1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Цените на храната во Германија се сѐ повисоки

Ерих Рајман (дпа)
30 април 2018

Борбите за што пониски цени на храната во Германија попуштија. Потрошувачите сега мора да бркнат подлабоко во џебот, а веројатно така и ќе остане.

https://p.dw.com/p/2wYqe
Deutschland Vorräte Einkaufswagen
Фотографија: picture alliance/dpa/J. Stratenschulte

Сеедно дали се работи за млеко, јајца или овошје - многу прехранбени намирници поскапеа значително во изминатите 12 месеци. Зголемувањето на цените од речиси 3%, според наводи на Сојузниот завод за статистика, е речиси двојно поголемо од стапката на инфлација. Причина за тоа - времето на големите снижувања е минато.

„Борбата за што пониски цени во германската трговија со прехранбени намирници е минато“, вели Матијас Квек од групата за анализа во „Весник за прехранбени намирници“. „Во моментов ниту дисконтите ниту супермаркетите немаат интерес да настапуваат непотребно агресивно во делот на цените.“

Ако намалувањето на цените порано беше голем настан со огласи во весниците на цели страници, денес такво нешто нема. „Снижувањата кои се прават во моментов честопати се чисто хомеопатски. Наспроти тоа, зголемувањето на цените е солидно“, вели овој познавач на браншата.

Така на пример, туната е поскапена за дури 30%. Во продавниците за козметика поскапени се цели групи производи. Тоа ги спречува потрошувачите да се префрлат на друг, поевтин производ.

Preisschilder in einem Lidl-Discounter
Борбата со ниски цени е минатоФотографија: picture-alliance/dpa/M. Murat

Експертот Квек не мора долго размислува околу причините за крајот на борбата со цени. „Тоа делумно едноставно се должи на тоа што потрошувачите се подготвени да потрошат повеќе, затоа што повеќе заработуваат.“

Дека многу потрошувачи се подготвени да потрошат повеќе покажува и актуелната студија на институтот за истражување на пазарот - ГфК. Според нејзе, потрошувачите во меѓувреме почесто си дозволуваат „мал луксуз“ со тоа што почесто од нормално посегнуваат по поскапи производи, сеедно дали се работи за купување храна или козметички производи. Тоа, меѓутоа, не значи дека купувачите не го регистрираат зголемувањето на цените. Според наводи на претпријатието за истражување на пазарот „Нилсен“, во меѓувреме 74% од потрошувачите имаат чувство дека цените на прехранбените намирници се зголемуваат. За споредба - пред една година само 59% потрошувачи имале чувство дека работите поскапуваат. Половина од купувачите тврдат дека веќе реагираат на зголемувањето на цените со тоа што чекаат специјални поевтини понуди или купуваат поевтини марки.

Supermarktregal
​Потрошувачите купуваат почесто поквалитетни и поскапи производиФотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg

Квек смета дека наскоро нема да има повторно огорчена броба за што пониски цени. „Сѐ додека стапката на пораст во прехранбената трговија е висока како во моментов, претпријатијата немаат причина да ја потпалуваат конкурентската борба со пониски цени“, смета тој. Конечно, големиот пораст во трговијата со храна во Германија изминатата година, според ГфК, се должи пред сѐ на две работи - подготвеноста на потрошувачите да купуваат почесто поквалитетни производи и зголемувањето на цените.

Повеќе: Малите тајни на големите германски супермаркети

Сепак, тоа не зачи дека се купувале и поголеми количества производи. „Побарувачката во количество стагнира веќе долго“, велат до ГфК. Оттука, доколку повторно заживее борбата со ниски цени, меѓу трговците ќе има повеќе губитници отколку добитници.

Сликата за потрошувачите е сосема поинаква. „Трговијата одамна се чука в гради дека никаде во Европа прехранбените намирници не се толку поволни за потрошувачите како што е тоа во Германија. Не сум сигурен дека тоа и навистина е така“, оценува Квек.