1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Германија - вакцинирање во автобус, стадион, продавница...

ЖА / дпа
13 септември 2021

Од денеска во Германија ќе се врши вакцинирање во трговски центри, библиотеки, џамии, јавен превоз – обид да се разбуди мотивацијата кај граѓаните да се вакцинираат.

https://p.dw.com/p/40F0W
Mobile Corona-Impfung
Фотографија: Roberto Pfeil/dpa/picture alliance

Во борбата против пандемијата на коронавирус, недела на засилена вакцинална кампања во Германија треба да донесе нов напредок. Секој граѓанин на исклучително голем број локации може да добие вакцина без закажан термин и бесплатно. Покрај постојните можности во центрите за вакцинирање, мобилната кампања треба да ја подигне „заспаната“ квота на вакцинирани во земјата и да спречи влошување на четврт бран на коронавирус во есенските и зимските месеци.

Германската канцеларка Ангела Меркел вчера ги повика граѓаните да ги користат понудите. „Никогаш не било поедноставно да се добие вакцина, никогаш досега не било побрзо“, истакна таа.

Вакцинални тимови ќе бидат присутни и на фудбалски стадиони, спортски терени, пред граѓански здруженија, на пешачки зони, во трговски центри, библиотеки, џамии. Акциската недела за имунизација трае до 19 септември. Досега во Германија против коронавирус комплетно се вакцинирани 62 проценти од граѓаните, стапката многу бавно се зголемува. Според мислењето на експертите, потребна е опфатеност со имунизација од најмалку 75 проценти од населението за да се ублажи ударот на четврт бран на пандемијата, а уште повеќе за негово спречување.