Хрватска влегува во ЕУ, другите од Западен Балкан ќе почекаат подолго
11 јуни 2011Влегувањето на Хрватска во ЕУ кое сега е на дофат на раката, значи остварување на најважната надворешно-политичка цел на земјата од прогласувањето на независноста пред 20 години. Економските и политички реформски напори со право беа наградени со најавата дека Хрватска на 1 јули 2013 година може да биде примена во Унијата. Хрватска успеа да го оствари она за што сонуваат земјите од соседството. Србија, Босна и Хрцеговина, Македонија, Косово, Црна Гора и Албанија тежнеат кон членството во Унијата. Значи ли скорото членство на Хрватска, дека наскоро ќе следува и прием на останатите земји од регионот во ЕУ? Не. За жал многу нешта укажуваат на тоа дека времето на чекање за кандидатите од југоистокот на Европа ќе биде продолжено на неопределено време.
Голем напредок но и натаму многу проблеми
Причина за тоа се пред се’ постоечките дефицити на тие земји во трансформација. Во извештаите за напредок, Европската комисија кај сите кандидатки упатува на незадоволителната независност на правосудството од политиката, на корупцијата која и натаму е голем проблем. Политичките елити често го блокираат напредокот бидејќи како на пример во Босна и Херцеговина им се дава предност на интересите на националната заедница. Во Албанија напредокот во насока на ЕУ е попречен од длабокото ривалство меѓу власта и опозицијата. Европските перспективи на Косово се отежнати поради спорот со Србија околу признавањето. Македонското приближување кон ЕУ пак го блокира спорот со Грција за името.
Но, истовремено не смее да се заборави дека е постигнат и голем напредок. Најнов пример за тоа е Србија, која со израчувањето на Ратко Младиќ направи важен чекор напред. Шансите за почеток на пристапните преговори со Белград сега се поголеми од кога и да е порано. Црна Гора може да се пофали главно со мирен соживот на националните малцинства. Сите држави постигнаа напредок во областа на економијата и политиката. Но, тешко дека членките на ЕУ во доволна мера ќе ги наградат тие достигнувања, бидејќи нивниот страв, дека земјите од Западниот Балкан би можеле на Унијата да и донесат уште повеќе проблеми, е преголем.
Хрватска треба да им помогне на земјите од регионот
Згора на тоа дополнително оптеретување претставува и финансиската криза во Грција. Многу лесно се манипулира со ефтини пароли за тоа како наводно мрзеливите жители на југот на Европа ги искористуваат вредните од северот. Избирачите сакаат да слушаат такви изјави. Но, поради таквите популистички и емоционални расправи страда и угледот на соседите на Грција на Западен Балкан. Премалку внимание им се дава на забелешките на приврзаниците на проширувањето на Унијата, дека перспективата за членство поврзана со поставување услови создава притисок за спроведување реформи. Впрочем дали Младиќ денес би бил во Хаг, ако Србија толку многу не сака да влезе ЕУ. Не смее да се заборави ни на тоа дека Западниот Балкан е занимлив за ЕУ поради неговиот економски раст, а пред се’ ни фактот дека Европската унија е еден мировен проект.
ЕУ сега на Западен Балкан мора да одигра иста онаква улога каква што презема по Втората Светска Војна на западот на Европа и со тоа помогна во создавање стабилност и напредок на континентот. Но, тоа би можело да потрае подолго отколку што мислат жителите на југоисточна Европа. Таа горка вистина политичките елити мора да им ја соопштат на своите граѓани. И тие мора да им објаснат едно нешто - Европската интеграција не е надомест за економските реформи што самите мора да ги спроведат - и тоа токму затоа што чекањето ќе потрае подолго отколку што би сакале нивните избирачи. Идната членка на ЕУ, Хрватска, би требала да им помогне на своите соседи на тој тежок пат.
Автор: Верица Спасовска
Превод: Симе Недевски
Редактор: Александра Трајковска