Хрватска партија ја напушта ЕПП - поради Орбан
26 февруари 2019Традиционалната Хрватска селанска партија (ХСС) сака да го напушти ЕПП, меѓу другото и поради Виктор Орбан. Официјалното образложение на ХСС за ваквиот чекор е долго само неколку редови, па сепак одлуката ја разбранува Европа.
„Кога се приклучивме кон Европската народна партија, беше тоа уверлива опција, но со текот на времето и оваа групација се промени", се вели во изјавата на ХСС од неделата (24-ти февруари), дадена по состанокот на проширениот извршен комитет на партијата.
Орбан во минатата недела започна кампања со плакати во Унгарија, напаѓајќи го претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, како наводен промотор на илегалната миграција. Плакатите на кои Јункер и американскиот милијардер Џорџ Сорос се прикажани со насмеани лица, предизвикаа бес во редовите на ЕПП и сѐ погласни станаа повиците за исклучување на десничарската унгарска владејачка партија Фидес од редовите на Европската народна партија.
Без разбирање за Меркел и Содер
Германската канцеларка Ангела Меркел која доѓа од редовите на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и шефот на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) Маркус Зедер за волја на вистината се дистанцираа од Орбан. Заедничката пратеничка група на овие две демохристијански партии во германскиот парламент дури го стави под прашање и натамошното членство на Фидес во во ЕПП. Но Меркел не сака до оди толку далеку. Таа само демонстративно го поддржа Јункер. Во ЕПП членуваат и ЦДУ и ЦСУ. А претседателот на пратеничката група на ЕПП во Европскиот парламент, Манфред Вебер (ЦСУ), би сакал по европските избори во мај да стане наследник на Јункер - по можност и со гласовите на Фидес.
Хрватската селанска партија сега сака да се оддели од „антиевропските и антицивилизациски политичари и партии во Европската народна партија", изјави лидерот на партијата Крешо Бељак за Дојче Веле. Иако ја почитува позицијата на Меркел и Зедер, тој нема многу разбирање за тоа:
„Не разбирам зошто тие - како влијателни политичари во ЕПП - порешително не се дистанцираат од ксенофобијата на Виктор Орбан и нему сличните. Ние веќе не се гледаме во исто семејство со оние кои, како Орбан, се залагаат за назадна Европа“.
Сега Бељак со ХСС сака да бара нови партнери кои „водат поинаква политика во ЕУ: толерантна, за силна и за отворена Европа". Сепак, сè уште е неизвесно дали ХСС повторно ќе обезбеди место во Европскиот парламент. Во актуелниов состав на ЕП партијата има еден пратеник.
ХСС, исто така, го оправда своето повлекување од ЕПП со фактот дека деловните луѓе блиски на Орбан купија медиуми во Хрватска, преку кои сега шират „омраза". Таа, исто така, критикуваше и дека во ЕПП се слуша само гласот на најголемата хрватска граѓанска партија, владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ).
„Мекиот курс“ на хрватското државно раководство
И ХДЗ со сигурност одигра важна улога во одлуката на ХСС да ја напушти ЕПП. Бељак го обвинува ХДЗ дека недоволно решително се бори за хрватските интереси во ЕУ и се профилира себеси како опозициски лидер и директен ривал на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ (ХДЗ).
Како пример тој за ДВ го наведува „мекиот курс“ на хрватското раководство кон српскиот претседател Александар Вучиќ, кого Бељак го нарекува „поранешен поддржувач на големосрпската и фашистичка политика" и млаката реакција на хрватските власти на неодамнешниот вербален испад на претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани, со кој Далмација и Истра ги нарече италијански. Тајани, инаку, е член на партијата Форца Италија, која е членка на ЕПП. Српската напредна партија на Вучиќ, пак, е придружна членка на ЕПП.
Одлуката на ХСС претставува преседан за ЕУ, вели загрепскиот политички аналитичар Жарко Пуховски: „ХСС на тој начин воспостави еден вид стандард во односот кон Орбан и неговата партија. ЕПП ќе мора да се соочи со тоа, дури и ако не ја исклучи Фидес од членството“.
На тој начин, Бељак го докажа своојот политички инстинкт. Акцијата на една релативно мала партија беше проследена со голем интерес низ цела Европа. Дали пак таа ќе има влијание врз целата ЕУ или не, Бељак не се осмелува да тврди: „Нашиот потег нема да ѝ наштети на големата ЕПП. Ние им посакуваме многу успех, но ние не сакаме да имаме никаква врска со оваа шарена екипа."
Хрватската селанска партија е основана во 1904 година и беше најсилната политичка партија во Хрватска во првата половина на 20 век. ХСС во моментов има четири пратеници во хрватскиот парламент, кој брои 151 пратенички места.