1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Финска: секому по 560 евра

Рахел Стјуарт
3 јануари 2017

Финска е првата земја која се впушти во експериментот на безусловен приход за граѓаните.

https://p.dw.com/p/2VBke
Deutschland Euro-Schein auf der Straße
Фотографија: Imago/imagebroker

Од почетокот на оваа година, одбрана група од 2.000 невработени во Финска ќе прима по 560 евра, плата со која не се поврзани никакви услови - не мораат да работат и не мораат да бараат работа, ако не сакаат. Со тоа Финска е првата земја која се впушти во експериментот на безусловен приход за граѓаните, за кој многу земји само размислуваат. Целта е во првата фаза да се види како безусловната плата ќе влијае врз однесувањето на граѓаните.

Парите ќе ги дели финската служба за социјална помош, таму позната како Кела. Треба да се додаде-овој износ никако не значи можност за лагоден живот во Финска, просечната плата таму е околу 3.400 евра, што значи и трошоците за живот се застрашувачки високи.

Но, тоа не е ни смислата на таквиот темелен приход, објаснува Марјука Турунен, која е на чело на управата на Кела: „Мислиме дека ова би можел да биде одличен поттик луѓето да прифатат некои помали и работи на одредено време.“ Досега и невработените многу нерадо прифаќале такви работи, плашејќи се дека ќе бидат турнати на дното на скалата ако се појави „вистинска“ работа, а притоа е присутен и проблемот со данокот. Зашто, ако парите од работа на половина работно време се соберат со помошта која ја примаат, понекогаш се случува в џеб да им остане помалку отколку ако воопшто не работат.

Со новиот концепт тоа е поинаку: на основниот безусловен приход не се плаќа данок, дури и ако луѓето најдат работа и заработат нешто дополнително. „Тоа ќе им даде финансиска сигурност. Можат да бидат сигурни дека парите ќе им стигнат навреме. Што ќе направат со нив, е нивна работа“, објаснува раководителката на социјалната служба.

Street Style Pelzmantel
Богатата Финска се впушта во експеримент за кој размислуваат повеќе земјиФотографија: picture-alliance/robertharding/L. Grier

Иднината на пазарот на труд

Учесниците на експериментот се избираа со лотарија меѓу лица на возраст меѓу 25 и 58 години, кои во Финска во ноември 2016. година сѐ уште примале помош за невработени. Избраните лица беа известени на 31. декември и не можат да го одбијат учеството во експериментот.

Во институцијата за социјална помош се уверени дека „примарната цел“ на експериментот ќе биде поврзана со промоција на вработување. Освен тоа, ќе им помогне и на самите невработени, кои, покрај потрага по работа, морале уште да пополнуваат и неброени формулари за да ја остварат помошта.

Предвидено е експериментот да трае две години и во Финска се надеваат дека ќе биде проширен на уште поголем број граѓани. Но, владата уште нема дадено одобрение.

Во сите дискусии околу основиот безусловен приход се слушаат и критики дека на овој начин луѓето ќе бидат уште помалку мотивирани во барањето работа. Факт е сепак дека работната средина во денешното општество претрпе значајна промена во споредба со не толку далечното минато. На индустријата ѝ треба сѐ помалку едноставна работна сила, а сѐ повеќе само стрчњаци кои ќе управуваат со компјутерите. Затоа, заговорниците на безусловниот приход тврдат дека тој во еден момент ќе стане речиси неопходен, зашто едноставно нема да има доволно работни места за целокупното работоспособно население.

И другите експериментираат

Таквиот темелен приход е во колизија со врежаната капиталистичка претстава според која пари треба да добијат само оние кои ќе ги заработат. Швајцарија оваа година спроведе референдум за предлогот за воведување безусловен месечен приход од 2.00 швајцарски франци (околу 2.300 евра). Пословично трудољубивите Швајцарци тој предлог го одбија - со убедливо мнозинство. 

Меѓутоа, и во други земји се размислува околу слични модели, не само во богатите држави како Финска или Холандија, туку и во Кенија и Индија. По храброста веднаш по Финска е Канада: во покраината Онтарио во 2017 година исто така е предвиден експеримент од ограничени размери. Основата на иницијативата е мислењето на поранешниот конзервативен сенатор Хју Сегал, кому едноставно му досадила вечната дебата на заговорниците и противниците на ваквиот концепт, зашто и едните и другите се повикуваат на теоретски претпоставки. Сенаторот затоа бил на мислење работите да се испитаат во пракса, па без предубедувања да се изврши проверка дали тоа ќе функционира. Затоа, канадскиот сенатор предложи програма во траење од три години. Избраните лица ќе добиваат 1.320 канадски долари месечно (околу 930 евра), а предвидено е да бидат опфатени и инвалидизирани лица, кои ќе примаат 1.820 долари (1.280 евра).