1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ: длабоко жалиме поради ретроградните чекори

Б. Георгиевски21 април 2016

ЕУ комесарот Хан и тројца европратеници го осудуваат прекршувањето на Договорот од Пржино со амнестијата на Иванов и жалат поради ретроградните чекори.

https://p.dw.com/p/1IaIN
Фотографија: MIA

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и тројцата членови на Европскиот парламент кои посредуваат во македонската политичка криза, Ричард Ховит, Едвард Кукан и Иво Вајгл во заедничка изјава попладнево изразија жалење што не можел да биде одржан состанокот во Виена на 22 април.

Критиката е воглавно насочена кон претседателот Ѓорге Иванов кој според ЕУ политичарите со своите постапки го нарушува владеењето на правото и го поткопува Договорот од Пржино. За првпат во официјална изјава од ЕУ се споменува и можноста за „преземање натамошни чекори“ во институциите на ЕУ.

„Актуелните проблеми со владеењето на правото во Скопје кои го поткопуваат Договорот мора да бидат решени без натамошно одложување.

Тоа особено се однесува на претседателската амнестија и чекорите кои треба под итно да се преземат во подготовката на веродостојни избори кои би можеле да бидат признаени од меѓународната заедница“, пишуваат Хан и европратениците.

„Сите остануваме силно приврзани и на располагање за поддршка на партиите. Сепак, потенцираме дека одговорноста за обезбедување на демократски напредок како и напредок на евро-атлантскиот пат останува на самите партии, од името на граѓаните на нивната земја. Сега е редот на нив да испорачаат и да го дефинираат патот напред“, се наведува во изјавата.

„Повеќе пати рековме дека прекршувањето на Договорот од Пржино ќе има многу сериозни последици за земјата. Длабоко жалиме поради ретроградните чекори кои ја оддалечуваат земјата од нејзините аспирации кон влез во ЕУ“.

Во недостаток на натамошен напредок, сега сме принудени да размислуваме за натамошни чекори за исполнување на барањата кои беа поставени од Советот на ЕУ, Европската Комисија и Европскиот парламент.

Ги нотираме и изјавите и акциите на граѓанското општество во државата и ја изразуваме нашата целосна поддршка за сите мирни напори да се обезбеди плурализам и слобода на мислење, кои се централни вредности на сите европски демократии.

Политичките партии во Македонија не реагираа по најавата од ЕУ дека се откажува состанокот во Виена. Со соопштение денеска до јавноста се обрати единствено претседателот Ѓорге Иванов кој тврди дека „не пронашол правен основ за повлекување на одлуката“ за амнестија. Продолжуваат консултациите во насока на изнаоѓање решение, тврди Иванов.