1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Нови рестрикции од понеделник за запирање на коронавирусот

БГ
16 октомври 2020

Во очекување Собранието да ги изгласа законските измени со кои ќе се воведат претходно предложените мерки, Комисијата за заразни болести од понеделник ќе бара нов сет мерки за запирање на ширењето на заразата.

https://p.dw.com/p/3k0my
Nord-Mazedonien: Venko Filipce, Gesundheitsminister
Фотографија: Regierung Nordmazedonien

Комисијата за заразни болести и министерот за здравство Венко Филипче во понеделник ќе и предложат на Владата да донесе нов сет мерки за превенција од ширењето на коронавирусот. Комисијата предлага ограничување на капацитетот во јавниот превоз за 50%, целосна забрана за секакви настани и крај на работното време за сите економски оператори до 23 часот.
„Проценуваме дека со овие мерки сериозно ќе се забави и редуцира можноста за трансмисија на вирусот“, рече Филипче на прес-конференција претпладнево. Министерот објаснува дека се таргетираат места каде има групирање затоа што голем дел од новозаразените „не знаат да кажат каде се заразени“.

Филипче се надева дека Собранието следната недела ќе го изгласа и законскиот пакет кој ќе овозможи да се наметне обврската за носење заштитни маски на отворено, забрана за групирање по 22 часот и забрана за домашни собири.

Епидемиологот Жарко Караџоски вели дека, според анализите од последните денови, заразата со коронавирусот се шири на настани, концерти и забави. Притоа, најголем дел од присутните на овие настани, кои се на возраст меѓу 20 и 39 години, не носат маски и не ги почитуваат правилата за дистанцирање. Караџоски укажа и на новиот феномен на тајно организирање свадби во ресторани на кои гостите се групираат по четворица на маса и добиваат одделни фискални сметки.
Караџоски не сака да прогнозира уште колку ќе расте бројот на заразените на дневна основа, но предупредува дека со доаѓањето на сезонскиот грип шансите поради групирање во затворен простор ќе бидат поголеми.
Караџоски вели дека Комисијата се уште не ги исцрпила сите мерки кои може да и ги предложи на владата, а последна на листата е нов полициски час.
„Во моментов не се размислува за полициски час, но само тоа ќе ни остане доколку не се почитуваат мерките“, вели Караџоски.