Франција во шок по терористичките напади
14 ноември 2015
Француската полиција соопшти дека има над 120 жртви во неколкуте терористички напади што се случија синоќа во Париз.
Најтешкиот вооружен напад, во кој беа убиени околу 100 лица, се случи во концертна сала со 1500 посетители, каде напаѓачите извршија масовно киднапирање. Кратко по полноќ полицијата продре во салата, каде нашла стотина тела, жртви на четворица атентатори кои претходно пукале на сите околу себе, за потоа и самите да се убијат преку активирање на експлозив. Еден очевидец за радио Франс изјави дека напаѓачите извикувале „Алах акбар“ (Бог е голем) , пукајќи во масата.
Другите луѓе се убиени во нападот на еден ресторан и во самоубиствени бомбашки напади во близина на најголемиот фудбалски стадион во земјата, а вкупно се воделе престрелки на седум локации низ градот.
Во овие часови Париз е трауматизиран град. Луѓето се исплашени, насекаде патролираат полицајци во панцирни униформи, сирените завиваат. Сцени од метропола, која доживеа терор.
Францускиот претседател Франсоа Оланд изјави дека станува збор за „досега невидени терористички напади“ и воведе вонредна состојба во целата земја. Оланд истакна дека „ги мобилизирал сите можни сили заради неутрализирање на терористите и обезбедување на погодените квартови на градот. Според Елисејската палата, мобилизирани се дополнителни 1500 војници со цел да се зајакнат безбедносните мерки во градот. Оланд рано утрово најави „безмилосна борба против тероризмот.“