1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ципрас „спасителот“

Г. Кене / А. Методијев24 мај 2014

Според очекувањата, европските левичарски партии би требало да го зголемат двојно бројот на освоени гласови на изборите за ЕП. Грчката Сириза е надежта на европските левичари.

https://p.dw.com/p/1C4N1
Фотографија: Reuters

На плоштадот во малиот град Каламата бината за Алексис Ципрас е веќе подготвена. Околу неа се насобира народ. На оној кој доаѓа овде му е преку глава од етаблираните партии.

Кога Ципрас конечно стапува на бината, го дочекуваат како спасител. Тој има 39 години, харизматичен е, но непристапен. Кандидат е на европските левичарски партии за функцијата претседател на Европската комисија.

Ципрас прво се пресметува со Европа. Тој остро го критикува штедењето што и' е наметнато на Грција. Последиците за цела Јужна Европа ги нарекува „социјален холокауст", а Ангела Меркел - негова главна противничка.

Во говорот осумпати ја спомена германската премиерка и предупреди од „германска Европа". Оној кој сакаше да слушне за конкретни изборни цели или да постави некои прашања, како ние, таа ноќ остана разочаран. Само што се симна од бината, Ципрас си замина.

Го следиме и во Атина. Тука не се чувствува многу дека се води предизборна кампања за власт во далечниот Брисел. За многу Грци е јасно дека ЕУ е виновна за мизеријата во земјата. Ципрас вети дека ќе ги исфрли финансиерите од ММФ, Светската банка и ЕУ.

Ванеса Кацарди е определена за Ципрас и неговата левичарска партија Сириза. Некогашната универзитетска професорка и мајка на две деца повеќе од две години е невработена. Многу од нејзините колеги одамна заминаа во странство. Според неа, Ципрас е единствениот кој има храброст да се справи со вистински одговорните за кризата.

„Верувам во Европа и сакам да ја променам, да се промени начинот на размислување и таа повеќе да се доближи до луѓето, а помалку до компаниите и банките. Мислам дека со давањето глас за левичарските партии ние ќе и' ја дадеме таа нова ера на Европа“, вели Кацарди.

Alexis Tsipras Syriza Griechenland
Фотографија: AFP/Getty Images

Алексис Ципрас сака да стане грчки премиер на наредните парламентарни избори. Во анкетите е рамо до рамо со конзервативниот премиер Андонис Самарас. За да дојде на власт, Ципрас би коалицирал дури и со десничарски партии, сметаат критичарите.

Ксенија Куналаки, новинарка во дневниот весник „Катимерини“, оценува:

„Несомнено е дека е надарен за политика. Партијата имаше поддршка од три до четири проценти, пред тој да дојде на чело, а сега Сириза е вистинска народна партија со 20, 25 проценти. Слабости, според мене, му се популизмот и опортунизмот".

Во странство Ципрас се претставува како државник, како во еден рекламен филм за него. Но, за разлика од конкурентите, во предизборната кампања тој ги избегнуваше медиумите. Ние го следевме и во преполниот атински театар чекајќи и натаму на договореното интервју. Еден италијански истомисленик пренесе солидарни поздрави. Потоа зборуваше Ципрас, а телевизијата вршеше пренос. Тој повторно ја критикуваше неолибералната политика, која на Грците им предизвикала крварење и болки и посочи на невработеноста во земјата од 30 проценти.

На Европа, како што рече, и' е потребен некој „Њу дил" за праведност. Овде ние сепак можевме да поставиме едно прашање: Што тој конкретно би променил како претседател на Европската комисија?

„Ќе се обидам да свикам европски самит за јавните долгови на европската периферија, по примерот на Лондонскиот самит од 1953 година, кога беа отпишани 60 проценти од јавниот долг на Германија по Втората светска војна. Главна жртва на штедењето и на варварските мерки е демократијата“, одговори тој.

Кандидатот на европската левица Алексис Ципрас всушност има само една единствена цел - да стане премиер на Грција.