Речиси 1300 загинати во земјотресот во Хаити
16 август 2021Во земјотресот со јачина од 7,2 степени според Рихтеровата скала загинаа најмалку 1297 луѓе, а бројот на повредени е над 5700. Материјалните штети во земјата се огромни. Голем број објекти се разурнати, меѓу нив и хотел на повеќе катови во градот Ле Кеј.
Директорот на службата за заштита од катастрофи, Џери Чендлер, изјави дека некои места во Хаити се срамнети со земја, а болниците не можат да ги примат сите повредени. Така е пред сѐ во градот Ле Кеј, каде живеат околу 126.000 луѓе. „Најважното сега е да се извлечат што е можно повеќе преживеани од под урнатините“, изјави Чендлер.
Во меѓувреме кон Хаити се приближува и тропската бура „Грејс“. Вечерва се очекуваат обилни дождови, кои дополнително ќе ја отежнат работата на спасувачите.
Американскиот претседател Џо Бајден најави помош за жртвите од земјотресот. „САД остануваат близок пријател на хаиќанскиот народ и ќе бидеме таму и по оваа трагедија“, соопшти Бајден. Германското Министерство за надворешни работи упати апел да се избегнува регионот погоден од земјотресот. „Треба да се смета со голем број загинати и повредени, како големи штети на објектите и на инфтраструктурата. И натаму има силни афтершокови“, соопшти Министерството.
Епицентарот на земјотресот беше на 12 километри оддалеченост од Сен Луи ду Суд. Потресот се почувствува од Хаити до Јамајка и Доминиканска Република. Владата на Хаити сака да ги избегне грешките кои беа направени по катастрофалниот земјотрес во 2010 година, кога загинаа повеќе од 220.000 луѓе. Сега луѓето кои веќе не можат да се вратат во домовите не се сместуваат во собирни центри, туку колку што е можно поблиску до местото на живеење или кај роднини. Во Хаити речиси нема функционални државни структури кои може да пружат брза помош. Сиромашната карипска држава е во тешка политичка криза. На 7 јули беше убиен претседателот Жовенел Моиз, а со земјата раководи преодна влада. Несигурноста дополнително ја зголемуваат криминалните банди во земјата.