1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција предлага мерки што прво ги одби на референдум!

З. Јордановски / дпа/ртр10 јули 2015

Во замена за натамошна финансиска помош од ЕУ, Грција сега предлага реформи кои претходно народот ги одби на референдум. Во Германија воздржаност, во Франција силна поддршка за грчкиот предлог.

https://p.dw.com/p/1FwIb
Фотографија: picture-alliance/dpa/L. Dubrule

Грција бара нов пакет за помош од Евроскиот механизам за стабилност (ЕСМ) во износ од 53,3 милијарди евра. Предлогот на реформски мерки, што има намера да ги преземе грчката влада за да може да добие натамошна финансиска помош од ЕУ и да остане во еврозоната, содржи многу од реформите што го бараа доверителите, а кои Грците ги одбија на референдум! Инаку, со нив севкупно би била постигната заштеда од околу 12 милијарди евра.

Сепак реформи на данокот и пензиите

Во грчкиот предлог стои дека примарниот буџетски суфицит, без трошоците за камати за кредитите, годинава треба да изнесува 1 процент од БДП (брутодомашниот производ), во наредната два, во 2017 три и во 2018 година 3,5 проценти. Овој таканаречен примарен суфицит е важен оти од него може да се согледа способноста на една земја да ги враќа долговите.

Реформата на данокот на додадена вредност треба да донесе во државната каса 1 процент од БДП. Општата даночна стапка од 23 проценти треба да важи и за рестораните. Но, за хотелите, основните прехранбени средства, енергијата и водата ќе важи стапка од 13 проценти. За книги, театар и лекови грчката влада предлага стапка од 6 насто. Владата предлага и до крајот на наредната година да го укине повластеното оданочување на островите, но тој „попуст“ од 30 проценти би останал во сила за најзафрлените острови.

Euclid Tsakalotos
Што стои во предлогот на Грција?Фотографија: picture-alliance/dpa/L. Dubrule

Според владиниот предлог, треба да бидат укинати разни даночни повластици за земјоделците - меѓу нив и за дизел-горивото. Планирано е укинување на повластиците и покачување на данокот и за трговската морнарица. Данокот за претпријатијата треба да се покачи од 26 на 28 проценти, а данокот на луксуз од 10 на 13 проценти. Тоа треба да се однесува и на јахти подолги од пет метри.

Со зафати во пензискиот систем треба годинава да се заштедат 0,25 до 0,50 проценти од БДП, а догодина 1 процент. До 2019 година треба да бидат укинати посебните додатоци за пензионери со ниски приходи. Во пензија генерално најдоцна до 2022 година ќе се оди на 67-годишна возраст. Кој има регуларен стаж од 40 години, сепак ќе може да се пензионира и на 62-годишна возраст. Пензискиот систем севкуно треба да се поедностави и да се воспостави поблизок сооднос помеѓу придонесите и висината на пензиите.

Побуна во Сириза, поддршка од опозицијата?

Владата се обврзува и на натамошна приватизација на државните претпријатија, како пристаништето во Пиреја, или регионалните аеродроми. Државата ќе се откаже од својот удел и кај претпријатието за мобилна телефонија ОТЕ.

Понатаму, стопанските области кои досега беа посебно заштитувани, треба да бидат отворени за конкуренција. Трошоците за одбраната треба годинава да бидат намалени за 100, а догодина за 200 милиони евра, а ќе биде намалена и бројката на вработените во сферата на одбраната.

Премиерот Алексис Ципрас побара вонредна седница на парламентот за одобрување на овој реформски предлог. Грчкиот парламент ќе заседава вечер. Во левото крило на Сириза, партијата на Ципрас, има жесток отпор кон овие мерки и направените отстапки спрема доверителите. Пратениците ќе гласаат според совеста, без партиски притисок. Сепак, во Атина владее уверување дека тие во парламентот ќе ги добијат неопходните 162 гласа од вкупно 300 пратеници, оти и опозицијата ќе ги поддржи.

Германски реакции: „Или грчката влада го мами својот народ, или пак нас!“

Целокупниот реформски пакет што го предложи грчката влада денеска ќе биде разгледан од страна на институциите (поранешната Тројка), а со него утре ќе се занимаваат министрите за финансии од еврозоната. В недела во 16 часот прво ќе се одржи средба на шефови на држави или на влади на земјите од еврозоната, а потоа, од 18 часот е закажан вонреден самит на целата ЕУ. Иако неименувани високи функционери на ЕУ навестуваат дека самитот не е потребен ако претходно се постигне согласност во врска со грчкиот предлог, од кабинетот на германскиот канцелар Меркел беше нагласено дека самитот е нужен во секој случај.

EU Gipfel zu Griechenland in Brüssel
Меркел реагира воздржано во однос на грчките реформски мерки (на фотографијата со грчкиот премиер Ципрас на ЕУ-самитот на 25 јуни)Фотографија: Reuters/Y. Herman

Меркел реагира воздржано во однос на грчките реформски мерки и и натаму е категорично против класичен отпис на грчкиот долг. Во редовите на нејзините партии на Унијата, ЦДУ/ЦСУ, предлогот наидува на скепса, особено затоа што тој го содржи она, против што владата на Ципрас жестоко се бунеше. „Постојат две можности: или грчката влада го мами сопствениот народ или пак повторно нас“, прокоментира потпретседателот на фракцијата на ЦСУ Ханс-Петер Фридрих, поранешен сојузен министер за внатрешни работи. Кај германските социјалдемократи грчкиот предлог повеќе предизвика одобрување.

Во Европа предлозите ја подгреаја надежта за постигнување согласност со Грција, иако провејува и скепса. Најгласни и најсилни поддржувачи на Грција остануваат Французите.