1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Цели села на продажба во Италија

Н.Коп/С.Недевски23 ноември 2014

Од 2008. година наваму, откако Италија страда од економската криза, сонот за сладок живот на Медитеранот станува јаве за илјадници странци. Некои си купија станови, некои куќи, а некои дури и цели села.

https://p.dw.com/p/1Dl7n
Фотографија: DW

Селото Фигине во Тоскана: Јужноафриканецот Макс Алфејн има многу причини да биде горд: Тој не само што има тука куќа, туку целото село е негово - заедно со замокот. Ова место го откри пред 18 години.

„Тоа беше заспана убавица. Замокот беше обраснат со бршлен, но можеше да се види колку е убав и што се’ може да се направи од таа руина“, објаснува Алфејн

Селото Фигине беше запуштено, речиси сите куќи беа без покрив, тука живееше само едно семејство. Макс Алфејн изврши комплетно реновирање. Овој милионер не сака да зборува за трошоците - наводно станува збор за 800.000 евра само за руините. Тој само сакал да го оствари својот сон.

„Бевме во потрага по историско место и тогаш го најдовме замокот Фигине, кој нуди се’ што треба да знаете за Италија од средината на 11. век.“

Градоначалникот Марко Герардини и неговите соработници од местото Палаја во Тоскана премногу добро знаат што се случува со некое село, ако во него не се вљуби богат странец. Маалото Тојано, кое се наоѓа на врвот на рид, исто така постои уште од Средниот век. Тука веќе никој не живее. Оние кои поседуваат нешто тука, сакаат да го продадат. Куќа чини 100.000 евра, реновирање би чинело уште околу 400.000 евра - да се купи значи вложување во неизвесно.

„Тојано е напуштен уште во 60-тите години, кога во соседните градови се досели индустријата. Еден од најголемите работодавачи беше фабриката за веспи Пијаџо- симбол на италијанската долче вита. И така многу семејства се иселија од Тојано“, вели Герардини.
Професорот по архитектура Адо Франкини се бори за спасување на Тојано. Напуштени села, вели тој, има во цела Италија. Но премногу често бирократијата се поставува како голема пречка за нивното реновирање.

„Дури и ако имате прекрасен градежен проект, во Италија прво мораат да го одобрат 5 институции: заштита на споменици, државата, областа, општината, Агенцијата за животна средина - сите тие претходно мораат да ги проверат плановите. А за тоа ви е потребно многу време - и многу трпение.“, објаснува Франкини.

Села на понуда - меѓу другото и затоа што се профитабилна инвестиција? Туристите во Фигине му носат на Макс Алфејн мал приход, но тој вели дека тие малку евра воопшто не му се важни: „Ова нема врска со профит. Беше уживање да се реновира селото, и вредеше; овде профитот не играше никаква улога.“

Во Италија има многу напуштени села со таква историска вредност. Макс Алфејн имаше среќа да пронајде едно од нив, но и доволно пари да го купи.