1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Хонгконг – премалку и предоцна

Филип Билски
5 септември 2019

Владата на Хонгконг го повлече спорниот закон кој беше причина за протестите во последните три месеци. За многу демонстранти, потегот е задоцнет, смета Филип Билски.

https://p.dw.com/p/3P2bU
Hong Kong | Protest gegen Auslieferungen nach China & Ausschreitungen
Фотографија: Getty Images/AFP/D. de la Rey

Прв веста ја јави интернет медиум од Хонгконг, повикувајќи се на информации од инсајдери. Иако требаше да поминат уште неколку часа додека да стаса официјална потврда, реакции осамнаа веднаш по објавувањето. Берзите во Хонгконг забележаа пораст, што е јасен знак за тоа како политичкиот хаос во Кина влијае на економската метропола Хонгконг и предупредување за премиерката Кери Лам. На првата вест се надоврзаа и други медиуми, исто така повикувајќи се на инсајдерски информации: Кери Лам ќе го повлече спорниот закон за екстрадиција.
Во Хонгконг веќе три месеца владее вонредна состојба. Пролетоска беше претставен првиот нацрт на законот, чија суштина беше дека осомничени лица може да бидат екстрадирани на кинеското копно, иако таму нема независно судство бидејќи е контролирано од властите, што е неспоиво со премисата на „една земја, два система", благодарение на која Хонгконг ѝ беше вратен на Кина во 1997 година. Во јуни годинава стотици илјади демонстранти излегоа на улиците на Хонгконг. Полицијата употреби гумени куршуми и солзавец. Подоцна демонстрантите влегоа и во хонгконшкиот парламент. Владата под водство на Кери Лам го замрзна законот и подоцна таа објави дека законот е мртов и нацртот го опиша како тотално промашување. Но, законот досега не беше и официјално повлечен. Очигледно не требаше премногу да се попушти на притисокот од демонстрантите. За нив не беше доста изјавата на Лам, па продолжија да протестираат.

HA Asien | Philipp Bilsky Kommentarbild App
Филип БилскиФотографија: DW/P. Böll

Непростлив хаос"
Долго време многу набљудувачи се прашуваа дали демонстрациите некогаш ќе згаснат. Но протестите продолжуваа, па се одржаа пред неколку дена и покрај почетокот на семестарот. Наместо во предавалните, многу студенти продолжија да излегуваат на улица. Потоа настаните се свртеа. Прво агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на тајно снимен разговор објави дека премиерката на Хонгконг на средба со бизнисмени изјавила дека предизвикала „непростлив хаос“ во Хонгконг и дека би се повлекла – доколку би можела. Еден ден подоцна Лам го демантираше ова на прес конференција и истакна дека никогаш не разговарала со Пекинг за оставка. Тајната снимка како и инсајдерските информации се чини го потврдија она што многумина веќе подолго време го знаеја: дека решенијата ги носи Пекинг, а не владата во Хонгконг.

Но и покрај ова, одлуката за повлекување на законот за многу аналитичари беше изненадувачка. Сепак клучното прашање останува: Дали овој чекор ќе ја смири ситуацијата на улиците на Хонгконг? Во моментов се чини дека нема. Бидејќи повлекувањето на законот беше само едно од барањата на демонстрантите. За многумина од нив, на пример, многу поважно е барањето за независна комисија за истрага на насилното однесување на полицијата во последниве недели. Анкетите на улиците на Хонгконг веќе сега покажуваат дека доколку повлекувањето на законот се случеше пред три недели, ќе помогнеше. Но, денес овој чекор, според многумина има мало значење и е задоцнет.