1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Финална битка за договорот за Брегзит

Барбара Везел
4 декември 2018

Денеска во британскиот парламент започнува петдневна дебата за договорот за Брегзит. Како што стојат работите, Тереза Меј ќе доживее пораз на гласањето наредната недела. Потоа политичките карти наново ќе се мешаат.

https://p.dw.com/p/39PH4
Brüssel EU Brexit Abkoomen Theresa May
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/A. Grant

На самитот на Г20, Тереза Меј  би се рекло безуспешно се обиде да ја продаде „Глобална Британија" како нов трговски партнер. И само што излезе од авионот која ја донесе од Буенос Аирес, таа веднаш гостуваше во утринската програма на британската телевизија ИТВ. „Треба да ги задржиме нервите“, истакна Меј во интервјуто, додавајќи дека има уште една задача: да испорача Брегзит, каков што сакаат луѓето и така натаму. Тереза Меј го промени настапот во стоички и тврдоглав, со надеж дека ќе ја преживее следната недела во Долниот дом на британскиот парламент.

Петдневната дебата ќе го продлабочи спорот

Меј ќе ја отвори и оваа дебата во парламентот, но што може да понуди? Имено, таа во последно време пречесто излегува пред пратениците и медиумите и се расфрла со веќе чуени флоскули.

А Долниот дом е целосно поделен. Во меѓувреме, како конзервативците, така и опозициските Лабуристи се поделени во неколку групи со различни позиции за договорот за Брегзит. Прегледна состојба изгледа поинаку, но се чини јасно дека Тереза Меј ќе го загуби гласањето, ако во исто време целата опозиција и - како што е најавено - Северноирската партија ДУП и делови од Ториевците гласаат против. Изгледа дека прашање е само колку тежок ќе биде падот.

London House of Commons Brexit Debatte May
Фотографија: picture-alliance/empics/PA Wire

Колку слобода донесува Брегзит?

Нов спор, во меѓувреме настана поради правното мислење за договорот за Брегзит на државниот правобранител. Опозицијата бараше целото стручно мислење да биде доставено до Долниот дом. Владата, од друга страна, не сака пратениците да го добијат, бидејќи во него има потенцијално експлозивни сознанија за континуитетот на царинската унија.

Повеќе на темата:

-Одложено ама не и решено – што доаѓа по Брегзит?

-Брегзит: Лидерите на ЕУ го одобрија „трагичниот“ развод со Британија

-„Дрим тим“ - борба за втор референдум за Брегзит

Вчера беше објавена само прочистена верзија, која исто така содржи цел куп баналности. На пример, дека Велика Британија би морала да ѝ плаќа на ЕУ онолку долго колку што ќе остане во преодната фаза. Или дека и наредната влада ќе биде обврзана на договорот, дури и ако го отфрли. Ова е вообичаена пракса во меѓународните договори.

Најголема возбуда предизвика заклучокот на главниот правник на владата дека кралството ќе остане заробено во привремената царинска унија, сѐ додека не биде постигнат нов договор со ЕУ. Со тоа Велика Британија би можела со години да не биде во состојба да склучува сопствени нови трговски договори со трети земји.

Сега парламентарците сакаат да ја видат непрочистената верзија на правното мислење на државниот правобранител со цел да најдат дополнителни аргументи против премиерката и нејзиниот договор. Истомислениците на Меј, значи, ги очекуваа тешки денови во Вестминстер .

Како натаму по предвидливиот пораз?

Во понеделникот весникот „Тајмс“ објави дека унионистичката партија ДУП сака целосно да ја повлече својата поддршка за владата на Меј. Ова би значело дека премиерката би го загубила мнозинството во Долниот дом и нејзиниот политички крај би бил практично запечатен.

Освен тоа, Лабуристичката партија во меѓувреме најави дека сака по гласањето на Брегзит да поднесе барање за гласање на недоверба на Меј. Дали тоа ќе се случи, зависи од тежината на нејзиниот пораз, од тоа дали ДУП навистина ќе се откаже од улогата на обезбедувач на мнозинство, како и од гласовите на некои подржувачи на тврд Брегзит во редовите на Ториевците кои сакаат да ја соборат Меј од власт.

Ако Меј доживее пораз на гласањето, конзервативците имаат две недели време да обезбедат кандидат кој ќе ја замени и кој е во состојба да обезбеди мнозинство во парламентот. Надежи буди министерот за животна средина Мајкл Гов, кој во моментов ѝ е полулојален на Меј и се претставува себеси како глас на разумот. Исто така, се шпекулира со министерот за внатрешни работи Саџид Џавид. Ако изборот на нов премиер не успее, ќе бидат распишани нови избори.

Од друга страна, ако не дојде до гласање за доверба со шанса за нови избори, Лабуристите имаат намера да се насочат кон создавање услови за вториот референдум за Брегзит. За вакво нешто, партискиот лидер Џереми Корбин ќе мора да поднесе предлог-закон и да обезбеди мнозинство во парламентот. Во моментов изгледа дека тоа би можело да успее.

Großbritannien Brexit-Debatte | Jeremy Corbyn, Labour
Џереми Корбин, лидер на Лабуристичката партијаФотографија: picture-alliance/empics

Ништо не е завршено, додека вистински не е завршено

За ЕУ, одолговлечената борба околу Брегзит значи дека во декември и натаму нема да има јасна слика за иднината. Ова значи дека подготовките за тврд Брегзит мора да продолжат натаму, иако британскиот Долен дом на парламентот порача дека сака да спречи такво нешто во секој случај. Брисел, исто така, мора да се подготви да добие барање за продолжување на рокот од член 50 во март. Бидејќи, расположивото време не е доволно ниту за втор референдум ниту за нови избори поради паузата за Божик. Четири месеци пред најавеното излегување од ЕУ на 29 март 2019, иднината за Велика Британија и натаму е нејасна.