1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Филипче најави нова терапија за коронавирус

БГ
24 март 2020

Комбинација на лековите хлоркинин и азитромицин веќе се користи во Франција и во САД, а првичните искуства се позитивни. Но, особено хлоркининот, има многу нус-појави и научниците бараат внимателност.

https://p.dw.com/p/3Zz8B
Frankreich Malariamittel Nivaquine zeigt Wirkung gegen Coronavirus
Фотографија: AFP/G. Julien

Дел од пациентите заболени од коронавирус од утре, среда 25.03, ќе добиваат третман со лековите хлоркинин и азитромицин, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче. Откако денеска беа евидентирани нови 12 случаи на заболени од Ковид-19, вкупниот број на заразени се искачи на 148 лица. Но не сите заразени, според Филипче, ќе ја добиваат новата терапија. Тоа ќе зависи од нивната клиничка состојба. За хлоркининот, или хлорокинот, веќе неколку дена се зборува и во земјава и во светот. Филипче ја најави можноста да се користи новата терапија пред неколку дена, но се чекаше одобрение од Агенцијата за лекови.
Оваа комбинација на лекови (хлоркинин и азитромицин) која ја најави Филипче досега е користена во Франција и првите резултати се охрабрувачки. Деновиве започна и на неколку клиники во Њујорк. Но приказната има и друга страна, а најголеми контроверзи предизвикува хлорокинот.

„Подарок од Бога“
Возбудата околу третирањето на новиот коронавирус со лекови за маларија, освен во Македонија, ги зголеми надежите и во многу други земји, вклучително и на американскиот претседател Доналд Трамп. Но доказите дека тој помага се тенки, а масовното купување на лекот веќе го загрозува пристапот до него за луѓе кои имаат потреба поради болести како реуматски артритис и лупус. Притоа, има и случаи на труење.
Хлорокинот и нему сличниот хидроксихлорокин, покажале охрабрувачки сигнали во мали, рани тестови против коронавирусот. Но овие лекови имаат и големи нус-појави, и тоа е една од причините што научниците не сакаат да ги препорачуваат без дефинитивен доказ за нивната полезност против коронавирусот.
Но и прелиминарните студии предизвикаа голем интерес откако Трамп твитна дека хидроксихлорокинот во комбинација со антибиотик може да биде „еден од најголемите пресврти во историјата на медицината“, а дополнително денеска го прогласи и за „подарок од Бога“. Не помогна многу ни тоа што водечкиот американски експерт за инфективни болести, Ентони Фауци, на заедничка прес-конференција со Трамп демантираше дека има докази оти лекот е полезен.  Светската здравствена организација исто така повика на претпазливост.

Nord-Mazedonien | Coronavirus | Pressebilder Kabinett des Präsidenten | Venko Filipce
Филипче (лево) најави дека новата терапија во Македонија ќе почне да се користи од среда, 25 мартФотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

И други научници предупредуваат од лажни надежи и велат дека се потребни големи студии за да докажат дека лекот е безбеден и ефективен против коронавирусот, но и дека луѓето не оздравеле сами од себе. 


Токму таква студија започна денеска (24.03) во Њујорк, а од неделата и во 7 европски земји. Европските тестови треба да опфатат 3.200 пациенти.

Бројни нус-појави

Хлорокинот се користи во третманот за маларија од 1930 години. Хидроксихлорокинот се појави една деценија подоцна и има помалку нус-појави и во меѓувреме се продава под генеричкото име Плакенил. Лековите можат да предизвикаат проблеми со ритамот на срцето, големо намалување на крвниот притисок и мускулни или нервни оштетувања.
„Хлорокинот е екстремно токсичен лек со ужасен профил на нус-појави. Хидроксихлорокинот е далеку посигурен, но неговите нус-појави исто така се значителни“, вели Меган Меј, микробиолог на Универзитетот во Мејн, САД. „Ми делува ризично да им се дава овој лек на критично болни пациенти“, вели таа.

Она што досега го покажале лабораториските тестови е дека хидроксихлорокинот ја намалува способноста на коронавирусот да навлегува во клетките. Но тоа не значи дека ќе го има истиот ефект и кај луѓето или дека тие ќе можат да ги толерираат количествата тестирани во лаборатории.
Извештај од Кина укажува дека хлорокинот им помогнал на повеќе од 100 пациенти во 10 болници, но тие имале различно ниво на болеста и биле третирани со различни дози во различен временски период. Но тие можеби се излечиле и без ефектите од лекот- немало друга група за споредба.

Најголемо внимание привлече студија од Франција. Лекарите им дале хидроксихлорокин на 26 заразени од коронавирус, вклучително и на лица без симптоми. Шестмина добиле и антибиотик азитромицин.

По шест дена, кај ниту еден од пациентите кои биле третирани со комбинација од двата лека повеќе немало траги од коронавирус, кај 57% од оние што биле лекувани само со хидроксихлорокин вирусот останал, како и кај 12,5% од оние кои не добивале ниту еден лек. Тоа е охрабрувачки, но многу нешта можеле да влијаат на исходот, вклучително и тоа кој колку бил болен, кога добиле третман, дали добивале други третмани, како и нивната возраст, пол и претходна здравствена состојба.
„Тоа е многу слаба студија која остава недореченост дали комбинираната стратегија има било каква вредност“, вели д-р Ерик Топол, кардиолог и шеф на Институтот за истражувања во Сан Диего.

Контроверзи во Франција
Но во Франција некои лекари и политичари бараат да се прошири користењето на лекот. Градоначалникот на Ница, Кристијан Естрози изјави во понеделникот дека веќе шести ден добива таков третман и „има чувство дека е излечен“.
А водечки проповедник на третманот со хлорокин е контроверзниот лекар Дидие Раул. Овој 68-годишен микробиолог е член на експертскиот комитет кој ја советува француската влада за коронавирусот. Токму тој стои зад студијата која покажала позитивни ефекти од лекот. Раул смета дека треба да им се верува и на резултатите од Кина по истражувањето кое го спровел водечкиот пулмолог Жонг Наншан, кои исто така ја покажуваат ефикасноста на лекот.

Од друга страна, научници собрани во Фејкмед- група која се бори против лажните вести во медицината, жестоко го критикуваат Раул.

Најлошата варијанта на користењето на хлорокинот, во секој случај, е само-лекувањето со него. И токму тоа се случи во Феникс, САД деновиве откако еден човек почина, а неговата сопруга е во критична состојба откако на своја рака користеле фосфат на хлорокинот, кој нема врска со самиот лек.
Во Нигерија, исто така, имаше голем број случаи на труење со хлорокин, откако многумина слушнале за препораката на американскиот претседател Трамп.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема