1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фингерпринт - името на новата македонска битка

10 март 2021

Сите се согласни отпечатокот од прст треба да биде клучен чекор во обезбедувањето висок степен на регуларност на изборите, но нешто шкрипи во имплементација на законската обврска

https://p.dw.com/p/3qQNl
Fingerabdruck Scan
Фотографија: Getty Images/P. Macdiarmid

Намерата за обезбедување повисок степен на регуларност на изборите преку електронска контрола на отпечатокот од прст (фингерпринт) како гаранција дека едно лице гласа на едно место и не ќе може да гласа повторно, станува синоним за новата битка во пресрет на локалните избори. За новините во гласањето да доживеат „премиера" на локалните избори, покрај законската обврска, постојат два технички предуслови: да се набави соодветна опрема, и - да се набави навреме.

Премиерот Зоран Заев неодамна повика што поскоро да започне процесот на набавки на терминали за гласање за локалните избори да се одржат со фингерпринт гласање, но според опозицијата процесите одат во спротивна насока: кон враќање на спрејот и УВ ламбата.

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека одбивањето да се прифати електронски отисок на прст е знак дека власта подготвува кражба на изборите, но и дека опозицијата нема мирно да седи гледајќи како се крадат уште едни избори.
 

Што смее да излезе од базата на податоци?

Од власта претходно наведуваа дека проблем би можело да биде тоа што МВР вели дека нема законско овластување да ја даде базата на податоци (отпечатоци на прсти) на Државната изборна комисија (ДИК), која потоа нив би ги внела во електронските изводи на Избирачкиот список. Тврдеа дека се потребни измени на два члена на  Изборниот законик, со кои на МВР ќе му биде наложено да ја сподели базата на податоци за користење и обработка.

Но, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека тоа не е точно.

„Небулозни се тврдењата дека со сегашните одредби на Изборниот законик, МВР не смеело да ја достави базата на податоци со отпечатоци на прсти и ќе ви кажам зошто! Треба само да го погледнете членот 43 од Изборниот законик каде што е наведено дека Министерството за внатрешни работи до ДИК доставува податоци и фотографии за граѓаните и потоа врши само разграничување по донос на тоа, со наполнети 18 години живот, заклучно со денот на изборите, кои имаат лична карта, патна исправа и слично. Никаде во членот 43 или никаде во Изборниот законик каде што обврска има МВР да доставува податоци не се таксативно наведени и наброени кои сѐ податоци се доставуваат, туку ги доставуваат неопходните и потребни податоци до ДИК за да можат да се спроведат изборите“, потенцира Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ.

И покрај тоа, ВМРО-ДПМНЕ сепак се согласило за тие измени, но резултатот бил поинаков.
„Кога веќе преговорите беа во напредна фаза и очекувавме дека ќе постигнеме договор и конечно измените и дополнувањата на Изборниот законик ќе влезат во собраниска процедура, од Владата на СДСМ и ДУИ беше покренато барање ‘во игра да се вратат' користењето на спрејот и УВ ламбата, иако по завршување на парламентарните избори 2020 година овој член е ставен надвор од сила, односно законот упатува на задолжителна примена на уредите за отчитување на отпечаток од прст. Дали намерата на Владата на СДСМ и ДУИ е можноста за семејно гласање и гласање на лица кои не се присутни на избирачките места во Република Македонија да продолжи, дали намерата е повторно да има ‘брзи прсти' и ‘гласање а ла Усеин Болт', ќе оставам граѓаните да проценат!“, изјави Јанушев.

Тој упати апел и до меѓународната заедница да реагира и да изврши притисок до власта за таа да го почитува она што е напишано во законот, се со цел да нема двојни гласања, „бугарски возови" и кражба на изборите.

Brüssel will EU-Außengrenzen abschotten - Plan für Fingerabdrücke
Отпечатоците на прст на локалните избори ги скараа власта и опозицијатаФотографија: picture-alliance/dpa/T. Hase

Консензус за измени во ИЗ

Од СДСМ тврдат дека од ВМРО-ДПМНЕ не ја зборуваат вистината.

„СДСМ  е за фингерпринт на локалните избори и не е против како што тврдат од ВМРО-ДПМНЕ, но секогаш кога станува збор за измени на Изборниот законик тогаш мора да обезбедиме консензус, и сите политички чинители треба да се согласат за измени во Изборниот Законик", изјави координаторот на пратеничката група на СДСМ во Собранието, Јован Митрески.

Според него, дилемите и натаму се поврзани со базите на податоци од МВР, но и со други аспекти поврзани со евентуални нестабилности на системот за гласање. 

„Оние дилеми кој што се јавуваат кај другите политички чинители се поврзани со тоа што може или треба да се направат измени во Законот за да се префрлат базите на податоци од МВР, и се поставува дилемата што ако во случај во текот на денот на гласање се случи некаков дефект, паѓање на мрежа и слично, дали треба да биде прекинато гласањето или треба да има и други опции, како би гласале граѓаните“, вели Митрески.

Обвинувањата од опозициската партија Митрески ги оцени како невистини и барање алиби од ВМРО-ДПМНЕ за изборниот пораз што ќе им се случи на локалните избори.

Обвинувањата околу темата „фингерпринт“ се случува во време кога Собранието е блокирано, и поради отсутни пратеници заболени од Ковид, но и фактот што опозицијата не сака да обезбедува кворум за работа на парламентот кога тенкото владејачко мнозинството самото не успеава во тоа.

Според Митрески, евидентно е дека опозицијата продолжува да ја блокира работата на Собранието.

„Опозицијата прво ги блокираше измените на Деловникот за да може пратеници кои се позитивни или се во изолација да работат од далечина, а кога имаме такви случаи во мнозинството, тогаш не доаѓаат, за да не се изгласаат законите. Сега стигнаа најави за блокирање на Законот за прекршоци со 2.000 амандмани. Станува збор за блокирање на закон каде што ги зголемуваме казните на сите кои наштетуваат на животната средина“, вели Митрески.

Тој најави дека со претседателот на парламентот, Талат Џафери, на редовни и вонредни координации ќе се бараат решенија како ќе излезе од ваквата ситуација.