Ципрас најави посета на Скопје
2 март 2019„Ќе бидам првиот грчки премиер кој официјално ќе го посети Скопје“, рекол грчкиот премиер Алексис Ципрас на Економскиот форум во Делфи и споменал дека притоа ќе биде придружуван од бизнис делегација и оти ќе биде формиран висок совет за соработка меѓу двете соседни земји.
Грчкиот премиер зборувајќи за Преспанскиот договор кој го постигна со македонскиот колега Зоран Заев истакнал дека тој претставува дипломатско ремек-дело и оти ќе биде запишано во историјата, бидејќи за првпат на Балканот во едно билатерално прашање постоела политичка волја да се порази национализмот на двете страни.
Повеќе:
-Награда за мир наместо спор околу името
-Заев и Ципрас ѕвезди во Минхен, Вучиќ и Тачи како скарани деца
„Денес Грција и Северна Македонија се соседи кои вложуваат во пријателство, соработка и солидарност и соседи кои дадоа пример не само на Балканот и Европа, туку и во светот“, изјавил грчкиот премиер Ципрас.
На форумот во Делфи учествува и македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров. Меѓу неговите бројни билатерални средби на маргините на форумот, е и онаа со грчкиот ресорен колега Јоргос Картугалос, на која двајцата министри разговарале за проширување на натамошната соработка предвидена со Договорот од Преспа.