1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фризерите почнуваат со работа: Дојде крајот на долгите коси

Сабине Кинкарц
2 мај 2020

Миење, стрижење, фенирање: заради пандемијата на корона фризерските салони останаа долго време затворени. Под строго пропишани услови од 4 мај повторно може да работат - и веројатно услугите ќе поскапат.

https://p.dw.com/p/3bcOu
Friseursalon Sevils Haarstudio in Berlin
Фотографија: DW/S. Kinkartz

„Севил, повторно отворивте?“ Гласот на жената која стои на отворената врата во нејзиниот фризерски салон во Берлин е полн надеж. Таа покажува прст на кој виси црвен вештачки скршен нокт. „Не држат веќе, премногу се пораснати”, се жали жената и притоа си ја допира витканата руса коса фатена во репче. „Дури следната недела, но сите термини се полни до средината на мај”, вели Севил Булут и со жалење ги собира рамената. Наместо ножици и чешел, 58-годишната фризерка в раце држи метар и го гледа хаосот во салонот: шест берберски столови, четири црни колички со чешли, четки, витлери и шноли, клупа со дебели перничиња на кои порано клиентите чекаа на својот термин, бричеви, стиропори со перики... Речиси ништо не е на своето вообичаено место. 

Friseursalon Sevils Haarstudio in Berlin
Фризерскиот салон се дели во зониФотографија: DW/S. Kinkartz

Закажување термини во 7 наутро

Пред да отвори на 4 мај сѐ мора да се пререди и организира наново. „Средувањето нокти и натаму е забрането, жал ми е”, вели Севил пред да ја испрати разочараната муштерика. „Не можеме глава да кренеме од термини”, се радува ќерка и’ на Севил и косопственичка на салонот, Дилара Акбај. Откако се прочу дека салоните, кои се затворени поради пандемијата, по шест недели повторно ќе може да отворат, телефонот за закажување термини постојано ѕвони. „Ја префрливме линијата на домашниот број, првите повици беа во 7 наутро, а последните околу полноќ”.

Имало дури и обиди за закажување преку Инстаграм и Фејсбук. За двете претприемнички побарувачката на услугите е големо олеснување. На Севил и’ надоаѓаат солзи кога ќе се сети на 23 март, денот кога повеќе од 80 илјади фризерски салони во Германија мораа да затворат. „Немам финансиски резерви”, вели таа. Нејзините вработени ги ставила на скратено работно време, чираците чекаат дома додека повторно почне со работа.

Friseursalon Sevils Haarstudio in Berlin
Голема побарувачка на услуги, термините се пополнети до средината на мајФотографија: DW/S. Kinkartz

Да се преживее со државна помош

Од буџетот на Берлин двете добиваат 5 илјади евра итна помош, а од сојузниот буџет уште 9 илјади евра. Во акција за соседска помош редовните клиенти купиле ваучери во вредност од 1600 евра кои ќе ги користат по отворањето. „Без парите немаше да знам како да ја платам киријата за мојот салон која неодамна беше зголемена на 11,50 евра за квадратен метар”, раскажува Севил за ситуацијата во која се нашла. На тоа ги додава и трошоците за дома. Сопругот на Севил, машиновозач, до септември нема да има работа и добива само пари за скратено работно време. Повторното отварање направило дополнителен трошок: се купувале нови наметки, средства за дезинфекција, сапун, средства за перење и чистење, ракавици за еднократна употреба и крпи.

Повеќе:

Меркел за коронавирусот: „Уште се движиме по најтенкиот мраз“

Германија почнува да излегува од корона-застојот

Германија ќе се брани од Ковид-19 со пакет од 1,100 милијарди евра

Секоја наметка и крпа по една употреба мора да биде испрана. Хигиенските услови кои се наметнати заради пандемијата се строги: заштита за устата и носот за вработените и клиентите се задолжителни, не смее да има чекалница, нема кафе и весници, ниту тоалет за клиенти. Косата мора да се мие во салон, стрижење на суво е забрането. „Мора ли да ја мијам косата на клиент и пред да фарбам прамени, мама?”, прашува 23-годишната Дилара, и додава дека тоа со миена коса е исто толку тешко, колку и да се прави тапирана фризура на влажна коса. „Секогаш мора да се мие косата, злато”, и одговара таа, а Дилара реагира фрустрирано.

Friseursalon Sevils Haarstudio in Berlin
Строгите услови за хигиена наметнуваат дополнителни трошоци, како апарати за дезинфекцијаФотографија: DW/S. Kinkartz

Голем трошок за одржување хигиена

Сите реквизити мора да се чистат пред да се употребат на друг клиент. „Порано четките навечер ги стававме во раствор со сапуница, но тоа сега не е доволно”, објаснува Севил. За 80 евра купила стерилизатор во кој четките за само неколку минути може да се дезинфицираат со УВ зраци. Ножичките и бричевите одат во друг апарат, каде се чистат со ултразвук.

Набавките чинеле 500 евра. „Наметките за еднократна употреба се распродадени”, се жали Севил додека разлистува дебел каталог за фризерски нарачки. Неодамна видела добра понуда на средства за дезинфекција во дрогерија и сакала да купи шест шишиња одеднаш. Но, касиерката прво не и’ дозволила и попуштила дури откако на мобилниот телефон се уверила дека е за потребите на фризерски салон. 

Наместо само едно шише, потоа смеела да купи три. Пред дрогеријата чекала друга муштерика што видела како Севил моли за средство за дезинфекција. „Таа ми го даде и нејзиното шише”. 

Friseursalon Sevils Haarstudio in Berlin
Стерилизатор во кој четките за само неколку минути може да се дезинфицираат со УВ-зрациФотографија: DW/S. Kinkartz

Суштината на дистанцата

Севил Булут особено си ја мачи главата со тоа како да го спроведе правилото за дистанца: 1,5 метар растојание мора да има и во фризерските салони. Не меѓу клиентите и фризерот – тоа е технички неизводливо. Но мора да има растојание меѓу два клиента и меѓу двајца фризери. Затоа салонот од 80 метри квадратни ќе биде поделен на зони. Кој каде смее да стои или седи е означено со жолто-црни ленти, кои се залепени на подот. Салонот има шест берберски столови. Ако мора да има растојание од 1,5 метри, тогаш две столчиња мора да се празни. Но, всушност на секој фризер му требаат две места за да може паралелно да ги опслужи клиентите. „Веќе не можам да нудам ‘трајна’ фризура, бидејќи таа се работи со часови, што значи едно столче ќе биде блокирано долго време, а тоа бара и неколкупати миење“, вели Севил.

Friseursalon Sevils Haarstudio in Berlin
Севил Булут особено си ја мачи главата со тоа како да го спроведе правилото за дистанца: 1,5 метар растојание мора да има и во фризерските салониФотографија: DW/S. Kinkartz

Цените мора одново да се пресметаат

Салонот има два леѓени за миење коса. Наместени се еден до друг и поради приклучокот за вода не може да се преместат. Како да се одржува растојание меѓу нив? „Смислив помеѓу нив да ставам проѕирен ѕид од плексиглас, но не знам дали тоа ќе биде доволно“, несигурна е Севил.

Последниве денови се обидува да добие некого од Здружението на трговци на телефон, но постојано е зафатено. Кога салонот ќе биде подготвен, Севил и Дилара ќе мора одново да ги пресметаат цените. Во иднина ќе мора да опслужуваат помалку клиенти, а повеќе време да трошат на дезинфекција и хигиенски мерки. Миење, стрижење, фенирање – ова досега за дамите, во зависност од должината на косата, чинеше меѓу 39,50 и 47,50 евра. За мажите стрижење на суво во просек чинеше 28 евра. „Во иднина ќе мора да наплаќаме најмалку 30 евра“, вели Севил.

Дали муштериите ќе го прифатат покачувањето на цените? „На почетокот веројатно нема да кажат ништо и ќе бидат среќни што по шест недели повторно ќе бидат услужени“, смета Севил. „Но, кога сето ова ќе се смири, тогаш ќе застанат и ќе речат: Боже Севил, баш си станала скапа.“

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ