Христијаните сакаат да ги документираат злосторствата на ИД
5 јануари 2017„Најубавите куќи беа окупирани од нивните лидери“, вели Фатер Амар од сириската католичка црква, кој работи заедно со епископот од Мосул. Тој пребарува низ својот телефон додека не најде слика за да ни прочита неколку имиња од кои сите почнуваат со Абу: „Ги испишаа своите имиња на ѕидовите на нашата црква. Еден од нивните лидери живееше во куќата која е во сопственост на црквата“, изјави тој за ДВ.
Од август 2014. година, кога борците на ИД ги освоија христијанските градови во околината на Ниневе, Фатер Амар живее во христијанската енклава на курдскиот главен град Ирбил, како и повеќето луѓе од неговата конгрегација кои го сочинуваат најголемиот дел од христијанската заедница во Бахдида. Откако ирачката армија го ослободи градот, тој се врати назад.
„Првото што го видов беше болницата и не можев да ја препознаам, исто и црквата. Плачев, првото чувство беше многу тешко“, вели тој.
„Луѓето се гневни затоа што владата сака да расчисти во Бахдида и да ги сокрие злосторствата“, објаснува Амар. „Ние сакаме да документираме се, целата штета и уништување, пред било што да биде расчистено. Веќе нешто беше променето, слоганите на ИД беа префарбани“.
Многу од борците на ИД се локални жители од околните села, вели тој. Тие им даваа гориво и струја на лидерите на ИД. „Куќите станаа клиники и аптеки. Некои беа магацини за оружје. Црквата на Мар Горгис беше фабрика за бомби“.
Сите куќи беа ограбени – исто како и гробиштата, каде што гробовите беа отварани за да се украде било што вредно закопано со мртвите. Во една од куќите кои и припаѓаат на црквата, борците на ИД држеле неколку жени како робинки.
Животот со Исламска држава
Зарифа Бадос Дадо, 77, го преживеа сето ова. Таа остана во нејзината куќа во Бахдида за време на окупацијата на ИД заедно со една пријателка која е слепа и глува.
Дадо го погреба сопругот во првите неколку недели по доаѓањето на ИД. При евакуирањето на останатите возрасни христијани, борците на ИД заборавија на Дадо и нејзината пријателка. „Тие не регистрираа и ни рекоа дека ќе ни дозволат да одиме во Ербил. Но, никој не дојде“.
Без струја и вода, таа и нејзината пријателка преживеале затоа што борците на ИД редовно им носеле храна. Многумина од нив ги препознала бидејќи биле локалци од околните села, некои биле пријателски настроени и се грижеле за неа. Еден од нив ја предупредил да не излегува надвор од куќата затоа што коалициските авиони постојано набљудуваат за движење на теренот.
Од нејзиниот прозорец Дадо ги гледала борците кои се движат наоколу. „Некои имаа брада, некои немаа“, вели таа. Младите беа проблематични, се закануваа со нивните оружја и ја терале да го прифати исламот. „Лажно преобратување“, вели таа. Била приморана да плука врз крстот и да гази врз икони.
„Понекогаш се прашував, што сум јас, муслиманка или христијанка?“, се сеќава Дадо. „Не можев да спијам. Понекогаш се чувствував како да полудувам“.
Последно почивалиште
Иако нејзината куќа е единствената во Бахдида која не била целосно ограбена, борците на ИД постојано доаѓале да бараат злато и пари. По некое време, конечно ги пронашле 15-те милиони ирачки динари (11.000 евра) кои биле скриени во нејзиниот фрижидер. Неколку дена пред ослободувањето млад маж влегол и земал се што посакал од куќата.
Кога почнало ослободувањето, борците на ИД престанале да и носат храна со недели, а лидерите на групата одамна го напуштиле местото. Гледала како куќите во нејзината населба горат и била исплашена дека може и нејзината да биде запалена. „Тогаш видов дека борците ги искршиле ѕидовите за да можат да се движат од куќа во куќа без да бидат забележани“.
Вкупниот број на христијани кои се исчезнати по инвазијата на ИД се движи од 30 до 70 лица. Некои тела сеуште ги пронаоѓаат. Телото на Фарај Сакат, 73, беше откриено од неговиот син Едмонд, закопано во градината. „Видов куп од камења и неговиот бастун. Тоа беше муслимански гроб“, раскажува Едмонд за ДВ.
Едмонд се вратил од Лондон да го бара татко си откако загубиле контакт пред една година. Тој верува дека бил погребан минатата зима од муслиман пријател или од некој од селаните кои таму поминуваат редовно. „Ги носеше неговите зимски алишта“. Тој се надева дека ќе може да го погреба на гробиштата во Бахдида: „Тој сакаше да почине во Бахдида. Кога неговото тело ќе биде официјално идентификувано, ќе го погребаме таму“.