1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Филипче: нема забрани, туку помош за работа во странство

БГ
12 јуни 2018

Министерот за здравство Венко Филипче во изјава за Дојче веле објаснува дека не се планира никаква забрана за иселување на медицинскиот персонал од државата, туку ќе им се помага да обезбедат дополнителни приходи

https://p.dw.com/p/2zKx1
Mazedonien Gesundheitsminister Venko Filipce
Фотографија: Bojana Atanasova

Министерот Филипче ги отфрла тврдењата во некои медиуми дека планира да му ја ограничи можноста на медицинскиот персонал да работи и да се иселува во странство.

Никој никому не може да забрани да се иселува од Македонија, категоричен е Филипче.

Напротив, вели министерот, разговараме за тоа како да му овозможиме на медицинскиот персонал дополнителна заработка со привремена работа на клиники во Германија.

Филипче од утре (среда, 13.06) е во Франкфурт, Германија каде ќе ја посети Универзитетската клиника Јохан Волфганг Гете.

Лекарски егзодус од Македонија

Дополнителната работа за медицинскиот персонал од Македонија ќе биде една од темите на состанокот.

„Разговараме за одлични позиции за нашите вработени, за да работат привремено по неколку недели таму каде што има потреба и потоа да се вратат“, вели Филипче за ДВ. Тој смета дека на овој начин ќе им се даде можност на медицинарите да заработат дополнителни средства и да стекнат нови искуства.

Засега, најава за ваков договор има само со клиниката во Франкфурт и се однесува само на медицински сестри, но доколку проектот се покаже успешен може да се прошири и на други.

Германија има постојана потреба од медицински сестри и негувател(к)и, а во последните години драматично се зголемува бројот на лица од овие професии од источна и југоисточна Европа кои се доселуваат во земјата во потрага по подобар живот.

Бесплатни здравствени услуги

Здружението на медицински сестри, акушери и техничари од Македонија вчера реагираше на најавата за договорот меѓу Германија и Македонија со став дека „секој има право да замине во странство ако му се понудат подобри услови и сака да остане на неопределено време“. Оттаму велат дека ако домашните власти не сакаат медицинскиот персонал да се иселува, нека им понудат подобри услови за работа.