Ципрас: нема потреба од предвремени избори во Грција
19 октомври 2018Алексис Ципрас вели дека неговата влада се уште ја има поддршката од мнозинството пратеници во грчкиот парламент. Министерот за надворешни работи Никос Коѕијас беше првата, и неочекувана, жртва на неговата кампања да му се стави крај на деценискиот спор за името со Македонија.
Пред новинарите во Брисел, Ципрас рече дека тој ќе го преземе министерството за надворешни работи се до успешното затворање на процесот за имплементација на Преспанскиот договор, според кој, Македонија треба да го смени своето уставно име во Република Северна Македонија.
Владата на Ципрас во моментов има поддршка од 153 од вкупно 300 пратеници во грчкиот парламент. Неговата партија, левичарската Сириза, далеку заостанува зад опозициската Неа Демократија според последните анкети. Ципрас рече дека и натаму ќе бара совети од Коѕијас во однос на надворешната политика. Тој треба формално да го преземе министерството в сабота.
Коѕијас, пак, синоќа им порача на новинарите да се информираат за причините за неговата оставка директно од премиерот Ципрас. Текстот на оставката е на 9 страници, но досега јавноста немаше можност да го види. Истото денеска го побара и опозициската Неа Демократија.