1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фукушима: Радиоактивноста е под контрола?

Геро Рутер / Е.М. Фиданоска11 март 2016

Во Фукушима пред пет години се случи една од најголемите нуклеарни катастрофи во светот досега. Каква е состојбата денеска и какви поуки се извлечени?

https://p.dw.com/p/1IBTv
Фотографија: Getty Images/C. Furlong

Таква катастрофа во Јапонија за многумина беше незамислива. „Пред катастрофата мислев дека таква тешка несреќа во Јапонија не може да се случи со оглед на тоа што имаме многу напредна технологија“, изјави деновиве за ДВ тогашниот јапонски премиер Наото Кан, навраќајќи се на деновите кога се случи катастрофата. „Такви колосални штети вообичаено настануваат само по катастрофален воен пораз.“

За малку, меѓутоа, катастрофата ќе беше уште поголема. Покрај топењето на јадрото во првиот, вториот и третиот реактор и експлозиите на водород во реакторите од број 1 до број 4, се закануваше уште поголемо ослободување радиоактивни материи од четвртиот реактор. Резервоарите за горивни елементи се наоѓаат во горните катови на реакторите. Поради експлозиите на водород и земјотресот, стабилноста на резервоарите во реакторот број 4 беа оштетени. Во овој реактор, освен тоа, се наоѓаа и особено жешки, активни горивни прачки кои требаше да се оладат. Ако резервоарот се урнеше, а горивните прачки поради недоволно ладење се запалеа, тогаш радиоактивната контаминација можеше да биде и десет пати поголема.

Радиактивно зрачење како 580 атомски бомби

Радиoактивната контаминација во околината на Фукушима, но и во светот предизвикана од катастрофата беше голема. Според проценките на Кристијан Киперс, раководител на одделот за заштита од зрачење на Еко-институтот, при несреќата во Фукушима бил ослободен околу 580 пати повеќе цезиум-137 отколку при фрлањето на бомбата врз Хирошима. Голем дел од цезиумот-137 отишол во атмосферата, а друг дел заминал директно во морето. Киперс нагласува дека Фукушима е виновна за дополнителни пет проценти загадување на светските мориња. Катастрофата во Чернобил, според пресметките на Киперс, била одговорна за натамошни три проценти загадување, а шест проценти радиоактивен отпад доаѓа од централите каде што се обработува нуклеарно гориво.

Недоволно знаење за отстранување на последиците

Според наводи на енергетскиот концерн Тепко, состојбата во централата во Фукушима се „стабилизирала“. Работите на целосно стопирање на работата на централата се „завршени во обем од околу 10 проценти“, вели менаџерот на Тепко, Акира Оно. Според неговите проценки, целосното запирање на работата ќе се случи за 30 до 40 години. Други експерти пак сметаат со уште подолг период. „Последиците ќе бидат присутни со векови“, уверен е Хајнц Смитал, атомски физичар на Гринпис.

Japan Okuma , Fukushima , dosimeter radiation level of 9.76 microsieverts
Радиоактивноста во околината на Фукушима е и натаму големаФотографија: Reuters/Toru Hanai

Големо олеснување предизвика безбедносното изолирање на горивните елементи од резервоарите во реакторот, кое беше завршено на крајот на 2014 година. Доколку тоа не успееше, не можеше да се исклучи нова голема атомска катастрофа во Фукушима. Во наредните години експертите сакаат безбедносно да ги изолираат и горивните елементи од резерваорите во останатите три реактори. Доколку тоа не се стори, постои опасност при земјотрес со средна јачина да се ослободат натамошни радиокативни материи.

Многу голем проблем претставуваат и стопените горивни материјали и уништените резервоари во централите 1 до 3. Контролата на лице место, поради екстремно високата радиоактивност, е невозможна за луѓето, а употребата на роботи за таа цел досега не донесе успех. „До денес не се знае што точно се случува таму и како е можно да се изведе безбедносна изолација“, објаснува Смитал. „Досега нема решение за тоа како безбедносно да се изолираат стопените горивни материјали во реакторите. Светот нема доволно знаење како да постапува со катастрофа од ваков вид и размери.“

Fukushima Zerstörung Frau mit Blumen
Во земјотресот и цунамито од 11 март 2011 година во Јапонија загинаа 18.500 луѓеФотографија: picture-alliance/dpa/K.Kamoshida

Водената маса надвор од контрола

На просторот на централата во Фукушима работат околу 7000 работници од Тепко. Кон тоа треба да се додадат и луѓето од претпријатија со кои е склучен договор за работа во и околу централата. Голем дел од урнатините се отстранети во последните пет години, разурнатите објекти од реакторите се делумно стабилизирани.

Голем проблем има и со радиоактивноста на водата. Секојдневно неколку стотици тони вода тече низ централата и се пробива во подрумите на уништените реактори. Таму таа се меша со водата со која Тепко ги лади загреаните реактори.

Дел од радиоактивниот материјал се дели од водата, но таа останува радиоактивна, така што складирањето на речиси 800.000 тони вода во цистерни станува сѐ поголем проблем.

Извлечени поуки?

Оно нагласува дека нов силен земјотрес или цунами би претставувале ризик за централата во Фукушима. Во соопштение за ДВ, од Тепко се вели дека за да се заштитат од несреќи реакторите кои сѐ уште функционираат во Јапонија и за со нив да се произведува и натаму струја, преземени се различни мерки за безбедност и се извлечени поуки од атомската катастрофа.

Поранешниот јапонски премиер Кан има сосема поинакво гледање на работите: „Несреќата темелно го промени мојот став. Мислам дека нуклеарната енергија е најопасната форма на добивање енергија и ризикот од натамошно употребување на ваква техника е преголем.“

Експертите кои се критички настроени кон атомската енергија предупредуваат дека една нукеаерна несреќа може да има и 10 или 100 пати потешки последици од несреќата во Фукушима. Смитал нагласува: „Сите реактори кои продолжуваат со работа се потенцијална опасност и мора да бидат запрени пред да се случи тешка несреќа.“