Формула за „фашистичкото минато“ во спорот со Бугарија
1 февруари 2021Кога бугарските и македонските политичари би се запознале со историјата на германско-полското пријателство, тие би согледале дека врвниот принцип во процесот што започна со Договорот за пријателство и со формирањето на мешовитата македонско-бугарска комисија мораше да биде ригорозното почитување на „билатералноста“. А тоа значи дека меѓусебните проблеми не смеат да се „инструментализираат“ во друг политички контекст. На пример, во евроинтеграцискиот процес на Македонија. Ветото од Бугарија е драстично прекршување на принципот на „билатералноста”. Бугарите и Македонците ги имаат европските алатки на билатералноста: Договорот за пријателство и мешовитата комисија. Ако бугарската политика стане свесна за овој контекст, таа би требало да го повлече ветото и својот Меморандум до ЕУ. Затоа што посакуваното приближување на Бугарите и Македонците не е возможно додека тој процес е блокиран. Тоа може да се случи само во ЕУ-контекст. Тогаш сите контроверзни прашања би можеле да се разгледуваат на подолг рок и во дух на меѓусебно почитување.
Кои се полезните сознанија за овој процес од односите меѓу Германија и Полска? Најнапред сознанието дека за пријателство е потребна позитивна политичка клима. Полско-германското надминување на историските трауми започна во времето кога Полска беше уште членка на Варшавскиот пакт, со храброста на Вили Брант да ги потпише 1970-тата „Договорите со Истокот“ – со Полска и со Советскиот сојуз. Во истиот миг тој и симболично ја потврди својата искрена желба за мир, паѓајќи на колена во името на целиот германски народ пред споменикот во Варшавското гето. Тој чин не е само историски. Тој е симболот на пријателството помеѓу Полјаците и Германците. Две години подоцна, полската делегација во УНЕСКО се договори со своите германски колеги, предводени од славниот Георг Екерт, да се формира мешовита комисија за ревизија на учебниците. Таа комисија работи до ден-денес. Која е поуката од тоа за македонските и бугарските политичари? Дека тој процес ќе биде долг и тежок.
Секако, никој не бара од балканските политичари преку ноќ да станат слични на Вили Брант. Но Борис Борисов и Зоран Заев можеа барем да паднат на колена пред гробот на Гоце Делчев, за да покажат почит кон неговото револуционерно дело, кое има поинакво значење во бугарски и во македонски контекст. Тоа ќе станеше видлив симбол за европскиот начин на посматрање на личностите од минатото: тие легитимно смеат да припаѓаат не само на еден народ и само на едно историско паметење. Еден полски дипломат рече уште во седумдесеттите дека „повредената национална гордост сама по себе не е политичка категорија, но може да предизвика политички последици“. Кога бугарската министерка за надворешни работи инсистираше дека Македонците треба да „признаат” дека имаат „бугарски” корени, таа не ја поседуваше мудроста на полскиот колега. Таа грубо ја повреди националната гордост на Македонците, но и принципот на европското почитување на националниот идентитет и на националниот јазик. Да не се почитуваше овој принцип во ЕУ, тогаш никогаш не ќе се надминеше сложената историја меѓу Полјаците и Германците. Една полска поговорка од 16-от век вели дека „додека постои светот, Германците и Полјаците нема да станат браќа“. Уште пред Првата светска војна во полската перцепција на Германија таа ги „германизирала“ Полјаците со силата на стапот. Уште потрауматично е полското историско паметење од Втората светска војна.
Други колумни од авторката:
-Наследените трауми, бугарската писателка Капка Касабова и јас
-Да беа Бугарија и Македонија како Германија и Полска
-Бугарскиот страв од македонско малцинство
И покрај тоа, само три години по формирањето на мешовитата германско-полска комисија, таа ги објави првите препораки за учебниците по историја и географија. Во нив има полезни сознанија и за мешовитата македонско-бугарска комисија. Препораките ги формулирал пионерот на новата педагогија на мирот – германскиот научник Георг Екерт. Патем, и во работата на полските и германските научници имало разлики во толкувањето на историските периоди и настани. За разлика од бугарската политика, која директно се вмеша во работата на научниците, барајќи брзи и јасни решенија на многу сложени проблеми, германските и полските научници уште во првите препораки ги истакнуваат разликите во толкувањата како неутрален факт, кој говори за тоа дека е неопходна долготрајна и продлабочена научна дискусија. Секој компромис во мислењата на полско-германските научници не бил едностран диктат, туку се постигнувал само тогаш, кога двете страни сметале дека се земени во предвид и нивните аргументи. Принципот на работата бил обостраното почитување и колегијална клима, во која ниту една од страните не си земала за право да диктира толкување на историски настан или личност според својот историски наратив.
Првиот претседавач на полскиот тим, историчарот Владислав Маркјевич, истакнува дека најмалку проблеми имало во толкувањето на историјата од Втората светска војна. И Георг Екерт го поздравува фактот дека во полските учебници се правело разлика помеѓу Германци и „Хитлерофашисти”. Притоа и во работата на комисијата и во препораките јасно се прикажани и сите злостроства направени од „хитлерофашистичката“ војска. Двата тима од научници сметале дека разгледувањето на Втората светска војна и окупацијата на Полска од страна на Хитлерова Германија и последиците од неа за полскиопт народ треба да бидат јасно презентирани во учебниците во двете земји. Дали такво нешто би препорачале и бугарските научници за окупацијата на Македонија? Во особена мера требало да се истакне дека Хитлеровиот режим немал за цел само да ја уништи полската држава, туку и полската интелигенција и култура, заробувајќи го полскиот народ и преобразувајќи ја Полска во колонија. Во германските учебници требало јасно да се истакне овој факт, но и да се прикаже не само борбата на полската армија која беше симбол за тоа дека полската држава продолжила да постои, туку и борбата на полските партизани, востанието во Варшавското гето и во градот Варшава.
Секако, Владислав Маркјевиќ истакнува дека не можело насекаде да се избегне и употребата на зборовите Германци и германски во контекст на Втората светска војна, затоа што нив ги имало во оригиналните документи во учебниците. Од друга страна, онаму каде што научниците сметале дека се работи за позитивни настани, тие го употребувале поимот „германски“. На пример, во описот на коректниот однос на двајца германски генерали кон еден заробен полски мајор и кон неговите војници. Исто како што и за учесниците на неуспешниот атентат на Хитлер од 20 јули 1944, во новите полски учебници се вели дека тие се ликвидирани на стравитен начин, со што кај учениците се поттикнува сочувството за нив, нешто што било незамисливо во постарите учебници.
Полско-германската комисија им препорачува на авторите на идните учебници во двете земји да се истакне и борбата на германските борци против Хитлеровиот режим која, заедно со онаа на полските партизани, треба да биде претставена како дел од европската борба против фашизмот. Напротив, актуелните бугарски политичари покажаа најмалку историска сензибилност за учеството на Македонците во антифашистичката борба на југословенските партизани, нарекувајќи го Тито „најголемиот диктатор “ и споредувајќи го со Хитлер.
Зошто настана овој проблем? Затоа што веројатно Бугарија самата нема постигнато јасна свест за тоа што во нејзиниот наратив значи периодот на Втората светска војна и окупацијата на Македонија. Тоа остава сомнеж дека можеби во бугарското општество уште нема јасна осуда на режимот во Бугарија кој беше во коалиција со Третиот Рајх. Се‘ зависи и од тоа како самата бугарска историографија и политика ја нарекува бугарската армија која ги извршила злосторствата во Македонија и не се спротивставила на депортирањето на Евреите. Дали ја нарекува „хитлерофашистичка” затоа што постапувала во духот на националсоцијалистичката идеологија на Третиот Рајх? Од тоа како бугарската политика и историографија ќе ја дефинира улогата на бугарската држава во коалицијата со Хитлер, ќе зависи дали ќе има напредок во однос на разговорите со Македонија за најболниот период од историското паметење – Втората светска војна. Македонските историчари, повикувајќи се на препораките на Георг Екерт, имаат право да побараат од своите бугарски колеги во бугарските учебници да се прикаже подетално антифашистичката борба на македонските партизани. Секако, и во македонските учебници треба да се прикаже и борбата на бугарските антифашистички борци. За воопшто да дојде до тоа, најнапред бугарските политичари и научници треба да се потрудат да го разберат македонскиот поглед на минатото. Синтагмата дека Македонците биле биле „еден народ“ со Бугарите е слепа улица. Таа не само што го навредува националното достоинство на Македонците, туку покажува дека Бугарите уште не го надминале своето минато од неколкуте војни за Македонија. „Хитлерофашистите” ја окупираа и Австрија, затоа што беа уверени дека Австријците се Германци. Австрискиот државен и национален идентитет, исто како и македонскиот, настана дури по 1945-тата. Австријците зборуваат, барем според граматиката и синтаксата, идентичен јазик со Германците, но не се сметаат себеси за Германци. Тоа денешните Германци го почитуваат. И денешните Бугари, доколку се вистински модерни Европејци, треба да прифатат дека Македонците не се сметаат себеси за Бугари. Како и фактот дека тие имаат право на свое македонско толкување на историјата. Само тогаш таа ќе може да биде споделена, кога бугарските историчари ќе го прифатат и македонскиот поглед на историјата како легитимен. Оти со кого да се споделува историја кога посилниот партнер вели дека таа е само негова?