1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хаг: Кина нема историско право врз Јужното Кинеско Море

Б. Георгиевски/ртр12 јули 2016

Трибуналот во Хаг денеска пресуди дека Кина нема историско право на ексклузивно користење на Јужното Кинеско Море. Официјален Пекинг не ја признава надлежноста на Хаг, Филипините повикаа на смиреност.

https://p.dw.com/p/1JNY9
Фотографија: picture-alliance/Permanent Court of Arbitration

Судот за арбитража денеска пресуди дека Кина нема историско право врз водите во Јужното Кинеско Море и дека ги прекршила суверените права на Филипините со своите акции.

Официјален Пекинг експресно ја отфрли пресудата како „ништовна и неважечка“ и најави дека ниту ќе ја прифати, ниту ќе ја признае. Кина, која го бојкотираше процесот, најави дека нејзините воени сили ќе го бранат суверенитетот и националните интереси.

„Оваа пресуда претставува разорувачки правен удар врз кинеските тврдења за јурисдикција врз Јужното Кинеско Море“, вели Иан Стори, од Институтот ИСЕАС во Сингапур.

„Кина ќе одговори со без, во најмала рака вербално, а можеби и преку поагресивни поморски акции“.

Кина полага право на најголемиот дел од енергетски богатите води низ кои минува трговија вредна речиси 5 трилиони долари годишно. Соседните Брунеи, Малезија, Филипините, Тајван и Виетнам исто така полагаат право.

Spratly Islands Inseln
Спорните Спратли острови во Јужното Кинеско МореФотографија: Reuters/U.S. Navy

Богати наоѓалишта на нафта и гас

Одговорајќи на тужбата на Филипините, трибуналот оцени дека нема законска основа за кинеското тврдење за историски права врз ресурсите во појасот кој го покрива речиси целото Јужно Кинеско Море.

Пресудата е значајна затоа што ова беше прва тужба во спорот кој се однесува за дел од најбогатите светски наоѓалишта на нафта и гас и витални рибарски региони.

Спорот е резултат на промената во рамнотежата на моќта во морето кое опфаќа 3,5 милиони квадратни километри, каде Кина го шири своето присуство преку изградба на вештачки острови и испраќање на воени бродови за запирање на филипинските рибарски бродови.

Милитаризација на регионот

САД и Кина често одржуваат воени маневри во регионот и постојано се обвинуваат меѓусебно за милитаризација на регионот.

Karte Südchinesisches Meer Besitzanspruch China Englisch
Спорната територија.

Шефот на филипинската дипломатија Перфекто Јасај повика на смиреност и воздржаност во регионот. Јапонија порача дека пресудата е законски важечка и конечна.

Американски дипломатски, воени и разузнавачки извори велат дека кинеската реакција на пресудата ќе има одлучувачко влијание на тоа како ќе реагираат САД. Доколку, на пример, Кина ги зголеми воените активности во појасот, САД и другите земји најверојатно ќе одговорат со засилени поморски и воздушни мисии.

Судот нема моќ да ја изврши одлуката, но победата на Филипините би можела да ги убеди и останатите земји од регионот како Тајван, Виетнам, Малезија и Брунеи да ја тужат Кина.