ЦДУ и СПД во потрага по нови лица и концепти
5 ноември 2018Во Берлин е сиво и мрачно. Облаците се надвиснати. Преостанатите лисја на дрвјата се суви и делуваат уморно. Нешто завршува, не само во природата, туку и во политиката. По 18 години на чело на демохристијаните, Ангела Меркел веќе не сака да се кандидира за лидерската позиција во партијата. Кој ќе ја наследи? Досега има 12 заинтересирани. Тројца се познати, а деветмина се непознати членови на ЦДУ. За кого ќе се одлучи партијата? И, како ќе тече процесот на одлучување?
За тоа во моментов разговара раководството на ЦДУ во Берлин. Новиот лидер/ка потоа треба да се избере од страна на околу илјада делегати на конгрес на ЦДУ, што ќе се одржи на 7 декември. За сите членови на ЦДУ да можат да изградат став, претходно ќе бидат повикани на регионални конференции со кандидатите. „Сите треба да можат добро да одмерат што говори во прилог на еден или друг кандидат“, изјави покраинскиот премиер на Северна Рајна Вестфалија, Армин Лашет пред почетокот на денешното заседание на ЦДУ. „Тоа е процес кој ЦДУ одамна не го има доживеано и тоа ѝ годи на партијата“, вели Лашет.
Двајца од кандидатите седат на масата на денешното заседание во Берлин: генералната секретарка на ЦДУ, Анегрет Крамп-Каренбауер и министерот за здравство Јенс Шпан. Фридрих Мерц, третиот кандидат кој има добри изгледи во трката за наследник на Меркел, не е на седницата поради тоа што не е дел од раководството на ЦДУ.
Кандидати со најдобри шанси?
Без оглед за кого и да се работи, станува збор за одлука за правецот во кој оди партијата. Генералната секретарка често се нарекува Меркел 2.0, под нејзино раководство во партијата ќе се сменат најмалку работи. Но нели по загубите на изминатите неколку избори, ЦДУ треба наново да се позиционира? Тоа го бараат Јенс Шпан и Фридрих Мерц. Двајцата се критичари на Меркел, може да се наречат јасни противници на канцеларката.
Глупавото е што ставовите на двајцата се многу слични. Двајцата конзервативци згора на тоа доаѓаат од ист покраински огранок, имено - Северна Рајна Вестфалија. Со тоа двајцата си се најголема конкуренција. Најголемата разлика меѓу нив е возраста и ставот кон бегалците. 62-годишниот Мерц предупредува дека повод за загриженост е „стравот од преголем број странци“ и од развојот на криминал кој постои кај германското население, но во основа тој нема проблем со, во моментов, нискиот број на бегалци.
38-годишниот Јенс Шпан во долго интервју за „Велт ам Зонтаг“ пак, зазема дистанца од Пактот за миграција на ОН. „Важно е Германија да ја задржи својата сувереност за контрола на миграцијата, да може да управува со неа и да ја ограничува“, вели Шпан.
Кој ќе победи во трката за наследник на Меркел во моментов е сосема отворено. Тоа се должи и на фактот што раководните функционери во ЦДУ сѐ уште не заземале став за овој или оној кандидат. Потпретседателот на демохристијаните Томас Штробл пред денешната седница на раководството на партијата изјави дека ЦДУ во моментов остава впечаток како да е „практично разбудена“. „ЦДУ живее“, вели Штробл. По овој процес, партијата „се надевам ќе стои подобро отколку денес“, изјави тој.
Заседаваат и социјалдемократите
На нов почеток се надеваат и социјалдеморкатите. Но, тие на седницата на раководството не разговараа за кандидати, колку за концепти. По катастрофалните резултати на покраинските избори во Баварија и Хесен, одржани на средината и крајот на октомври, шефицата на СПД, Андреа Налес, е соочена со крш. Во истражувањата на јавното мсилење партијата е на дно и на сѐ помалку граѓани им е јасно - за што всушност се залага СПД?
Налесво април годинава беше избрана за нова шефица на СПД со ветувањето дека, од една страна, ќе ја обнови партијата, а од друга страна - ќе владее „добро“ во коалицијата со ЦДУ и ЦСУ. Толку добро штпо повтроно ќе со врати избирачкото тело. Шпага која не успеа. Напротив, СПД е во слободен пад. Оттука, сѐ повеќе луѓе во партијата бараат напуштање на големата коалиција со ЦДУ и ЦСУ, која уште од почетокот не беше омилена. А, не е мал и бројот на оние кои бараат оставка на целото раквоодство на СПД.
Налес на критиките се спротивставува со контранапад. За „Зиддојче цајтунг“ рече дека ја води СПД со сета своја „сила, страст и увереност“. „Ако некој мисли дека може побрзо или подобро, нека се јави“, изјави Налес. Налес сака по секоја цена да избегне одлука за предвремено одржување на партискиот конгрес на СПД, кој е планиран за крајот на 2019 година, како што бара лидерот на младите социјалдемократи, Кевин Кинерт. Зашто ако тоа се случи, не само што порано ќе се расправа за политичката иднина на Налес, туку ќе се одлучува и за иднината на големата коалиција.
СПД нема време за чекање
Наместо тоа, шефицата на СПД сака да разговара за содржински прашања и за забрзување на процесот на обнова на партијата. Наместо на крајот на 2019 година, веќе на почетокот на наредната година би требало да биде одлучено каде сака да оди партијата во програмска смисла. Налес заедно со генералниот секретар на СПД, Ларс Клингбајл, има изработено каталог со барања кои ќе им ги достави на ЦДУ и ЦСУ, а во кој се набројани задачите на владата со прецизен рок до кога треба да бидат завршени. Шефицата на СПД сака тој каталог да биде договорен со Унијата што побрзо. Со оглед на лошата состојба на СПД, шефицата на партијата не сака да чека додека не биде избран наследник на Меркел во ЦДУ. Демохристијаните се свесни за тоа. „Нема да заборавиме дека со Германија во меѓувреме мора и да се владее“, изјави вицепретседателот на ЦДУ и сојузен министер за економија, Петер Алтмајер.