Фридом хаус регистрира пад во македонската демократија
18 јуни 2013Организацијата „Фридом хаус“ забележува „пад во правната рамка и независноста на судството, по алармантните нарушувања во истрагата на познато убиство и бесрамниот политички притисок на судовите од страна на министер за здравство“. Тоа на Фридом хаус му предизвикало „сериозни сомнежи за изгледите на сеопфатните судски реформи и антикорупциски напори“. Затоа Македонија бележи пад во индексот за слободата на судството. Тој оваа година изнесува 4,25. Минатата година бил 4.
Во оснос на независноста на медиумите земјата е оценета со ист индекс како лани – 4,75. Фридом хаус ги рангира земјите на скала од еден до седум, односно од консолидирана демократија до консолидиран авторитарен режим. Со 4 се оценува транзиционо владеење/хибриден режим, а со 5 полуконсолидиран авторитарен режим.
Пад се бележи и во однос на демократијата – од 3,89 на 3,93 оваа година. Иста оценка како и лани, односно 3,25 Македонија доби за цивилното општество. Во однос на корупцијата, земјата и минатата и оваа година е оценета со иста оценка - 4.