Ципрас до ЕУ: Бидете храбри како Северна Македонија
3 октомври 2019„Одлуката на Европскиот совет ќе покаже дали Унијата може да биде храбра како и младата, динамична балканска држава која чука на нејзината врата“, пишува поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас во колумната за угледниот Фајненшл тајмс.
„Изборот ќе биде дали да се закотват Северна Македонија и Западниот Балкан цврсто до ЕУ, или да се ризикува да се фрлат во нова криза и да се даде сигнал дека болните реформи не се наградуваат.
Одлуката на ЕУ, која веќе еднаш беше одложена во јуни, ќе биде суштинска не само за земјата и за регионалната стабилност, туку ќе кажува многу и за самата Европа, за нејзината веродостојност и за нејзините заложби“, наведува поранешниот грчки премиер.
„ЕУ има шанса да докаже дека е самоуверена сила која придонесува за мир и економски развој. Одлуката да се започнат преговори за членство ќе биде силен одговор кон силите кои сакаат да ги фрлат Европа- и Балканот- назад во национализам, унилатерализам и поделби.“
Цитирајќи го Извештајот на Европската комисија од 2019 година, Ципрас пишува дека
„Северна Македонија ги исполни обврските во однос на правата на малцинствата, придонесе за добрососедски односи и регионалната стабилност и спроведе реформи во делот правосудството, јавната администрација и борбата против организираниот криминал“.
„Во овој клучен период, позитивната одлука од страна на ЕУ јасно ќе им сигнализира на луѓето од Европа, Балканот и пошироко дека спроведувањето на храбри реформи, отфрлањето на национализмот и компромисноста при надминување на разликите врз база на меѓусебно почитување е вредно.
Периодот во европската историја кога Балканот беше катализатор на поделби и војни заврши. Време е нашиот регион да стане катализатор на мирот. Тој може да биде симбол на европската визија и сила која му е потребна на нашиот заеднички проект денес, повеќе од било кога“, напиша Алексис Ципрас во ФТ.