1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ципрас во потрага по сојузници

Јанис Пападимитриу / Зоран Јордановски2 февруари 2015

Грчкиот премиер Ципрас има намера да формира широка европска коалиција против политиката за штедење. На тура низ Европа тој агитира за промена на курсот на континентов. Но, тоа не е едноставно.

https://p.dw.com/p/1EUWO
Фотографија: Reuters/Yiannis Kourtoglou

Алексис Ципрас е свесен дека не може самиот да води нови преговори за грчкиот долг. Во Атина и натаму го бараат вистинскиот тон: откако министерот за финансии Јанис Варуфакис во петокот (30.01. 2015) грубо ја откажа соработката со Тројката од претставници на ЕУ, ММФ (Меѓ. монетарен фонд) и ЕЦБ (Евр. централна банка) и предизвика збрка во светот, шефот на владата Ципрас користи помирлив тон и објави дека се залага „за решение кое во иста мера ќе донесе предности за Грција и за Европа“.

Варуфакис, по средбата со францускиот колега по функција Мишел Сапен во саботата (1.февруари 2015) во Париз, се искажа категорично против некаков конфликт на интереси меѓу Северот и кризниот Југ на Европа. Тој уверуваше дека во преговорите Атина ќе седи на иста страна на масата со Париз или Берлин, а на спротивната страна ќе биде „заедничкиот проблем“. Во таа смисла тој со задоволство би се сретнал и со германскиот министер за финансии Шојбле. Во предизборната кампања тоа звучеше сосем поинаку: левичарската влада би го „скинала меморандумот за политиката за штедење“ и „диктатот од Берлин за штедење“ решително би го отфрлила, зборуваа водечките политичари од Сириза. Атинскиот неделен весник „То вима“ и натаму смета дека „Ципрас е во војна против Меркел и конзервативна Европа“ и прогнозира „слом пред компромис“.

Се бара подршка од Франција и Италија

Потенцијални партнери за неговата претпоставена алијанса против политиката за штедење премиерот гледа првенствено во Франција и Италија. Никос Папас, државен министер и најблизок човек од доверба на Ципрас, за атинската телевизија „Мега“ најави дека премиерот во наредните денови ќе ги посети Кипар, Италија и Франција. Таа стратегија наскоро ќе донесе плодови, верува Папас: „Ќе ги искористиме сите можности за да воспоставиме контакти и да коваме алијанси“.

Ципрас инвестира во прв ред во алијанса со францускиот претседател Франсоа Оланд, пишува новинарката Димитра Крустали во „То вима“. Тој, имено, е под толку силен притисок од страна на десната популистка Мари Ле Пен, што не е можно да одбие некое компромисно решение за Грција, објаснува новинарката.

Alexis Tsipras in Zypern Nicos Anastasiades Ankunft
Ципрас и Анастасијадис денеска во НикозијаФотографија: Reuters/Yiannis Kourtoglou

Но, првата посета во странство Ципрас ја направи на Кипар. Тоа е речиси традиција за секој новоизбран грчки премиер. Па сепак, ова патување има и една посебност: левичарскиот политичар, се чини, има намера да агитира кај конзервативниот кипарски претседател Никос Анастасиадис за помош во отпорот против политиката за штедење. Таква подршка од Анастасиадес изостана за претходниот грчки премиер Самарас, иако се политички истомисленици. Ако тој и сега задржи резервиран став, тоа веројатно ќе предизвика жива внатрешнополитичка дискусија во Никозија. „Некаква модификација на условите за враќање на долгот за Грција би имала позитивно влијание и врз другите високо задолжени земји на ЕУ, кои потоа би барале слично решение и за себе“, вели Ставрос Томбазос, професор на универзитетот во Кипар, во разговор за дневниот весник „Филелефтерос“.

Студен однос на Шпанија спрема Сириза

Ципрас во моментов нема голема подршка од Иберискиот полуостров. Шпанската влада на десниот центар категорично се дистанцира од барањата на Сириза. Министерот за финансии Луис де Гиндос напомена дека неговата земја веќе и’ помогнала на Грција со 26 милијарди евра. И португалскиот министер Педро Пасос Коелјо зазема одбивачки став. Поддршка, пак, грчкиот премиер добива од шпанската левичарска партија на незадоволните граѓани „Подемос“ („Можеме“), која е шпанска варијанта на Сириза и во моментов води во многу анкети на јавното мислење. Двете партии негуваат блиски односи: Ципрас беше на основачкото собрание на Подемос, додека нејзиниот шеф Пабло Иглесиас присуствуваше на завршниот предизборен митинг на Сириза. Охрабрен од успехот на Сириза во Грција, Иглесиас се надева дека и Шпанија на парламентарните избори во ноември годинава ќе направи свртување в лево.

Alexis Tsipras mit Pablo Iglesias
Ципрас и Иглесијас (архива)Фотографија: Getty Images/P. Blazquez

Во таков случај грчката левичарска партија веројатно ќе има важен партнер во алијансата против политиката на штедење. Но, изгледа како Подемос во последните денови да прави одредена дистанца кон грчките соистомисленици: „Ние одржуваме одредено растојание меѓу нас, оти ситуацијата во Грција и во Шпанија е различна. Шпанија е посилна и може подобро да реагира (на кризата)“, изјави Ињиго Ерехон, потпретседател на Подемос за весникот „Ел паис“.