1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хронологија на неонацистичките убиства во Германија

Петер Хиле
2 јануари 2020

Претепувања, подметнување пожари, убиства... Од 1990 година десните екстремисти во Германија постојано напаѓаат. Во нападите загинале најмалку 169 луѓе. Последниот таков напад се случи во октомври мината година во Хале.

https://p.dw.com/p/3KkYN
Symbolbild - Rechtsextreme - Waffenschein
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Kahnert

„Политички мотивиран криминал- десничарски“. Со овој речник, безбедносните служби во Германија ги класификуваат кривичните дела кои од убеденост ги сториле десните екстремисти. Тука особено спаѓа насилството кон странците, Евреите, муслиманите, политичките противници или претставници на држави. Државните служби само во 2018 година регистрирале 1.156 вакви насилни акти.
Од повторното обединување на Германија во 1990 година, државните служби евидентирале 85 смртни случаи во десничарско насилство. Новинарите, пак, говорат за најмалку 169 такви убиства. Претставниците на седмата сила ги критикуваат службите дека многу случаи не биле окарактеризирани како политичко насилство, туку, на пример, како лична одмазда.

Напад врз синагога во Хале

Тешко вооружен и маскиран напаѓач кој извикувал анти-семитски пароли денеска се обиде да влезе во синагогата во источниот германски град Хале за време на прославата на Јом Кипур, најсветиот ден на Евреите. Напаѓачот пукал во вратата од синагогата и се обидел насилно да влезе во просторијата во која во тој момент се наоѓале меѓу 70 и 80 верници, но не успеал. Откако пропаднал обидот да влезе во синагогата, напаѓачот застрелал две лица кои му се нашле на патот, меѓу нив една жена на улица, а подоцна и еден маж кој ручал во блискиот ресторан. Посетителите на синагогата во Хале за влакно избегнаа масакр од страна на неонацист. 

Убиството на Валтер Либке

Валтер Либке, кој беше убиен на 2 јуни 2019 пред својот дом во Касел, е уште еден случај кој во статистиката ќе се забележи како десничарско насилство. Осомничениот Штефан Е. и е познат на полицијата по своите десничарски кривични дела уште од крајот на 1980-те. Но, се уште е нејасно кои се мотивите на осомничениот за ова дело, и дали имал поддршка и од други лица? Либке најверојатно бил мета на напади затоа што се залагал за згрижување на бегалците.

Напади врз бегалските центри 2015 и 2016

По бранот бегалци кој пристигна во Германија, порасна и бројот на десничарски кривични дела против нив. Во 2015 и 2016 нападите врз бегалските центри го достигнаа својот врв. Државните служби само во 2016 забележаа 995 вакви напади. Групата „Фрајтал“ во 2015 изведе напади врз бегалци и оние кои им помагаат. Осуммина обвинети во 2018 година беа прогласени за виновни за формирање на терористичко здружение.
Во друг случај, властите успеаја да спречат напади со експлозивни направи. Во мај 2015 во пет германски градови беа уапсени членови на неонацистички терористички организации.

Düsseldorf Prozess Attentat auf Kölner OB-Spitzenkandidatin Henriette Reker
Атентаторот на Хенриете Рекер во судница во 2016 годинаФотографија: picture-alliance/dpa/R. Vennenbernd

Напади со нож врз политичари во 2015 и 2017

Во напади врз политичари во 2015 и 2017, за разлика од претходните случаи, се работеше за индивидуални напаѓачи, кои не биле директно поврзани со десно-екстремистичка терористичка мрежа.
Еден таков екстремист во октомври 2015 година и зари нож во грлото на кандидатката за градоначалник на Келн, Хенриете Рекер. Нпаѓачот рече дека причината била нејзината бегалска политика. Рекер за малку избегна смрт, а следниот ден беше избрана за градоначалничка на Келн.
„Ќе ме оставиш да цркнам од глад, а ќе доведеш 200 странци во градов!“ Со овие зборови, во ноември 2017 еден 56-годишник со нож го нападна градоначалникот на Алтена, Андреас Холштајн. Благодарение на интервенцијата на работникот во киоскот, Холштајн мина само со полесни повреди.

Франко А.- камуфлиран како бегалец

Војникот на Бундесверот Франко А. беше уапсен во април 2017 година откако истражните органи се посомневаа дека планира да изврши терористички напад, а вината за тоа потоа би им била префрлена на сириските бегалци. Франко А. поради тоа се регистрирал како воен бегалец и побарал азил во Германија.
Судот во Франкфурт, меѓутоа, не успеа да докаже дека постоела „подготовка на тешко злосторство против безбедноста на државата“. Обвинителството вложи жалба. Франко А. направил листа за одстрел. На неа бил и министерот за надворешни работи Хајко Мас. Овој случај го отвори и прашањето дали Бундесверот има проблем со десничарски екстремисти во своите редови.

Deutschland Kaserne in Illkirch
Слика на ѕидот во една касарна во ГерманијаФотографија: picture-alliance/dpa/P. Seeger

Убиствата на НСУ

Терористичката организација „Националсоцијалистичко подземје“ (НСУ) остана неоткриена цели 13 години. Нејзините членови, познати на полицијата, Уве Бенхарт и Уве Мундлос од 2000 до 2007 извршиле напади со експлозив и убиле девет лица со мигрантско потекло и една полицајка. Откако на групата и се заканувало откривање, Бенхарт и Мундлос извршија самоубиство. Беате Чепе, третата членка на НСУ, во јули 2018 беше осудена на казна доживотен затвор.
По откривањето на НСУ, во Германија се дискутираше за тоа дали надлежните служби и медиумите предолго ја потценувале опасноста од десниот екстремизам. Полицијата со години убиствата ги истражувала како семејно насилство, додека медиумите пишуваа за ткн. Донер убиства, поради тоа што две жртви работеле во турски киосци за брза храна.

Подметнување пожари и напади во 1990-те

На почетокот на 90те неонацистите повеќе пати подметнуваа пожари во центрите за азил, како и во домови на странци. Во тој период во Германија жестоко се спореше за правото на азил, а десно-екстремното насилство достигна нов врв. Во нападите одново страдаа странци, како што беше случај во Росток во 1992.
Во Мелн, истата година, смртно настрадаа две девојчиња (10 и 14 години) како и нивната баба откако неонацистите фрлија Молотов коктел врз нивната куќа. Во мај 1993 година во Золинген беа убиени пет жени и едно девојче од турско потекло.
Од 1990 до 1993 година во десничарско насилство загинаа 58 луѓе. Анголецот Амадеу Антонио Киова важи за прва жртва од повторното обединување на Германија. Една група неонацисти го нападна на 24 ноември 1990 и брутално го претепа. Додека лежел на земја со обете нозе му скокале врз главата.