1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ципрас - меѓу цврстината и чувството за моќ

Панајотис Купаранис/ Ж.А.6 јули 2015

Грчкиот премиер Алексис Ципрас го титулираат како леворадикален и непредвидлив. Ако се погледне неговиот животен и професионален пат, паѓа в очи: Ципрас е способен за себепромена.

https://p.dw.com/p/1Ft4V
Фотографија: picture alliance/ZUMA Press/A. Vafeiadakis

Се навраќаме на 1990. година: во студиото на приватната телевизија АНТ1 во Атина седат една од најпознатите новинарки на Грција и 16-годишен ученик . Во тек се жестоки ученички протести, а гимназијалецот е еден од нивните водачи. Едночасовната емисија носи наслов „Тет-а-тет“, а Ана Панајотареа се труди да дознае што сакаат младите. Нејзините прашања не се едноставни, но соговорникот одговара многу самоуверено. На крајот на емисијата, новинарката, видливо импресионирана, на својот гостин му рече: „Алексис, кога по 20 години повторно ќе се сретнеме, ти ќе бидеш премиер на земјата.“

Новинарката се прелагала за четири години, Алексис Ципрас стана премиер „дури“ на 40 години.

„Симпатичниот“ Алексис

Ципрас е роден на 28. јули 1974. година, четири дена по крајот на воената диктатура. Неговиот татко, градежен претприемач, бил гласач на Пасок. Сестрата и братот, двајцата постари од него, биле членови на младинската организација на Комунистичката партија. Алексис и‘ пристапил исто така, на 16 години. Истовремено, тој бил страствен навивач на Панатенаикос Атина. Оди ли тоа едно со друго - млад комунист и навивач на фудбалски клуб на политичкиот и економскиот естаблишмент?

Griechenland Athen Tsipras im TV Studio Interview
Ципрас е чест гостин на телевизиски емисииФотографија: picture-alliance/AP Photo/T, Stavrakis

Како што ќе признае подоцна Ципрас, дел од неговата социјализација тој ја доживеал на трибините на фудбалскиот клуб. Во 2009 година тој одбил изградба на трговски центар на планираната локација за нов стадион. Градбата пропаднала, а на Ципрас му била одземена поканата за прославата на 100-годишнината од фудбалскиот клуб. Велат, тоа длабоко го погодило. Тука доаѓа до израз неговата решавачка карактеристика: додека во јавноста за него владее слика на примерен и умерен човек, Алексис Ципрас знае да покаже и друго лице. Неговите партиски пријатели, исто колку и политичките противници, често имале прилика да доживеат колку жестока може да биде реакцијата на љубезниот и навидум безопасен Алексис. Но, Ципрас има и силен квалитет -стоицизам. Подбивањата, навредите кои често како млад имал прилика да ги слуша од „докажаните“ политичари, едноставно се одбивале од него. Тој сфатил дека меѓусбните напади пред телевизиски камери се дел од политичкиот бизнис. По гаснењето на студиските светла, доаѓа до намигнување под мотото -прифати го тоа спортски.

Прагматичарот Алексис

Ципрас не е догматичар. Тој докажа дека е способен за себепромени. Необјасниво е поинаку што Сириза во текот на само неколку години речиси четирикратно го зголеми својот изборен резултат. Дали тој има убедувања? Ако ги има, се чини не го спречуваат да се приспособи на променетите услови. Зашто, Ципрас е пред се‘ прагматичар. Кратко откако во 2008 година стана претседател на партијата, без криење во едно интервју призна дека неговата партија во никој случај не е владина алтернатива. Кога кратко потоа изби должничката криза, како последица на што етаблираните партии Пасок и Нова демократија се‘ повеќе тонеа во проблеми. Ципрас ја почувствува својата шанса.

Прво, од организациониот сојуз Сириза, жестоко потресуван од судири, во 2012 година оформи хомогена партија. За лево-социјалистичка мала партија со четири проценти е важна антикапиталистичката реторика заради збивање на редовите на приврзениците. Но, за да се отвори патот кон преземање на владата, во ЕУ-членката Грција потребни се пазарно комфорни позиции.

Griechenland Referendum Symbolbild
Сириза стана владејачка партија -Ципрас го препозна моментотФотографија: Getty Images/AFP/A. Messinis

Гласачите масовно итаа кон Сириза. Ципрас знаеше дека овие граѓани не сакаат промена на системот, туку подобро реформски ориентирана владина политика. Партијата ја презеде владата, без притоа да го заврши внатрепартискиот процес на приспособување. Процес кој е нужен за справување со очекувањата на новите гласачи. Најчесто преоптоварено со брзиот од на својот претседател е првенствено левото крило на партијата, кое претставува една третина од членството.

Прикриваните тензии отворено излегоа на површина при преговорите за завршување на вториот кредитен пакет. Левичарското крило на партијата беше вџашено од тоа што Ципрас прифати редица мерки за штедење. Аргументацијата - на гласачите им беше ветено нешто сосем друго. Без оглед на тоа, како и многупати претходно, се случи компромис: ако предлогот на кредиторите биде проследен со ново структурирање на долговите, тогаш во парламентот ќе има поддршка. Но, Ципрас во оваа точка не е сигурен. За да не се изложи на опасноста од изборен дебакл, тој се реши за референдум.

Калкулацијата на Ципрас можеби е следната: ако и се загуби на референдумот, никој не може да ја заобиколи Сириза. Старите владејачки партии Нова демократија и Пасок во очите на гласачите се се‘уште премногу дискредитирани, за на евентуални нови избори да претставуваат сериозна опасност за Сириза.

Но, единствено вистински релевантното прашање, кое Ципрас не може да го одговори, гласи: како ќе се однесуваат денеска кредиторите?