1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Францускиот предлог е во бугарското Собрание

БГ
17 јуни 2022

Францускиот предлог за надминување на спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија стигнал до Комисијата за надворешна политика на бугарскиот парламент. Дебатата се уште не е закажана

https://p.dw.com/p/4CrSW
Bulgarien Parlament
Фотографија: Imago/R. Unkel

Предлогот на француското претседателство на ЕУ, кој треба да послужи како основа за решавање на бугарско-македонскиот спор и дигање на ветото на Софија за почеток на пристапните преговорите, стигнал до членовите на Комисијата за надворешна политика на бугарското Народно собрание, дознава ДВ. Сепак, документот не е поставен на официјалниот портал на Собранието, како што е вообичаена пракса во таквите ситуации, затоа што неговата содржина е прогласена за „тајна“. 
Францускиот амбасадор во Софија, Флоранс Рубин во четвртокот им го претставил документот на членовите на групата за пријателство со Франција во бугарското Собрание, јавува Бугарското национално радио. Притоа било дискутирано дали владата го има неопходното мнозинство да го протурка документот во парламентот. 

Конечната одлука во парламентот  

Во средата, владата на премиерот Кирил Петков најави дека секое прифатено решение кое одскокнува од утврдените бугарски позиции за спорот со Северна Македонија ќе биде ставено на гласање пред парламентот. Досегашното владејачко мнозинство, во меѓувреме, се распадна и неизвесно е дали Петков може да собере доволно гласови со кои ќе се одобри отстранувањето на ветото. 

На 22 јуни е закажано гласање за доверба на владата во Петков. Претседателот Румен Радев во петокот и се закани на владата со „тешки последици“ доколку го отстрани ветото без да води сметка за државните интереси.  

Според неофицијални информации, францускиот предлог предвидува дел од бугарските барања да се вметнат во Преговарачката рамка на Северна Македонија со ЕУ. Таквиот предлог веќе го одби најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, а не е сигурно дека ќе биде прифатен ниту од владата. Процедурата предвидува најпрво за него да се изјаснат членките на ЕУ, Франција како актуелен претседавач и Бугарија како засегната страна, а потоа да оди кај македонската страна. 

Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји во петокот оцени дека преговорите за тргање на ветото се „ќорсокак“. 

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски во петокот на Фејсбук објави документ за кој тврди дека е францускиот предлог. Во него се предвидува исполнувањето на Договорот за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија од 2017 година, заедно со билатералните протоколи, да влезе во Преговарачката рамка. Дополнително, во текот на преговорите ќе се води сметка да им се посвети „посебно внимание“ на правата на малцинствата и заедниците во Северна Македонија 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема