1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хан: истрчајте го последниот километар од маратонот

БГ
20 ноември 2017

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан денеска од Скопје порача дека земјата е на добар пат, но дека треба да се завршат бараните реформи. Позитивна препорака се очекува на почетокот на следната година.

https://p.dw.com/p/2nwqh
EU - Erweiterungskommissar Johannes Hahn
Фотографија: DW/A. Feilcke

Позитивна препорака за почеток на преговори со ЕУ е реалност на почетокот на следната година, порача комесарот за проширување на ЕУ Јоханес Хан на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер Зоран Заев во Скопје. Хан рече дека дошол во Скопје за да покаже дека Брисел е фокусиран на Македонија.

„Јас и мојот тим сме посветени за позитивна препорака, сакаме тоа да се случи на почетокот од наредната година. Сега сме повеќе сигурни отколку во минатото. Се надеваме дека сите земји членки ќе се изјаснат позитивно. На состанокот минатата недела, каде што присуствуваше и вашиот заменик-министер во

Владата, Бујар Османи, и сам виде дека се оди во позитивна насока, но треба уште многу да се работи“, изјави Хан.

Од новата влада во Скопје се очекуваат конкретни резултати во бараните реформи кои треба да се водат согласно националните приоритети. Како такви тој ги наброја реформите на разузнавачките служби, судството и администрацијата. Што се однесува до Законот за употреба на јазиците, Хан смета дека тој не е приоритетен, но е разумно барање. Еврокомесарот ја повика и опозицијата да се однесува конструктивно.

„Не сум наивен, многу години сум во политиката. Целта ќе се постигне само доколку сите се движат во ист правец. Ја поттикнувам опозицијата да биде контруктивно критична за да се стигнат сите датуми и да се постигне потребниот напредок. Гледам дека има промени во земјата како резултат на изменетата политичка средина.

Комесарот Хан најави дека во Брисел се подготвува документ-стратегија која ќе биде објавена во февруари следната година и која ќе ја опфати европската перспектива на сите шест земји од регионот. Според Хан, во таа стратегија нема да биде издвоена ниту една земја од регионот како понапредна во процесот на европски интеграции.

Македонскиот премиер Заев порача дека очекува покана за почеток на преговорите со ЕУ во февруари следната година и дека владата забрзано работи на решавање на спорот за името со Грција.

„Во последниот период има одлични пријателски односи меѓу Македонија и Грција. Позитивната клима ни дава оптимизам дека треба да го искористиме моментот и конечно да се реши ова прашање. Јас верувам дека и од грчка страна е позитивно расположението“, рече Заев.