот на текстот Франкфуртер алгемајне цајтунг потсетува дека премиерот Заев пред извесно време „од избрзана послушност кон Софија“ објавил дека неговата влада ќе наложи да се отстранат повеќе спомен-плочи на кои се потсетува на „бугарската фашистичка окупација“, што наишло на остра критикаод страна на македонските историчари.
„Заев беше обвинет за фалсификување на историјата. Ако Скопје сакаше да ги исполни сите барања на Софија, тогаш навистина ќе излезеше така. Фалсификувањето на историјата досега не е критериум за приклучување во ЕУ. Но, се чини дека Бугарите сакаат да го направат да биде критериум. На такво нешто Северна Македонија не може да се согласи веќе поради самото почитување на вредностите во ЕУ“, пишува ФАЦ.