Хелсиншки: Иванов ја урива правната држава
13 април 2016Хелсиншкиот комитет за човекови права оценува дека одлуките за помилување претседателот Иванов ги донел без законски основ со оглед на фактот што член 11 од Законот за помилување на кој тој се повикува, е укинат и не е составен дел на правниот поредок на Република Македонија. Оттука Хелсиншки смета дека Иванов ги пречекорил своите уставни и законски овластувања и со тоа сторил кривично дело Злоупотреба на службена положба од член 353 став, од Кривичниот законик на РМ.
Иванов потпишал 107 помилувања
Во Службен весник денеска беше објавена одлуката на претседателот Иванов која тој ја најави вчера на прес-конференција. Иванов донел 41 одлука за помилувања со која се опфатени 57 помилувани лица, или вкупно 107 помилувања. Рекордот на листата го држи поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески кој е помилуван дури 16 пати. По него е ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска чие име е наведено 11 пати. Поранешниот премиер Никола Груевски е помилуван 7 пати, неговиот братучед и поранешен шеф на УБК, Сашо Мијалков- 6 пати, шефот на кабинетот на Груевски, Мартин Протуѓер- 5 пати, а генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Кирил Божиновски-4 пати. На листата се наоѓаат и лидерот на СДСМ Зоран Заев и поранешниот претседател Бранко Црвенковски. И двајцата во меѓувреме соопштија дека ја одбиваат амнестијата на Иванов и бараат тоа да го сторат и другите политичари на листата.
Во однос на пречекорувањето на овластувањата, од Хелсиншкиот комитет оценуваат дека Иванов „под привидот на помилување кој што е акт предвиден за поединечни случаи како корекција на правдата во специфични и посебно оправдани случаи, суштински и фактички за себе узурпирал овластување за една групна и колективна амнестија за голем број кривични дела со што упаднал во овластувањето кое што Уставот заради сериозноста го предвидува како ексклузивно право на Собранието на Република Македонија“.
Фактот дека се работи за амнестија, а не за помилување е поткрепен и со најавата дека Претседателот и натаму ќе помилува и други лица за кои што ќе биде евентуално покрената постапка од надлежните органи, оценува Хелсиншкиот комитет:
„Со тоа Претседателот се ставил над правото, над парламентот и над политичкиот договор од Пржино, со што суштински ги укинал овластувањата на Специјалното јавно обвинителство, како консензуално прифатен орган надлежен да ги гони кривичните дела кои се поврзани со нелегално прислушуваните разговори“.
Единствен случај во историјата
Хелсиншкиот комитет оценува дека е ова веројатно единствен пример во историјата каде што еден претседател на држава помилувал масовно и организирано кршење на човековите права и слободи што вклучуваат случаи на повреда на уставното право на слобода на избори, повреда на приватноста, коруптивни и други злоупотреби на политичката елита, претходно нотирани во низа веродостојни и сериозни домашни и меѓународни извештаи на низа владини и невладини организации. Ваквиот чин, според Хелсиншки, не е само чин на уривање на правната држава, туку и сериозна повреда на меѓународните обврски за заштита на човековите права ратификувани од Република Македонија.
„Претседателот, при користењето на своите овластувања не го дал неопходното објаснување за секој поединечен случај на помилување туку нуди политикантски образложенија во јавното обраќање до нацијата, од кои не се гледа нивната оправданост и наводниот интерес на државата, туку се спомнуваат „мрачни сили“ и необразложени заговори поради што Претседателот допрва ѝ должи објаснување на јавноста за исправноста за овој скандалозен чин“.
„Со тоа, претседателот Иванов кој на граѓаните им вети дека ќе работи во тим со Владата на ВМРО-ДПМНЕ, себеси се круниса како почесен член на злосторничкото здружение одговорно за рушењето на правната држава и демократијата во Република Македонија“, соопшти Хелсиншкиот комитет.