„Филозофскиот брод“- Ноевата арка на руската интелигенција
24 август 2020Името „Филозофски брод“ („Философский пароход“) е симбол за депортацијата на руската интелектуална елита од страна на болшевистичката власт. Бродот со кој една земја ги изгони од својата средина најблескавите умови на своето време, со право се нарекува интелектуален геноцид. Или „чистка на рускиот дух“, според наредбата на Ленин: „да се исчистат што побрзо!“ Русија ги отфрлила, небаре беа стари партали, своите врвни научници, филозофи, писатели, богослови, физичари, историчари. Секој од осудените морал да потпише изјава дека никогаш повеќе нема да се врати. Дека ќе биде стрелан, доколку ја премине границата на советска Русија. Затоа што не верувале во комунизмот, не биле болшевисти, иако некои од нив, како филозофот и богослов Сергеј Булгаков, едно време ги привлекувал марксизмот. Со цинизмот на автократите, Лав Троцки изјавил за депортираните научници: „да ги стреламе, немаме повод, а да ги трпиме и понатаму, не можеме.“
Советската власт брзо по револуцијата ја укина автономијата на универзитетите и затвори многу факултети. 1921-та година сојузот на академските организации ги објави во отворено писмо до светската јавност имињата на дваесет прочуени научници и професори, стрелани од болшевиците, како и на 63 научници, умрени од глад. Не бил мал бројот на научниците кои, од очај и безизлез, се самоубиле. 1922-тата шестмина професори упатиле отворено писмо до Ленин, Троцки, Зиновјев и Сталин, во кое укажале дека универзитетот е деградиран, дека нема комуникација со светските научници, дека професорите имаат мизерни плати на чија исплата чекаат со месеци. Како реакција на писмото, по наредба на Ленин, еден од потписниците, ректорот на универзитетот за физика и математика, астрономот Всеволод Стратонов, веднаш е ставен на списокот на тие што треба да се депортираат од земјата. Во архивите на советското Политбиро се сочувани списоците со имињата на физичарите, филозофите, писателите, богословите и историчарите кои Троцки ги нарекува „ништожни елементи“. Тие се руската мисловна и културна традиција.
Списокот за депортација е изготвен по наредба на Ленин. Ја раководи специјалната служба ( ГПУ) на НКВД. Таа ја прави и финансиската калкулација. За депортацијата на 228 научници од Москва и Петроград летото и есента 1922-та, советската власт изнајмува два од најевтините германски патнички бродови. Затоа што цената на германските компании е превисока, сите научници помлади од 50 години мора сами да ја платат својата депортација. ГПУ ги пушта привремено на слобода оние интелектуалци кои биле затворени во ноќта на 16 август. За да го продадат имотот. Сите научници биле депортирани заедно со сето семејство. Од својот имот не смееле да понесат ништо. И облеката им била ограничена на едно до две парчиња. Како и на две рала чевли. Кога советските власти ја прашале германската влада дали ќе ги прифати прогонетите руски научници, им било одговорено дека „Германија не е Сибир“ за да прифаќа прогонети, но таа радо ќе им даде виза, доколку тие лично побараат. ГПУ потоа им наредила на научниците самите да побараат германска виза.
Други колумни од авторката:
-„Индустрокултура“ – паркови и фабрики, споменици на културата
-Чеховска меланхолија за Македонија
-Германскиот јазик, егзилот и Аушвиц
На 23 септември 1922-та со воз од Москва за Рига биле депортирани група научници, меѓу кои бил прочуениот социолог Питирим Сорокин, филозофот Иван Матвејев и економистот Алексеј Пешехонов. Малку подоцна со воз од Москва бил депортиран во Берлин познатиот руски филозоф со германско потекло, Фјодор Степун. Првиот „Филозофски брод“ - брод „Oberbürgermeister Haken" - отпловил на 29 септември од Петроград за Штетин. На него се наоѓале најголем број филозофи, како Николај Бердјаев, Семјон Франк, Иван Илин, кнезот Сергеј Трубецкој, Борис Вишеславцев. Со нив се депортирани и познатиот историчар Александар Кизеветер и зоологот Михаил Новиков, ректор на московскиот универзитет. На 16 номеври од Петроград отпловил и вториот германскиот брод „Прусија“ со научници, меѓу кои бил филозофот Николај Лоски, кој потоа предавал во Прага, Париз и Нју Јорк, филозофот, историчар на Средновековието и поет, Лав Карсавин и филозофот Иван Лапшин. На 30 декември 1922-тата, со брод од Одеса бил прогонет во Контантинопол рускиот филозоф и богослов, Сергеј Булгаков. Во своите дневници тој раскажува дека со него на бродот имало многу Руси со еврејско потекло кои биле депортирани во Палестина. По кус престој во Константинопол, Булгаков стигнал во Прага, каде работел две години во рускиот филозофски институт, а 1925-тата заминал за Париз, каде станал првиот декан на прочуениот институт за православно богословие, „Св.Сергеј“.
Руските научници во Германија биле прифатени како неочекуван, но скапоцен подарок од советска Русија. Руските професори биле познати во германската научна сфера не само по нивните извонредни научни дела, туку и затоа што многу од нив студирале и докторирале во големите германски универзитетски центри. Таков бил, на пример, филозофот Иван Илин. Кога бил депортиран во Германија, тој продолжил да држи предавања на многу конференции. Кусо пред Втората светска војна се повлекол во Швајцарија, каде продолжил да пишува научни дела. Филозофот Фјодор Степун основал катедра по филозофија на универзитите во Дрезден и во Минхен.
Германската влада одвоила значителна сума од годишниот буџет како поддршка за протераните руски научници. Им било ставено на располагање едно импозантно здание во центарот на Берлин, во кое тие основале руски научен институт. Во следната учебна година таму почнале да предаваат филозофите Николај Бердјаев, Иван Илин, Семјон Франк, како и астрономот Стратонов и историчарот Карсавин. Особено во Берлин се концентрирала речиси сета руска емиграција. Берлин со тоа го добил реномето на водечки центар во истражувањето на Русија и на руската култура и уметност. Николај Бердјаев таму воспостави интензивен контакт со германските филозофи Макс Шелер и Освалд Шпенглер. 1925-тата Бердјаев замина во Париз, каде стана професор по филозофија во институтот за православно богословие, Св.Сергеј. Во Берлин на почетокот беше и социологот Питирим Сорокин, кој потоа престојуваше кусо во Прага, а 1923-тата замина на конференција во Америка, каде што остана и направи блескава кариера. И кнезот Сергеј Трубецкој, филозоф и теоретичар на литературата, ја продолжи научната работа во Берлин.
Во 1923-тата во Берлин имало околу 40.000 руски бегалци. Постоеле три руски театри, а се печателе повеќе од осумдесет дневни и неделни руски весници. Продукцијата со книги на руските издавачи во Германија, во 1924-тата ја надминала онаа на германските. Руските филозофи ја продолжиле научната работа преку своите асоцијации: „Руското научно филозофско здружение“, „Рускиот академски сојуз" и „Религиозно- филозофската академија“.
Кусо по Октомвриската револуција, изгонетите руски интелектуалци придонеле Прага да го добие името руски Оксфорд. Тие таму основале шест високи школи. Постоела вистинска руска научна колонија. Таму работеле филозофот Петар Струве и историчарот Александар Кизеветер. Руските научници најдоа азил и на универзитетот во Белград. Познатиот професот по црковна историја на Св.Сергеј во Париз, Николај Афанасјев, 1920-тата стигнал со брод од Одеса во Константинопол со првиот бран руски бегалци. Оттаму, преку балканската рута, стигнал во Кралството СХС. Ги завршил студиите на штотуку основаниот Богословски факултет во Белград. Од 1925-1929-тата предавал веронаука во женската гимназија во Скопје. Заминал да докторира во Париз, во институтот Св.Сергеј, останал таму, а подоцна станал професор по црковна историја и канонско право.
„Филозофскиот брод“ не е само шифра за авторитарните режими и жртвите на интелектуалните геноциди. Тоа име е и симбол за силата на духот и мислата, кои никоја власт не може да ги зароби, а уште помалку да ги искорени, како што веруваа Ленин и Троцки. Тие ги изгонија оние што не можеа да ги поднесат во својата близина. Им ја одземаа татковината и ги осудија на меланхолијата на животот во егзил. Потоа Троцки самиот мораше да бега од Сталин во егзил. Ама тој го најде и му прати убијци. Дури во Мексико! Меѓутоа, иако Троцки и Ленин ги осудија руските интелектуални емигранти, коските да им лежат на гробиштата насекаде низ Европа, нивните научни дела, нивните прочуени филозофски книги се вратија во постсоветска Русија. Тие беа Ноевата арка на руската интелигенција. За нив прогонството беше спасително.