ФАЦ: И шефот на Штази би бил горд на Груевски и Мијалков!
11 февруари 2015„Голема прислушувачка офанзива“ - под овој наслов авторот на текстот во „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ се прашува: „Дали шефот на македонската влада ја прислушкува целата елита во неговата држава?“
Информирајќи за скандалот во Македонија, кој пред јавноста како „политичка бомба“ го отвори опозицискиот лидер Зоран Заев, ФАЦ пишува:
„Доколку се потврдат тврдењата на македонската опозиција, Ерих Милке би можел да биде горд на македонскиот премиер Никола Груевски и на шефот на тајната служба Сашо Мијалков.
Затоа што она што го сториле двете најмоќни фигури во балканската држава, која е кандидат за членство во ЕУ, може да се мери само со „остварувањата“ на тајната служба во поранешната ГДР под раководство на Милке: повеќе од 20 илјади граѓани на Македонија во изминатите години наводно биле прислушкувани по наредба на премиерот и на неговиот шпионски шеф, некои од нив и со години. Оваа (недокажана) бројка е дотолку поинтересна ако се има предвид дека Македонија е земја со два милиони граѓани“, пишува ФАЦ, објавувајќи натаму детали и од прес-конференцијата на Заев во понеделникот.
Авторот на текстот, Михаел Мартенс, цитирајќи го Заев, потенцира и дека прислушкувањето не би било можно без соработката од двата водечки мобилни оператори: Т-Мобиле и ВИП, за кои објаснува дека се во сопственост на Дојче Телеком и Телеком Австрија.
„...Видеата кои во меѓувреме беа поставени и на Јутјуб докажуваат дека било прислушкувано, но не и од кого. Европската комисија во меѓувреме сугерира, дека пресумпцијата на невиност треба да важи и за македонската влада“.
„Но истата пресумпција на невиност важи и за опозицијата која е обвинета од Груевски и од неговите медиуми- дека планирала пуч, откако увидела дека не може да победи на демократски избори. Всушност, Груевски и неговата конзервативна ВМРО-ДПМНЕ победуваат на сите избори од 2006 година досега. Западните дипломати предупредуваат дека тоа е повеќе резултат на концентрираната медиумска моќ и на бескрупулозната злоупотреба на државните ресурси за партиски цели. Но, тие притоа превидуваат дека граѓаните сепак го сакаат ВМРО (ДПМНЕ, н.з.) и дека партијата победуваше на избори и кога постоеја одлични демократски услови“.
Трагикомична претстава
„... Реакцијата на Груевски на обвинувањата од опозицијата го засилува сомнежот во неговиот респект кон почитувањето на законите во една правна држава. Повеќе опозиционери беа уапсени, а на Заев му беше одземен пасошот. Уште пред Заев да излезе со обвинувањата, Груевски во обраќање до јавноста го обвини дека тој е всушност оној кој шпионирал во соработка со странски тајни служби (кои не беа именувани)“.
„...Жалното во целата оваа траги-комична претстава во Скопје е што Македонија некогаш беше лидер во регионот во однос на демократските стандарди“.
Авторот потсетува дека Македонија, како прва земја од регионот, го потпишала Договорот за асоцијација со ЕУ во 2001 година, шест месеци пред Хрватска и седум години пред Србија, но подоцна поради блокадата од Грција не успевала да добие датум за почеток на преговори за членство.
„...Откако Груевски пред неколку години сфати дека европскиот пат на неговата земја е блокиран на долг рок, ја промени патеката, и почна да се приближува кон Русија и да владее авторитарно- веројатно притоа користејќи и Штази-методи, како што укажуваат сомнежите“.
„Од аспект на 'европските вредности' Македонија, во овој момент, делува загубена“, заклучува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ во анализата за случувањата во Македонија.
Косовскиот егзодус
Швајцарскиот „Ноје Цирхер цајтунг“ пишува за драмата на Косово предизвикана од огромниот број граѓани кои буквално бегаат од сиромашната земја. Сиромаштијата и бесперспективноста мотивираат десетици илјади Косовци, нелегално да се упатат кон Западот. Патот води преку Србија и Унгарија. Целни земји се, пред се‘, Германија и Австрија, наведува НЦЦ.
„Косовските медиуми го користат библискиот збор Егзодус. Бегалскиот бран од Косово во последните месеци добива драматични размери. Еден добро информиран дипломат во Приштина ја смета за реална бројката од 50 илјади заминати луѓе од почетокот на годинава. Косовскиот министер за образование соопшти дека во последните месеци недостасуваат 5.200 ученици, претежно во основните училишта. Тоа се огромни бројки кога ќе се има предвид дека Косово има 1,8 милиони жители. Најчесто се заминува во Австрија, Германија и Скандинавија. Помалку во Швајцарија, веројатно затоа што во тоа ги спречуваат скусените рокови за азиланти и засилената контрола на пазарот на трудот. Но, во меѓувреме и Австрија и Германија сакаат да ги скратат роковите за барателите на азил од ткн. земји со сигурно потекло“, пишува НЦЦ.
„... Под притисок на ЕУ, косовската влада организираше објаснувачка кампања. Заминувањето не е решение, порачува претседателката Атифете Јахјага. Но сите знаат: за да се спречи егзодусот на најсиромашната земја во Европа и е потребна некаква економска перспектива. Но, од прогласувањето на независноста во 2008 година, раководството направи многу малку. Работа се добива само преку клиентелистичкиот систем во кој партиската книшка обезбедува државно вработување. И владата функционира според оваа логика: покрај премиерот, владата во Приштина има уште 22 министерски функции“, заклучува „Ноје Цирхер цајтунг“.