ФБИ: „Русија се меша во изборите во САД“
18 септември 2020Директорот на американското Федерално истражно биро (ФБИ), Кристофер Реј, изјави дека Русија не се откажува од намерата да влијае врз исходот на претседателските избори во САД во ноември.
Според истражувањата на американските разузнувачки служби, како што рече, главна цел на Москва е да и' наштети на кампањата на демократскиот кандидат Џо Бајден и на она што се перцепира како анти-руски естаблишмент.
Реј зборуваше пред членовите на Одборот за национална безбедност во Претставничкиот дом во Конгресот и опиша дека операциите на Кремљ се многу активни на социјалните мрежи, на државните телевизии во Русија и на други платформи.
Повеќе:
-САД: Закана од масивно странско мешање во претседателските избори
-Вашингтон во исчекување на резултатите од конечниот извештај на Мулер
-Трамп - прекршување на уставот или лов на вештерки?
Исказот на директорот на ФБИ е во согласност со проценките кои се појавија на почетокот на август, а кои ги објави највисокиот контраразузнувач во Америка Вилијам Еванин.
Тој предупреди дека Русите сакаат да помогнат во кампањата на Доналд Трамп, што директорот на ФБИ не го кажа експлицитно, а наместо тоа се фокусираше на дезинформациите кои ги погодуваат американските гласачи.„Најмногу ме загрижува тој константен обид на пласирање дезинформации и честите мали сајбер-напади. Ме загрижува дека тоа со време ќе доведе до пад на довербата меѓу американските избирачи“, изјави Реј.
Одговарајќи на прашањата во Конгресот, Реј рече оти нема причина за загриженост во врска со зголемениот број гласови кои ќе стигнат по пошта поради пандемијата. „Досега не сме забежале дека постои координиран обид за измама на гласачите на избори“, рече директорот на ФБИ.Претседателот Доналд Трамп во серија твитови предупреди дека гласањето по пошта ќе заврши како „кражба на изборите“ и дека ќе води до „масовен хаос и конфузија“.