Хилари Клинтон го „украде“ шоуто на Греми наградите
29 јануари 2018Како и минатата година, така и оваа на доделувањето на Греми наградите од хумористични забелешки не беше поштеден американскиот претседател Доналд Трамп. Воодушевување и смеа кај публиката предизвика видео-скечот во кој водителот на вечерта Џејмс Корден организира аудиција за најдобар читач на контроверзната книга „Оган и бес“, која содржи многу пикантни детали за администрацијата на Трамп.
Меѓу „кандидатите“ беа бројни познати музичари, но и поранешната претседателска кандидатка Хилари Клинтон која загуби на изборите токму од Трамп. Таа беше изненадувачка ѕвезда на вечерта на јубилејното 60-то доделување на најпрестижните музички награди во светот.
Што се однесува пак до признанијата, неприкосновен победник на вечерта е американскиот музичар Бруно Марс, кој освои вкупно 6 Греми награди, меѓу нив и оние најважните: за најдобар албум, најдобар сингл и најдобра песна на годината.
Веднаш зад Марс, со четири освоени Греми награди се најде раперот Кендрик Ламар.
Исто така треба да се истакна дека гала вечерта во Медисон сквер гарден во Њујорк мина и во знакот на актуелните кампањи против сексуалното злоставување #МеТоо и родовата нерамноправност #TimesUp . На црвениот килим десетици посетители носеа бели рози во знак на протест против сексуалното злоставување, а солидарноста со овие кампањи беше лајт мотив и на многу изведувачи на сцената.