Ципрас: без оглед на политичката цена, работиме на решение
30 мај 2018Целта на Грција е да ја врати својата водечка улога на Балканот, аргументираше грчкиот премиер Алексис Ципрас објаснувајќи зошто инсистира на изнаоѓање решение за деценискиот спор околу името со Македонија.
„Не се осврнуваме на политичката цена, и работиме на решение“, рече Ципрас додавајќи дека „веруваме оти на тој начин ќе ја вратиме водечката позиција на Балканот“.
Евентуалното решение на спорот, според Ципрас, ќе има пошироки позитивни ефекти не само на геополитички план, туку и за економијата и претприемништвото. „Решението ќе води кон процеси кои ќе создадат нова динамика за развој и соработка со сите земји во регионот, а во истовреме ќе ги запре економските и политички аспирации на други земји како Турција“.
Колку имиња се на маса?
Грчкиот весник Катимерини денеска пишува дека според официјалните грчки извори, на масата останале само три имиња од пакетот што го предложи посредникот Метју Нимиц: Нова, Горна и Северна Македонија.
Но, според неофицијални извори на весникот, двете страни разговараат и за уште едно име, кое засега не се открива, но кое би можело да ги задоволи и Скопје и Атина.
Извори во Грција потсетуваат дека и пред обзнанувањето на предлогот „Илинденска Македонија“, официјални грчки владини кругови тврделе дека нема други имиња на масата за преговори освен оние предложени од Нимиц.
Македонскиот премиер Зоран Заев денеска одби да коментира дали договорениот предлог е Северна Македонија, како што шпекулираа медиумите и во Македонија и во Грција, ниту пак сакаше да каже дали „Илинденска Македонија“ останува на преговарачката маса.
Новина е што Заев потврди оти планот е евентуалниот договор со Грција да се изгласа во македонскиот парламент со просто мнозинство, по што Атина со писмо би го информирала НАТО дека се согласува земјата да добие покана за членство на Самитот во јули. Референдумот во Македонија би се одржал дури потоа.