Фотографија на денот: Велигден во Украина
25 април 2022И покрај сите повици за прекин на огнот, во Украина се пука и на Велигден. Русија продолжува со напади, Украина јавува за цивилни жртви, меѓу кои и деца.
Поради војната и полицискиот час, ноќните традиционални велигденски богослужби мораа да бидат префрлени за недела наутро. Во многу цркви се зборуваше за страдањата во војната, но се ширеше и велигденска радост. Поглаварот на автокефалната Украинска православна црква, митрополитот Епифаниј, уште пред Велигден повлече паралели помеѓу судбината на Украина и страдањата на Исус Христос. Тој на Твитер ја опиша Русија како „царство на злото“. Велигден за христијаните е свет, но руската армија и натаму уништува украински градови и села и убива недолжни луѓе“, напиша митрополитот Епифаниј.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во видео порака на Велигден рече дека го „моли Господ за милост за да се оствари нашиот сон... денот кога во Украина ќе настапи голем мир, а со него и вечна хармонија и просперитет“. Видеото, во кое Зеленски повикува и „Велики и единствен Боже, спаси ја нашата Украина!“ е снимено во катедралата Софиски собор во Киев, најзначајната црква во градот.
Верниците во земјата немаат можност насекаде да се помолат во црква. На оваа фотографија, направена во Бахмут, источна Украина, мајка ѝ помага на својата ќерка да бакне икона поставена на импровизирана сталажа од вреќи за песок, кои се користат за барикади.