1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каков печат остави Ангела Mеркел на ЦДУ?

Кристоф Хаселбах
7 декември 2018

Ангела Меркел 18 години беше на врвот на ЦДУ. Сега се повлекува од лидерското место во партијата. Како таа ги промени демохристијаните? Дали ЦДУ ќе остане на курсот на Меркел, или ќе фати нов правец?

https://p.dw.com/p/39ZZZ
Deutschland | Wahlwerbung CDU
Фотографија: picture-alliance/dpa

ЦДУ на почетокот на 2000-та: умерено конзервативна партија во која доминираат мажи, по малку здодевна, но и државничка и водена од јасни принципи. Политикологот Оскар Нидемајер ја опишува како партија за која либералната економска политика е најгоре на агендата, како и конзервативно-христијанските вредности за луѓето. Самоуверената ЦДУ во тоа време беше во криза. Доживеа тежок изборен пораз од СПД. Хелмут Кол ја зеде во својот кабинет младата Ангела Меркел од Источна Германија, јавноста ја нарекува „девојчето на Кол“. Но, таа брзо се еманципира. И многу повеќе од тоа: среде аферата за партиски донации, Меркел се дистанцира од својот политички ментор преку отворено писмо до јавноста. Неколку месеци подоцна го презема раководството на партијата. Таа е Германка од Истокот, протестант, разведен доктор по природни науки и во тоа време делува како туѓо тело во Коловата ЦДУ.

Повеќе:Изморената Ангела Меркел

Еден од оние кои тогаш беа критички настроени кон нејзе е и Фридрих Мерц, еден од кандидатите кои денес имаат големи шанси да ја наследат на функцијата претседател на ЦДУ. Тој е дел од серија ривали кои уште тогаш се сметаа себеси за подобар избор, а меѓу нив е и Волфганг Шојбле. Меркел пак, сите ги маргинализираше. Кога во 2005-та се кандидираше за канцелар, никој веќе не можеше да ја засени. Меркел покажа цврст став кога се работеше за демонстрирање моќ. Нанадвор пак, настапот ѝ е смирен и одмерен. Кол беше на чело на ЦДУ 25 години, Меркел повеќе од 18. Нидермајер зборува за „ерата Меркел", како што вели „не толку заради времетраењето, колку заради печатот што го остави во партијата поместувајќи ја економски и општествено-политички кон лево“.

Helmut Kohl und Angela Merkel
Меркел се дистанцираше од КолФотографија: picture-alliance/dpa/A. Altwein

Партиски шеф кој донесе пресврти

Многу од промените што ги донесе Меркел ќе беа незамисливи со Кол, иако на почеток таа не важеше за надарен креатор. Честопати ѝ се префрлаше дека предолго тактизира и одолговлекува, наместо да пресекува. Потоа стана јасно дека Меркел за важните прашања одлучува тивко и без да допушти партиска дебата. Изненадување приреди за повеќе теми, како на пример во 2010-та, кога важеше за штедлива „домаќинка". Среде финансиската криза исклучи финансиска помош за презадолжената Грција. Но, кратко потоа даде согласност за првиот голем пакет помош за Атина, по што следеа уште два други. Еврото и единството на Европа станаа нејзини доминантни теми. Во 2011-та Меркел важеше за поддржувач на атомската енергија, но по страшната атомска несреќа во Фукушима наеднаш го смени својот став и коалицијата донесе одлука за прекин на користење ваква енергија. Во 2013-та се изјасни против двојното државјанство, кое го воведе црвено-зелената владина коалиција, но во 2017-та го бранеше решението "-„двојни пасоши“ и против желбата на нејзината партија.

Во 2015-та, за време на бегалската криза, Меркел беше сигурна дека ќе се најде излез, иако во 2004-та велеше дека мултикултурното општество „пропаднало". Отворањето на границите за бегалците до ден денешен ја дели партијата на два табора. Меркел долго време беше противник на истополови бракови, но кратко пред изборите во 2017 -та го отвори патот за гласање во Бундестагот без притисок од пратеничката група. Гласањето заврши со усвојување на т.н. брак за сите.

Deutschland Angela Merkel Kanzlerin der Flüchtlinge
Отворањето на границите за бегалците до денес ја дели партијата на два табораФотографија: Reuters/M. Djurica

Нови теми и позиции

Меркел ја помести ЦДУ кон политичкиот центар и делумно со тоа успеа да добие и политички поени. Од помош се покажаа неколку теми кои традиционално беа предмет на залагањата на СПД или пак на Зелените, но Меркел неочекувано ги присвои за ЦДУ. Еден пример е семејната политика, бидејќи под Меркел се воведе правото на место во дневно престојувалиште за деца, како и надоместокот за родители. Со тоа Унијата на изборите во 2013-та доби повеќе од 40 проценти гласови, цифра која денес е далечен сон. Кај конзервативните гласачи Меркел успеа да добие поддршка и преку еколошки и општествени теми. Тешка поделба меѓу демохристијаните предизвикаа миграциската и политиката за азил. Многумина бараа горна граница за баратели на азил и бегалци од воени подрачја, но Меркел беше против. „Тука имаше свое гледиште и го наметна и покрај сиот отпор и критиките“, вели Оскар Нидермајер.

Таквиот став ЦДУ ја чинеше многу гласови на изборите во 2017-та година. И предвременото повлекување на Меркел од претседателското место во партијата се базира на спорната миграциска политика. Денеска сите нејзини моќни наследници се дистанцираат од таквата политика на Меркел.

„Сепак, кога ќе се сведе билансо, ерата Меркел за ЦДУ беше многу успешен период“, вели политикологот Вернер Пацелт, кој самиот е член на ЦДУ. Но, тој период е „малку засенет поради ригидниот став на Меркел кон крајот на владеењето и тоа што не ја согледа најголемата опасност за ЦДУ, порастот на партијата позиционирана подесно од неа“, односно на АфД.

Thüringen Hessen - CDU-Regionalkonferenz
Можни наследници на Меркел: Фридрих Мерц (л.), Анегрет Крамп-Каренбауер, Јенс Шпан (д.)Фотографија: picture-alliance/dpa/arifoto UG/M. Reichel

Отворена партиска култура

Промените од ерата Меркел можеби најдобро се читаат на изборот на нејзиниот наследник, со оглед на тоа дека има дури тројца сериозни кандидати. Има и други кои сега се појавуваат против нивната доскорешна шефица, што за ЦДУ е новитет. Хелмут Кол на изборите во 1998-ма година дури не чекаше ни номинација од партијата, туку се самопрогласи за кандидат за канцелар. ЦДУ денес е очигледно поотворена и повеќеслојна партија и го отсликува општеството кое исто така станува сѐ похетерогено.

Повеќе: Дали се потценува „девојчето на Меркел"?

Во ЦДУ моментално владее копнеж по јасните и конзервативни позиции. Но, „времето не се враќа назад, без разлика кој и да ја наследи Меркел", вели Нидермајер. Политикологот смета дека „тоа воопшто не е можно“ и додава: „Тоа и никој не го сака.“ Прашањето во најдобар случај е „дали сѐ ќе продолжи како и досега, или пак ќе има умерена корекција на курсот“. По времиња како во ерата на патријархот Хелмут Кол се чини дека мнозинството во партијата воопшто не жали.