1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Христијани и Селани

1 ноември 2018

Дали Мицкоски и Села се добра вест за Македонија зависи од тоа дали ќе изберат да бидат новите Груевски-Ахмети, Ахмети-Заев, етнички Вучиќи или сосема друго, за овдешни прилики досега невидено. На пример, демократи. 

https://p.dw.com/p/37Wm5
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Учењето на албанскиот јазик од страна на македонските новинари и аналитичари би бил можеби најполезниот чекор напред кон стекнување секупно пореална слика за политичките собитија денес и овде. Бидејќи, кога би го знаеле албанскиот, би имале подобар увид во смислата на тековните беседи за помирување. Имено, по сите дебати лансирани од Заев за потребата за помирување, некој од нив би се потсетил дека не станува збор за некаква негова ингениозна новотарија, туку за обична мимикрија копирана од Али Ахмети. Кој на сличен начин пред неколку години и по појавата на Алијансата и Беса, почна катадневно да повикува на обединување и помирување на албанските партии. Не требаше да помине премногу време за тоа обединување и помирување да се случи на една од многуте пржински кафеански маси на која рамо до рамо - и за камерите спонтано наместени - седнаа непомирливите Али и Мендух. Час поскоро, Али ја започна кампањата за „модернизирање” на албанската политичка сцена преку панични повици дека на Албанците во Македонија не им се потребни повеќе од две политички партии. Кои, ете, сосема случајно западнаа да се токму ДУИ и ДПА, додека пак останатите претенденти се незрели, премлади, неспособни и смотани да бидат опозиција – а камо ли власт.

Ниту апелите на Ахмети тогаш, ниту интригите на Заев денес, не отскокнуваат од стандарно изопачената логика на помирување напати демонстрирана низ регионот. Настрана нијансите, принципот е редовно сведен на тоа да иницијативата се лансира од нововоспоставената влада, нудејќи го токму она што тврдокорно го одбиваа додека биле во опозиција, а воедно новата опозиција ги користи токму аргументите на претходниците. Притоа, конфузноста на понудата од страна на власта не е происход на аматеризам или незнаење, туку смислен пристап на намерна недореченост и хаотичност, во која јавноста не треба и не смее да има точни сознанија кој со кого се мири и помирува, кој кому што простува и која е рамката во која ќе се одвива помирувањето. За разбирање на овие недоречени аспекти на повиците на Заев полезно е да се земат предвид искуствата со плачките и рикањата на засегнатите страни од формирањето на Советот за судски реформи, надоградени со групировката на потомствата на старите федерални служби во Бихаќка и процесот на тивко прочистување на внатрешно-безбедносните институции (со тврд акцент врз Министерството за одбрана) од компромитабилните кадри во процесот на приближување кон членството во НАТО. Но за тоа повеќе во некоја следна прилика.   

Новокомпонираниот Капидан Драјфус   

Нејсе, Заев досега педантно се придржува кон патеката претходно изгазена од страна на Али Ахмети и неговата логика за „национално помирување”. Она што сепак недостасува е повикот дека на Македонците не им се потребни повеќе од две политички партии, кои, ете по случајност се СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Сублиминалноста на ахметовизмот во мотивирање на двопартијноста кај Албанците како дефанзивен механизам на одбрана од македонските партии, веќе се насетува во пристапот на Заев кон ВМРО-ДПМНЕ., која, според замислата, би требало да покаже историска свест и одговорност за збивање редови пред налетот на барањата на албанските политички партии за спороведување на клетата Тиранска платформа. И патем, во фуснота, ВМРО-ДПМНЕ даде опрост, прошка и благослов за Преспанската платформа, договорена помеѓу СДСМ и Република Грција.  

Очекувано, слично на епизодата со Ахмети-Тачи, првиот кој се одзва на повикот на Заев беше македонскиот Мендух, гордоста на македонскиот патриотизам, браникот на непокорот, со глава и без брада личен, лично тој - Сашо Мијалков. Разнеженоста на СДСМ-медиумите за тој историски чин на патриотизам на Мијалков ја надмина и патетиката на медиумите на ДУИ во своевремената кампања на пофалби за „машкиот“ гест на Мендух. Сето проследено со отворање на портите за гостување на Алсат-М, адекватно реплицирано во (пишување?) и објавување на "J'Accuse” писмата на новокомпонираниот бихаќки Капидан Драјфус од страна на про-СДСМ медиумите.

Сличноста на Мицкоски и Села

Сите наведени сличности на поведенијата на Ахмети и Заев и нивните „мисии за помирување“ не би биле вредни за помен, доколку не се комплетираат со најбитниот фактор за нудење мир. Во случајот Ахмети-Тачи тоа беше Зијадин Села, додека во случајот Заев-Мијалков факторот за братимење несомено дека е Христијан Мицкоски. Сплотено интерпретирано, приказната се сведува на генерациска паника на старите лисици пред појавата на младите волци во предвечерјето на влезот на Македонија во НАТО и неминовната чистка која е веќе во тек.

Други колумни од авторот:

Про-Западен Анти-Демократски Фило-Путинизам

СИД го затвора кругот

Amnesty Прочка International Balkan

Без никаква желба да кобам и сомничам, но доколку би се повел по латинската historia magistra vitae est, претходните искуства би нѐ принудиле на Мицковски да му се порача дека нeговата vitae е зависна од magistra за historia на Села. Сличностите помеѓу овие два лика се преголеми за да бидат пренебрегнати, дотолку повеќе што денешната медиумска харанга и линч на Мицкоски се води од речиси истите центри и средства за јавно информирање употребени претходно против Села, со несмален интензитет на гнев, пизма и жолч. Кој прсна во обид за негово физичко убиство на 27 април и тековните обиди за негова сатанизација како „албански шовинист” (од страна на СДСМ), „предавник” (од страна на ДПА) и незрел политичар со сомнителни намери (од страна на ДУИ). Пренесено во контектс на Мицкоски, ценам дека таквата споредба воопшто не е ниту претерана ниту параноична. Доколку се стави во контекст на времетраење и делување на политичката сцена на Македонија, тешко дека ќе најдете кој било друг македонски политичар кој за толку малку време и толку малку дела има предизвикано такво теледиригирано надоаѓање и поплава без преседан на провладина медиумска омраза, вулгарност и агресивност. Но што е тоа со што Мицковски за месец дена го заслужи она за што Црвенковски, Груевски, Ахмети, Георгиевски, Заев требаше да работат со години и со десетици литри туѓа крв и солзи?

Причината, најбитната, е сосема едноставна. Гневот на старите лисици ја разголува свеста дека Мицкоски и Села, а не тие, се новите деца во политичкото маало кои ја разгоруваат имагинацијата на младите и неопределените. Во случајот на СДСМ, тоа е дополнително поттикнато од изабеноста на Заев како нов играч и човек кој (не)држи до збор. Коридорите на Бихаќка се веќе свесни дека доколку Заев беше клучниот фактор за подем на СДСМ во 2016, тој истиот Заев ќе биде факторот за стагнација на СДСМ на следните избори. Во случајот на ВМРО-ДПМНЕ пак, пизмата кон Мицкоски се должи на старото мафијшко правило за гарантирање на верноста преку соучество во злосторствата на стариот Дон. Како што впрочем се докажа преку обидите на Мијалков во „неговото” отворено писмо до Мицкоски. Во случајот на ДУИ, претходно искажаната отвореност кон Христијан, базирана врз старата игра на Ахмети како „балансеро” помеѓу СДСМ и ВМРО, е оптоварена од таинственоста на Мицкоски, но и од свеста дека играта „победник со победник” веќе ѝ припаѓа на минатото.

(Не)зависноста од клановите

Нервозата на двете владеачки партии и колаборационистичката фракција на Мијалков е дополнително мотивирана од новиот социјален момент кој ја оптоварува нивната понуда. Имено, сличноста на поставеноста на Мицкоски и Села кон гласачките тела упатува на нивната прифатливост од страна на неопределените и клиентелистички независните гласачи. За разлика од СДСМ, ДУИ и Мијалков чии процути и венеења се должат на (досега) привилегијата на клановската политиката, а (отсега) оптовареноста со огромната алчност на клановската политика. Накратко, зависноста од клановите како инструмент на испорака на гласови дава очекувани резултати единствено доколку од другата страна немате ривал кој побудува емоции на огромниот број гласачи неоптоварени од зависност и интерес кон владеачките партии. Во таа нова математика, емоциите на казна за политиките, одмазда кон клановите и давање шанса на новите клинци можеби не се сами по себе гаранција за победа, но се секако зачеток на незапирливото уривање на привилегираната анархија на безвластие диктирана од СДСМ, ДУИ, ДПА, Мијалков и нивните дипломатски спонзори.

Социјалната димензија на факторот Мицкоски-Села дополнително се надополнува со нивниот личен аспект. При што, парадоксално-комично, човекот со име Христијан покажува прилично здрав социјално-конзервативен однос кон религијата, за разлика од социјалдемократот Заев и неговата клерикална манипулативност, базирана врз локалистички искуства со православните Македонци и муслиманските Турци и Роми во Струмица. Од друга страна, Села-нчето од малечката Струга со својот либерален-национализам демонстрира неспоредливо поголема урбана-култура од чаирско-тетовско-гостиварските граѓањчиња со насадени коси и ментални бели чорапи. 

Пред повеќе од една година, на оваа адреса предупредив дека провидниот и циничен утилитаристички  пристап на меѓународната кон нашето општество, излигавеноста на „шарената” и декадентноста на „реформската власт” болно предупредувачки наликува на Србија по падот на Милошевиќ и комерцијализацијата на „Отпор!”. Што неминовно на крај ќе води кон појава на наш домашен Александар Вучиќ. Останувам на тој став, уште повеќе убеден поради ликовите како Мицкоски и Села и нивната емоционалност која потсетува на онаа на Вучиќ. Но подеднакво како и во Србија со Вучиќ, појавата на таквите ликови е последица на форсирањето лажни симболи на фалш-демократија и сатанизирањето на автентичните либерални сили кои не се совпаѓаат со западните квази-демократски проекции за регионот и земјата.

Мицкоски и Села се идните лидери на Македонија. Тоа е добрата вест за нив. Колку ќе биде добра и за нас зависи од тоа дали ќе изберат да бидат новите Груевски-Ахмети, Ахмети-Заев, етнички Александар Вучиќи или нешто сосема друго. За овдешните прилики досега невидено. На пример, демократи. 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач