Германија од денеска во делумен локдаун
2 ноември 2020Институтот Роберт Кох објави 12.000 нови инфекции во последните 24 часа, што е намалување во однос на претходните денови, но вообичаено е бројот во првиот ден од неделата да е понизок, со оглед што не сите Заводи за здравствена заштита доставуваат извештаи на викенд.
Инфекциите со Ковид-19 во изминатите недели драстично се зголемија, по што канцеларката Ангела Меркел и покраинските премиери договорија поострени мерки. За разлика од пролетоска, сега остануваат отворени училиштата и градинките, како и продавниците, во црквите смеат да се одржуваат богослужби, а протести не се забранети. Но, затворени се сите ресторани и кафулиња, базени, фитнес –студија, на јавни места се дозволени средби на максимално десет лица од две семејства.
Германскиот министер за здравство Јенс Шпан апелираше до граѓаните да ги редуцираат своите контакти соодветно на ситуацијата која налага национални напори во ноември.